
Крајот на јубилејната јулска програма ни носи два моќни филмови што го освоиле светот.
БУБАЧКИ (2004)
Режија: Игор Иванов – Изи | Продукција: “Сектор Филм“
Апсурдот на секојдневието во кинематографска форма. Петар е аутистично момче опседнато со бубачки, кое живее во сопствен свет – бегство од агресивниот татко и распаднатото семејство. Но суровата реалност продира и во неговата тишина. По низата настани, Петар се конфронтира со стварноста… и се одмаздува. Овој мрачен и прониклив краткометражен филм бил номиниран за „Златна мечка“ на престижниот Берлински филмски фестивал во 2004 година и е добитник на „Златен леопард“ на фестивалот во Локарно.
МЕДЕНА ЗЕМЈА (2019, документарен филм)
Режија: Тамара Котевска, Љубомир Стефанов| Продукција: „Аполо Медиа“, „Трис Филмс“
Првиот документарец во историјата на Оскарите номиниран во две категории – „Најдобар странски филм “ и „Најдобар документарен филм“. Приказна за Атиџе и пчелите, за припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси.
75 години ДФРМ – јубилеј заокружен со светски препознаени филмски дела.