Skip to main content

ДФРМ му врачи посебна Плакета на легендарниот македонски филмаџија Мане Насков

ИФФК „Браќа Манаки“ / Продуцентот Роберт Насков во име на ДФРМ му ја врачи посебната Плакета на фар мајсторот Мане Насков

За време на 46. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола во чест на јубилејните 75 години од основањето на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), беше врачена посебна Плакета на човекот чиј труд е тивок, а оставил длабоки траги, Мане Насков, фар мајстор.

Зад сјајот на големите филмски имиња секогаш стојат луѓе кои не ја бараат светлината за себе, туку ја создаваат за другите. Фар мајсторот е чувар на кадарот, уметник на техничката прецизност, човекот што прави филмот да дише и сцената да оживее, преку движењето на шини, велат од ДФРМ.

Со ова признание, ДФРМ потврди дека филмот е колективна уметност и дека во историјата на македонската кинематографија секој мајстор има свое заслужено место. Мане Насков со својата преданост и мајсторство стана симбол на таа вистина, истакна претседателот на ДФРМ, режисерот Игор Иванов – Изи.

Наградата ја врачи продуцентот Роберт Насков, внук на Мане.

Вчера имав многу емотивна вечер. Од името на ДФРМ по повод 75 годишниот јубилеј имав чест да му доделам плакета за заслуги во македонскиот филм на човекот кој е најзаслужен што се занимавам со филм, на мојот чичко Мане Насков – првиот фар мајстор во историјата на македонскиот филм. Тој е човекот што кога имав 6 години ме однесе на филмски сет и ме зарази со филмскиот вирус. Да не беше Мане Насков немаше да постои Кино Око и успешните филмови и ТВ сериии на мојата продуцентска куќа. Сега со гордост го носам идентитетот – филмаџија”, објави Роберт Насков во име на Друштвото на филмски работници на Македонија.

Поврзани вести