
Политичкиот трилер „Битка по битка“ на режисерот Пол Томас Андерсон е победник на доделувањето на Оскари 2026, освојувајќи вкупно шест награди, меѓу кои и Оскар за најдобар филм. Филмот, во кој главната улога ја игра Леонардо Ди Каприо, ја следи приказната за милитантни активисти во САД што се борат за правата на мигрантите. Пол Томас Андерсон за првпат во кариерата освои Оскар – и тоа за најдобар режисер, најдобро адаптирано сценарио и како копродуцент на филмот.
Главниот фаворит по бројот на номинации, филмот „Грешници“ на режисерот Рајан Куглер, имаше рекордни 16 номинации и на крај освои четири Оскари. Мајкл Б. Џордан ја доби наградата за најдобар актер за двојната улога во „Грешници“, победувајќи ги номинираните Леонардо Ди Каприо и Тимоти Шаламе.
Оскарот за најдобра актерка го освои ирската актерка Џеси Бакли за улогата во драмата „Хамнет“, каде ја игра сопругата на Вилијам Шекспир.
Шон Пен го освои третиот Оскар во кариерата – за најдобра споредна машка улога, за ликот на корумпиран воен офицер во „Битка по битка“.
За првпат во историјата на наградите, Оскарот за најдобра камера го освои жена – снимателката Отом Дуралд Аркапо за филмот „Грешници“.
За првпат беше доделена и нова награда за најдобар кастинг, која ја доби Касандра Кулукундис за филмот „Битка по битка“.
Во категоријата за најдобар краток филм имаше ретко изедначување, па наградата ја поделија филмовите „Пејачи“ и „Двајца луѓе разменуваат плунка“.

Македонски

