
Во Македонија повторно пожари! Гори и во соседството, регионот и низ цела Европа. Горат шуми, пасишта, земјоделски површини, депонии, отпад и сувата вегетација. Со секој нов пожар повторно ја гледаме истата слика која што се повторува секое лето. Институциите се мобилизираат, пожарникарите се борат со огнот, се активираат авиони и хеликоптери, се бараат виновници, а народот се гуши во загадениот воздух.
Како да се реши овој проблем?
Тоа е прашање кое го допира секој човек. Прашање кое што се однесува на нашето здравје, нашата животна средина и на безбедноста на нашите домови. Тоа е прашање кое што ја допира економијата на државата и ја дефокусира целокупната енергија од активности и проекти кои треба да обезбедат напредок.
За таа цел, ако навистина сакаме да го решаваме проблемот, мора да престанеме да го гледаме пожарот само како нешто со кое треба да се справиме откако ќе избие. Пожарот треба да го спречиме пред да се појави!
На оваа тема, за жал, се пишува секоја година без исклучок. Во двете колумни што беа објавени минатата година веќе беше посочено дека пожарите не смеат да бидат само арена за пресметки, туку повод за конкретни мерки, посилни институции, подобра опрема, рана детекција и построго санкционирање на оние што ги предизвикуваат. Беше посочено дека превенцијата има особено значење, бидејќи само со зголемувањето на капацитетите за гаснење не може целосно да се елиминира ризикот од избувнување на големи и неконтролирани пожари.
Но, ако сериозно зборуваме за превенција, тогаш мора да отидеме еден чекор понатаму. Македонија треба да донесе нов закон со кој ќе се забрани палењето оган на отворен простор.
Тоа не смее да биде декларативна забрана, препорака, апел до граѓаните или некакво сезонско соопштение. Тоа треба да биде јасна законска забрана, со прецизно определени исклучоци, јасна одговорност и казни кои навистина ќе одвраќаат од незаконското постапување.
Не можеме секој пожар да го гаснеме со авион, односно треба да се преземат чекори да не се доведуваме во состојба да мора да се активираат авионите. Тоа е енормно трошење на ресурси кои можат многу поефикасно да бидат употребени.
Ние како луѓе во принцип размислуваме обратно. Кога ќе избие пожар, прашуваме дали имаме доволно пожарникари, дали имаме доволно противпожарни возила, дали авионите се исправни, дали има доволно хеликоптери и дали институциите реагирале доволно брзо.
Секако дека сето тоа е важно, но веројатно сите ќе се согласиме дека најевтиниот, најефикасниот и најбезбедниот пожар е оној што никогаш нема да избие. Затоа, забраната за палење на отворен простор се наметнува како есенцијален чекор во рамки на превентивното делување. Апелите и молбите за внимателност, кои ги слушаме на секои вести од генералот Ангелов, се недоволни за оние кои што постапуваат неодговорно, а уште помалку за оние кои што намерно ги подметнуваат пожарите.
Знаеме дека во услови на високи температури, суша и ветер една мала искра може за неколку минути да предизвика пожар со огромни размери. Затоа, во иднина не смее да остане надвор од законот човек да може да запали сува трева или растителен отпад на отворено. Исто така, за да се превенира опасноста од пожари повеќе не смее да биде неказниво палење отпад на диви депонии. Последиците од ваквите палења се загадување на воздухот, ширење на огнот и директна опасност за населението. Државата не смее да дозволува ниту палење стрништа, особено кога веќе постојат други начини за управување со земјоделските остатоци.
Одговорот дека „така се правело отсекогаш“ повеќе не е доволен. Македонија не може да ја гради својата противпожарна политика врз навики од минатото.
Европа веќе оди во оваа насока!
Забраната за палење на стрништа не би било никакво радикално или антиземјоделско решение. Напротив, станува збор за пристап кој веќе постои во европската практика.
Ако прочепкаме по интернет ќе видиме дека европското законодавство им дава можност на државите членки да забранат горење на отворено на земјоделски жетвени остатоци, отпад и шумски остатоци. Дополнително на ова, ЕУ предвидува дека, кога државата ќе воведе таква забрана, таа треба да обезбеди нејзино следење и спроведување. Исклучоците треба да бидат тесно ограничени, на пример за превентивни активности против неконтролирани шумски пожари, контрола на штетници или заштита на биодиверзитетот.
Исто така, во рамките на Заедничката земјоделска политика на ЕУ постојат правила кои го ограничуваат палењето на стрништата и бараат земјоделските практики да се насочуваат кон зачувување на почвата и намалување на загадувањето.
Значи, идејата не е да измислуваме нешто што Европа никогаш не го видела. Напротив, треба да го земеме она што функционира и да го приспособиме на македонските услови.
Добар пример е Словенија.
Кога надлежните органи ќе прогласат висока пожарна опасност, во природната средина се забранува палење, палење огнови и други активности надвор од изградените површини со кои може да се предизвика пожар. Државата не чека пожарот да се случи за да реагира. Таа го проценува ризикот и однапред го ограничува човековото однесување кое може да доведе до катастрофа.
Уште поинтересен е примерот на Португалија. Таму за определени видови горење се бара претходна регистрација, комуникација и дозвола. Тој што сака да изврши горење мора да го пријави настанот, да го наведе мотивот, датумот и локацијата и да добие соодветно одобрение.
Но, суштината е и во санкциите.
Кога пожарната опасност е „многу висока“ или „максимална“, за недозволено горење се предвидени глоби од 2.500 до 25.000 евра за физички лица и од 12.500 до 125.000 евра за правни лица. За горење без потребното одобрение, казните исто така се значителни.
Ова ни покажува уште една работа, односно дека европскиот модел не се сведува само на една универзална забрана. Системот може да биде комбинација од општа забрана, ограничени исклучоци, дозволи во строго контролирани услови и строги санкции.
Такво нешто треба да го направиме и во Македонија.
Законот не служи само да каже што не смееме. Законот мора да обезбеди последица за оној што свесно ќе го прекрши правилото. Ако казната е симболична, забраната станува симболична и ќе се сведе на молби и апели преку телевизија.
Што би требало да содржи македонскиот закон?
Прво, треба да се утврди општо правило, односно да биде забрането палењето оган на отворен простор. Под ова треба да се опфатат палење сува трева, стрништа, земјоделски и шумски остатоци, отпад, диви депонии, гранки, како и палење огнови надвор од за тоа определени и безбедни места.
Второ, треба да се предвидат исклучоци, но тие да бидат тесни и прецизно дефинирани. На пример, контролирани согорувања за кои постои реална потреба, определени земјоделски или шумарски активности, научни или еколошки цели и други случаи што би ги утврдиле надлежните институции.
Но, секој исклучок мора да биде условен со дозвола, пријава, временски ограничувања, метеоролошки услови и обврска за целосна контрола на огнот.
Трето, казните мора да бидат доволно високи. Тука не треба да се плашиме од зборот „строго“. Ако некој незаконски запали трева или стрниште и предизвика пожар што ќе уништи десетици хектари, тогаш не може да биде санкциониран како да паркирал на недозволено место. Казните треба да биде градуирани. Од прекршочни со пониски глоби за предизвикување опасност, преку оние драстично повисоки за предизвикување пожар, па се до кривична одговорност и затворски казни за намерно подметнување и предизвикување пожар.
Покрај глобата и евентуалната затворска казна, сторителот треба да биде задолжен и за надомест на целокупната предизвикана штета, трошоците за гаснење, уништената инфраструктура, земјоделските култури, шумскиот фонд и еколошката штета.
Затоа, ако навистина сакаме превенција, тогаш мора да ја нападнеме причината уште на почетокот. Македонија треба да го забрани палењето оган на отворено. Не утре, не после следната голема катастрофа, не кога повторно ќе се разгори ново политичко препукување, туку сега! Македонија како држава што однапред го спречува пожарот ќе биде многу посилна од Македонија како држава што секоја година херојски го гасне.

Македонски


