Skip to main content

„Џифони Македонија“ им дава глас на младите

Фестивалот „Џифони Македонија“ е посебен затоа што ги става младите во центарот на вниманието, правејќи ги вистински учесници. „Џифони“ се роди во Италија пред повеќе од 50 години, од едноставна но моќна идеја – да им даде глас на младите луѓе преку филмот.

Тоа е посебен момент за младите генерации – да ги откриваат светот и различните култури, да ги споделуваат своите лични погледи на светот и да го хранат својот ум. Фестивалот 13 години се реализира и во Скопје и многу сум горд што италијанската амбасада е меѓу промоторите и поддржувач на организаторот сиве овие години. Заедно сакаме да ви понудиме уникатна можност – да растете, да се вклучувате во меѓукултурен дијалог, преку јазик што е универзален, јазикот на филмот – изјави Паоло Палминтери, амбасадор на Италија во земјава, на отворањето на 13. „Џифони Македонија“ во киното „Фросина“ во Скопје.

На фестивалот ќе може да се гледаат филмови од различни земји, со свои специфични идентитети, но сите со универзални пораки за нашите улоги и одговорности.

„Џифони Македонија“ започна пред 13 години, по иницијатива на г. Клаудио Губитоси, основачот на најголемиот филмски фестивал за деца и млади во светот, кого го очекуваме на завршната церемонија на фестивалот. „Џифони Македонија“ официјално стана тинејџер, а како што вели и годинашната тема „Да се биде човек“, истражуваме што значи да растеш, да го доживееш тинејџерството и да станеш човек. Во петте фестивалски дена ќе угостиме повеќе од 400 члена на жирито од осум различни земји, меѓу кои Италија, Романија, Данска, Швајцарија, Србија, Косово, Црна Гора и, секако, Македонија – вели Анастасија Јуруковска, програмска менаџерка на „Џифони Македонија“.

Јуниорите, кадетите и сениорите имаат можност да гледаат голем број филмови, да учествуваат во работилници поврзани со филмот и да се вклучат во инспиративни разговори преку мастеркласови. Освен гледањето филмови, џифонци ќе можат да учествуваат на разговори на програмата „Креативни младински разговори“ (Creative Youth Talks) со Бојан Василев и Беса Туша, кои ќе ги претстават своите нови кратки филмови.

Фестивалот ќе трае до 1 октомври. Во наредните шест дена Скопје ќе биде домаќин на 400 учесници од Македонија, како и триесетина младинци од седум земји. Младите учесници од другите земји ќе бидат сместени во фамилии кај нивни врсници од Скопје. Сите учесници на фестивалот го сочинуваат жирито, поделено во три категории според возраста: јуниори (од 10 до 14 години), кадети (од 14 до 16 години) и сениори (од 17 до 19 години). Сите проекции на филмови, работилници и содржини наменети за младите учесници на фестивалот се целосно бесплатни.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Агенцијата за филм, Град Скопје, Општина Карпош, „Џифони експириенс“ од Италија, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија во Скопје, Британскиот совет…

Поврзани вести