Skip to main content

Д ФЕСТИВАЛ е во финалните Најдобри 10 фестивали во Европа!

Д Фестивал, водечкиот летен фестивал во Македонија е официјално избран меѓу топ 10 најдобри фестивали во Европа за претстојните Европски Фестивалски Награди (European Festival Awards 2025), најпрестижното признание на европската фестивалска индустрија.

По завршувањето на јавниот избор во кој за номинираните фестивали гласаше публиката од цела Европа, нашиот фестивал влезе во потесната листа на 20 најдобри, а потоа, по гласовите на меѓународно жири составено од водечки експерти од музичката индустрија, Д Фестивал се пласираше и во финалниот „shortlist“ на најдобрите 10 фестивали во својата категорија – историски успех и огромно признание за македонската независна фестивалска сцена.

Според европските стандарди за музички фестивали, Д Фестивал е во најтесниот избор во категоријата Најдобар мал европски фестивал, односно со капацитет 10.000 посетители дневно, а во финалето е заедно со фестивали од Швајцарија, Данска, Италија, Холандија, Романија, Бугарија и Србија.

Д Фестивал влегува во финалето со најдобрите во 2025 како единствен настан од Македонија, а во децениската историјата на фестивалските „оскари“ тој е втор македонски фестивал кој успеал да се искачи до листата на 10 најдобри, по Таксират кој се запиша во оваа селекција со своите изданија во 2016 и 2022 година.

Влез во европскиот врв

Пласманот меѓу најдобрите фестивали во Европа претставува силна меѓународна валидација за долгогодишната посветеност на фестивалот – за уникатниот програмски концепт, продукција, уметничката програма, доживувањето за посетителите и развојот и брендирањето на нови локациски идентитети.

Победниците во секоја категорија ќе бидат објавени на официјалната церемонија на Европските Фестивалски Награди, што ќе се одржи на 14 јануари 2026 година во Гронинген, Холандија.

Големо меѓународно признание во година полна предизвици

Д Фестивал, основан во 2011 година, е препознатлив како единствениот open-air фестивал во Македонија кој се одржува секоја година со тридневна мултидимензионална програма. Фестивал што секоја година гради уникатна фестивалска заедница, посветена на слободниот креативен дух, инклузивноста и одржливите практики.

Годинава сепак останува забележана и како една од најтешките во историјата на фестивалот. Неколку месеци пред одржувањето на настанот, трагедијата која ни се случи во Кочани остави длабока траума и трага врз целата музичка сцена и заедница. По трагедијата во Кочани, Д Фестивал се посвети на хуманитарната мисија, откажувајќи се целосно од приходот од влезници и истиот го донираше во соработка со иницијативата „Support Кочани“. На хуманитарниот Д Фестивал, оваа година во Штип настапија: Д Систерс оф Мерси, Соулфлај, Инер Сркл, Томи Кеш, Кирил Џајковски, Буч Кесиди, Мизар, Архангел, Фолтин, Прљаво Казалиште, Љубојна, С.А.Р.С., Драган Мијалковски, Дина Јашари, Паркети, Пијан Славеј, Доуп Куќата и уште десетици други музички артисти од Македонија.

Следното издание на Д Фестивал веќе е закажано за 26-28 јуни во Штип, а објавен е и првиот хедлајнер – IDLES – британските панк-рок ѕвезди и моментно еден од најважните live бендови во светот, во зенитот на својата кариера пристигнуваат за прв пат кај нас! Во продажба се и првите, Ран Корморан влезници, достапни на веб-сајтот и благајните на МкТикетс.

Поврзани вести