Skip to main content

Денес ѝ славиме роденден на баба Зумбула, која пред 20 години беше попозната од Бијонсе, Теа Таировиќ и Тејлор Свифт заедно, кажа во видео-обраќањето режисерот на „Бал-кан-кан“ Дарко Митревски

Република / Владо Јовановски; Поминаа 20 години и можам да кажам дека филмот е точен и зрее како старо вино

Денес ѝ славиме роденден на баба Зумбула, која пред 20 години беше попозната од Бијонсе, Теа Таировиќ и Тејлор Свифт заедно. Таа баба на „Бал-кан-кан“ му донесе неверојатна популарност и тој стана најгледан филм во нашата кинематографија со 150.000 илјади продадени влезници и 20.000 илјади легално продадени ДВД примероци“, кажа во видео-обраќањето режисерот на „Бал-кан-кан“ Дарко Митревски.

Со специјална проекција под ѕвездено небо на „Rooftop Open Air Cinema“ во организација на Скопје Сити Мол и Синеплекс и во соработка со Кинотека на Македонија, синоќа беше одбележан големиот јубилеј – 20 години од премиерата на култната македонска црна комедија „Бал-кан-кан“ во режија на Митревски.

Режисерот Митревски кој веќе 18 години живее и работи во Лос Анџелес и чиј филм ги урна сите рекорди на гледаност и обедини актери од Македонија, Србија, Хрватска, Босна, Италија и Словенија со видео порака се обрати до присутната публика од елитната холивудска населба Малибу.

Дарко Митревски, режисер: гламурот и славата се минливи, нашите животи се минливи – само делата се вечни / Република

Приказната за бабата завиткана во тепих не ја измислив јас – тоа беше македонска урбана легенда за некое наше семејство на летување во Бугарија. Кога почнав да го подготвувам филмот, тогашната австриска амбасадорка во Скопје ме убедуваше дека оваа приказна не се случила во Македонија, туку на едно австриско семејство во времето на Студената војна во тогаш комунистичката Унгарија. Подоцна запознав и некои шпански новинари, кои пак ме убедуваа дека тоа е шпанска приказна, која му се случила на некое шпанско семејство во Мароко. За на крај, откако филмот прошета на фестивали и беше дистрибуиран низ светот, да прочитам еден есеј на писателот Габриел Гарсија Маркес кој вели дека постојат приказни кои им припаѓаат на сите народи и за кои сите веруваат дека токму нив им се случиле, па наведува приказна за некоја си баба завиткана во украден тепих која ја слушнал дури во три земји: Виетнам, Аргентина и Русија. Тоа значи дека загубената баба му припаѓа на целото човештво. Единствена разлика помеѓу нивните баби и нашата баба е што нашата има име: се вика баба Зумбула. И таа баба Зумбула пред 20 години во Македонија беше пославна од Бионсе, Теа Таировиќ и Тејлор Свифт заедно. Таа баба на Балканкан му донесе неверојатна популарност и тој стана најгледан филм во нашата кинематографија: со 150.000 илјади продадени влезници и 20.000 илјади легално продадени ДВД примероци“, вели Митревски.

Режисерот во видео пораката порача дека гламурот и славата се минливи, нашите животи се минливи, а само делата се вечни.

фото: Томислав Георгиев

И затоа на баба Зумбула и на Балканкан им посакувам да ни бидат вечни и вековити, кажа Митревски.

На настанот присуствуваше дел од филмската екипа, актерите Владо Јовановски, Ѕвезда Ангеловска, Ирена Ристиќ, Емил Рубен, ѕвездите од К15 – Васко Тодоров и Бранко Огњановски, сценографот на филмот Бујар Муча, костимографката Жаклина Крстевска, менаџерот на локации Роберт Јазаџиски и Зоран Ристески, продукциски менаџер, како и пријатели на филмот, и многу јавни личности од македонската сцена.

Со специјална проекција под ѕвездено небо на „Rooftop Open Air Cinema“ во организација на Скопје Сити Мол и Синеплекс и во соработка со Кинотека на Македонија, синоќа беше одбележан големиот јубилеј – 20 години од премиерата на култната македонска црна комедија „Балканкан“

Ми дадоа две карти за вечерашнава проекција. Побарав да им ги дадам картите на некои луѓе кои не го гледале филмот, јас само планирав да дојдам и да ја поздравам публиката на крајот. Верувајте, не најдов луѓе од нашата генерација што не го гледале филмот, а тоа е можеби резултат на прекрасната екипа која учестува во овој филм и затоа што со Адолфо Марџота ние комунициравме без суета, без его. Тој е голем актер, прекрасен човек, побратим мој и би сакал да си посакам и себе и на моите колеги, ако дал господ и во иднина да соработуваме со таков голем актер, рече Јовановски, потсетувајќи се на дружбите со него за време на снимањето на филмот. Италијанскиот актер предложил да се формира здружение, организација на кумови, „Фратело ди сангве“ во која членуваат кумовите и побратимите на Јовановски.

Јовановски во филмот го глуми ликот на Трендафил Каранфилов кој плашејќи се од војната, бега од регрутација, но, на крај, животот го стави во такви ситуации, па не можеше да побегне од судбината. Го победи стравот од војната и тој спаси деца.

Кога го гледам филмот јас не можам ништо духовито или смешно да кажам, што е подуховито во филмот. Поминаа 20 години и сакав да видам на што личи филмот денес. Филмот е точен и зрее како старо вино. Тоа е за Трендафил, а актерот што го глуми, односно јас, Владо Јовановски, не бегаше никогаш од предизвиците што животот му ги носеше, особено не во критични моменти, историски за нашата татковина, така што со полна одговорност и искреност сакам да кажам дека јас, Владо Јовановски во такви критични моменти секогаш бев на вистинското место, во вистинското време.

Актерката Ѕвезда Ангеловска во филмот ја игра Ружа, сопругата на Трендафил.

Владо Јовановски и Ѕвезда Ангеловска кои во филмот ги толкуваат улогите на Трендафил Каранфилов и Ружа / Фото: Томислав Георгиев

Никогаш не сум се чувствувала како филмска ѕвезда, но овој филм ме направи да се чувстувавам како ѕвезда каде и да се појавам во тоа време, рече Ангеловска, која се присети дека со колегата Владо Јовановски уште пред да ги добијат улогите во филмот во книжарница во Скопје купиле македонско-италијански разговорник со кој се користат и го има во филмот.

Во филмот глумат и Бранко Огњановски и Васко Тодоров од шоуто „К-15“.

Кој би рекол дека поминаа 20 години, мене ми се чини ко некни да беше, рече Огњановски кој се присети дека во една од сцените каде бегаат тие двајцата, Тодоров паднал и скршил пет ребра.

Ирена Ристиќ, Владо Јовановски, Ѕвезда Ангеловска / фото: Томислав Георгиев

Актерката Ирена Ристиќ низ смеа рече дека нејзе во филмот ја натсинхронизирала Моника Белучи за скромен хонорар.

Дарко е диктатор и морав перфектно да научам италијански јазик. Јас работев со професорка по италиајснки јазик и мојот италијански звучеше многу италијански, а јас глумев секретарка. Колегата Италијанец ми рече дека звучам како тетките од аердоромот во Милано, што јас го сфатив како комплимент. Потоа, за потребите на филмот, малку го расипав, ставивме малку српски јазик, рече Ристиќ.

Во филмот впечатлива е и улогата на Емил Рубен, кој глуми доктор.

Емил Рубен / Фото: Томислав Георгиев

Мислите вие што сакате, но артистите не се баш толку талентирани како што вие мислите. Ова второто е голема вистина за нашиот евентуален успех. Јас потекнувам од докторска фамилија, дедо ми, татко ми, брат ми, сите беа доктори. Докторите не ми се лутат многу на оваа интерпертарција што ја видовте вечерва. Но, немам месар. Еден ден влегувам во месарница и месарот ми вели: Доктор Сафарафов и почна да ја кажува напамет целата дијагноза што ја говорам во филмот. И оттогаш стекнав многу добар пријател, месар, го надополнив тоа што ми фалеше, во животот да имам добар пријател лекар и добар пријател месар, кажа Рубен.

„Балкан-кан-кан“ ќе има проекција на 22 август на отвореното кино на Синеплекс во 21 часот.

Поврзани вести