Skip to main content

2. издание на „Меѓународен Електронски Фестивал” на 27 јуни на Летната Сцена – Лепеза во Градски Парк

По успешното прво издание, ЈУ “Универзална Сала” Ве кани на второто издание на “Меѓународен Електронски Фестивал”. Второто издание на фестивалот ќе се одржи на 27 јуни 2025 година (петок), на Летната Сцена – Лепеза во Градски Парк, со почеток во 19:00 часот, а завршување во 01:00 часот по полноќ.

Фестивалот го става фокусот на квалитетниот електронски звук и клупска атмосфера под отворено небо. Фестивалската програма вклучува тројца македонски диџеи кои се дел од македонската електронска сцена: МакоМартина Пенева и Дина.

Гостин на фестивалот е реномираниот италијански диџеј Ness, чиј настап е поддржан од страна на Италијанската Амбасада во Скопје во знак на културна соработка и поддршка на современите музички движења. Ness е интернационално признат музичар и диџеј кој настапува во Европа и ширум светот, познат по својата техно продукција и иновативен пристап во електронскиот звук.

Фестивалот има за цел да создаде простор за размена, музичко поврзување и промоција на современите текови во електронската музика, обединувајќи домашни и странски диџеи и музичари, и отвори нови можности за соработка и културен дијалог.

Влезот е слободен, а љубителите на електронскиот звук се поканети да уживаат во магијата на вечер исполнета со музика и танц, на еднa од најубавите локации во Градскиот Парк – Скопје.

Ness (The Gods Planet, Италија)

Andrea Deplano, познат под уметничкото име Ness, е еден од водечките музичари и диџеи во светот на deep techno музиката. Роден во Сардинија, со образование во полето на аудио инженерство. Ness е музички активен од крајот на ’90-тите и скоро две децении ги истражува и проширува границите во електронската музика. Во 2007 година отвара продавница за плочи во Сардинија, а две години подоцна ја развива својата прва издавачка куќа – Mono Records. Во 2010 година ја основа издавачката куќа The Gods Planet, преку која промовира техно музика, продукција и издавање на квалитетни албуми и ЕП-ја. Неговите настапи во живо слушателите ги носи во нова димензија на техно музиката, со вистинско доживување на звук, ритам, атмосфера. Настапува на реномирани фестивали низ Европа и ширум светот, добивајќи признанија за амбасадор на deep techno музиката.

Поврзани вести