
Да се биде судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур претставува престиж, но и потврда на квалитетот и угледот на секој истакнат правник кој успеал да ги помине сите филтри на селекција и избор. Тоа претставува своевиден врв во кариерата на секој судија кој во Стразбур ќе има шанса да ги примени сите стекнати знаења во функција на заштитата на правата на секој човек кој живее во Европа. Изборот за судија во Судот во Стразбур е потврда на сиот труд, вложуван низ годините. Тоа е валоризација на вредноста, како од стручен, така и од материјален аспект. Ова особено важи за оние судии кои што доаѓаат од европските земји со пониски стандарди во областа на владеењето на правото и економијата.
Од тие причини, воопшто не изненадуваат реакциите кои што беа манифестирани во јавноста од поедини кандидати за судија, кои не успеаја да ја продолжат трката. Не изненадува личното незадоволство на некои од кандидатите од одлуката на Владата да ја повтори постапката за избор на судија во оваа врвна институција. Без оглед на фактот што таквата одлука е донесена поради незадоволувањето на потребните критериуми (од страна на кандидатите) дефинирани од Советот на Европа и Судот во Стразбур, незадоволството беше јавно манифестирано.
Сепак има нешто кое што изненадува! Изненадува тоа што после толку години на демократија и владеење на правото во оваа земја, повторно се пристапува кон јавен притисок, дури и при изборот на кандидати за судија во Стразбур. Изненадувањето е и поради фактот што оваа година се одбележуваат 30 години членство во Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права, и повторно истакнатите правници не ги знаат во целост потребните критериуми за влегување во оваа институција. Триесет години се период во кој што Македонија има дадено неколку истакнати правници за судии во Судот и тоа треба да претставува доволен капитал и колективна меморија во оваа област.
Изненадува и тоа што во јавноста се одвива кампања и хајка, генерирана од незадоволните кандидати и нивните симпатизери. Тоа е хајка која треба да фрли сенка на оправданоста на владината одлука и да создаде клима во јавниот дискурс која ќе наметне перцепција за политизација на изборот на судијата во Стразбур. Тоа е она кое што го гледаме и слушаме последниве неколку дена, без да имаме можност да погледнеме во тоа дали реакциите се оправдани или пак Владата постапила сосема исправно и според сите правила кои што ги налага Стразбур.
Сосема е нормално за пошироката јавност да нема детални информации за тоа како се одвива постапката за избор на судија, како и за тоа кои критериуми треба да ги исполнуваат заинтересираните кандидати. Затоа е најлесно да се фрлаат дрвја и камења по секоја одлука на надлежните институции кои го имаат мандатот и сета одговорност за спроведување на процедурите. Многу е полесно да се прави атмосфера на осуда кон Владата и владините одлуки, отколку да се посочат и признаат сопствените перформанси, кои можеби се недоволни и не ги задоволуваат критериумите на Стразбур.
Владата на секоја земја членка на Советот на Европа, вклучително и македонската, го има мандатот, кој што им е доделен од граѓаните, да ја спроведе постапката за номинирање на три кандидати за избор на судија, кои што потоа „ги препушта во рацете“ на Стразбур. Иако владите го имаат сувереното право да го спроведат изборот на тројца кандидати, нешто кое што е во рамки на нивниот дел од постапката, сепак тие водат доверлив дијалог со Советодавниот панел на експерти на Советот на Европа, кои го модерираат процесот на избор.
Во рамки на таквиот доверлив дијалог се разменуваат информации за повеќе аспекти, вклучително и за критериумите кои што секој од кандидатите треба да ги задоволи. Овој дијалог нема јавен карактер и ниту една од страните нема да се впушти во јавна полемика за нивото и перформансите на поедини кандидати. Впрочем, секој можен пропуст во одредена фаза од постапката наидува на следниот филтер, кој има за задача да го детектира пропустот и да наложи негово отстранување.
Советодавниот панел е тој кој што може да укаже на слабостите на предложената листа. Тоа не се споделува со јавноста на фанфари за да не се изложуваат поединци непотребно на јавноста. Хипотетички, листата може да е неприфатлива заради еден кандидат, а останатите да ги исполнуваат условите, или пак сите три кандидати може да не ги задоволуваат критериумите на Стразбур. Од тие причини, постапката иако има транспарентен карактер, таа има и доверлива компонента со цел да не се нарушува угледот на ниту еден кандидат.
Тоа е така, иако во домашни услови кандидатите себе си се гледаат како истакнати правници. Сепак, тоа се два различни мерни системи. Од една страна е мерниот систем на македонското правосудство со доверба од 2%, а од друга страна е Судот во Стразбур со сопствениот мерен систем и во кој ја полагаме сета доверба. Тоа е судот на кој постојано се повикуваме, особено во делот кој што се однесува на заштитата на човековите права на македонските граѓани и правата на Македонците во соседството.
Повторувањата на постапката не се нешто невообичаено. Тие се случуваат и во други земји, кое што како појава воопшто не е реткост, ниту пак инцидент. Подобро е постапката да се повтори во рана фаза отколку по секоја цена да се инсистира на испраќање на несоодветни кандидати кои можат да бидат дисквалификувани на некој од филтрите кои што следат во Стразбур. А, секако дека можат да бидат дисквалификувани доколку не се задоволени потребните критериуми.
Изборот и номинацијата на трите кандидати, која што се одвива во рамки на постапката во земјите членки, вклучително и Македонија, е само една од фазите на целокупниот процес. По завршувањето на процедурата во Македонија, кандидатите одат на дополнителен скрининг и поминуваат низ уште неколку филтри.
Постапката продолжува во рамките на Парламентарното собрание на Советот на Европа, каде што функционира специјализирано тело, односно Комитетот за избор на судии во Европскиот суд за човекови права. Тука се спроведуваат интервјуа со трите кандидати, по што се дава препорака до пленарното собрание. Советодавниот панел на експерти и во оваа фаза има свое присуство и еден вид надзор над постапката. Претседателот или претставник на Панелот е поканет да учествува на подготвителниот брифинг што го одржува комитетот пред да ги спроведе интервјуата, со цел да ги објасни причините за ставовите на Панелот за кандидатите. На овој начин е воспоставен плоден дијалог и соработка помеѓу Парламентарното собрание и Панелот. Во исто време, се контролира и осигурува исправноста на процесот во рамки на делот од задачата која што е во надлежност на институциите на Стразбур. Тоа значи дека контролата не е присутна само на терен, на ниво на земјите членки, туку таа е присутна до самиот крај на постапката на избор на судија.
Од тука уште еднаш произлегува заклучокот дека она што го има направено македонската влада, не е ништо друго освен почитување на европските стандарди во рамки на постапката за избор на судија во Судот во Стразбур. Секоја негативна кампања, критики или манипулации со јавноста од незадоволните кандидати, се сосема неоправдани и спротивни на рамката која што ја има воспоставено Стразбур.
Во однос на потребните критериуми кои што треба да ги исполнува секој кандидат за судија, во Стразбур веќе подолго време се води дебата за допрецизирање на некои од критериумите. Имено, во одредбите од Конвенцијата за човекови права е дадена општа формулација за критериумите. Во неа се вели: „Судиите треба да имаат висок морален карактер и мора да ги поседуваат потребните квалификации за назначување на висока судска функција или да бидат правници со призната компетентност“. Ваквата општа формулација е предмет на дебата во Советодавниот панел на експерти, кој во дијалог со сите релевантни инстанции во оваа област ги кристализира критериумите кои се неопходни за изборот на судија во Судот во Стразбур.
Во извештаите за активностите на Панелот, квалитетите како што се интегритет, високо чувство на одговорност, храброст, достоинство, трудољубивост, чесност, дискреција и почит кон другите се споменати како клучни компоненти, заедно со независноста и непристрасноста.
Според ставот кој што го има изградено Панелот, владите при презентирање на списокот на кандидати, а потоа и Парламентарното собрание при изборот на судиите во Судот, имаат одговорност да обезбедат предложените кандидати да имаат зрело професионално искуство и да поседуваат несомнени квалификации за вршење на оваа висока судска функција на меѓународно ниво.
Во однос на нивото во рамки на националните судови, Панелот на експерти веќе има изградено речиси експлицитен став кој се однесува на толкувањето и примената на условот за „поседување на квалификациите потребни за назначување на висока судска функција“, односно нивото на националните судови од кои треба да произлезат кандидатите за судија во Стразбур. Ставот на Панелот може да се толкува како позиција според која за избор на судија во Стразбур кандидатите треба да произлегуваат од судиите кои имаат или имале функција во националните врховни или уставни судови. Тоа не е само став на Панелот туку веќе општо прифатено размислување во рамки на Советот на Европа. Ставот на панелот, исто така, би можел да се примени и на судии кои работат во апелационите судови или судови веднаш под највисоките судови во земјата, под услов да имаат „зрело професионално искуство“ и силна биографија во други области, како што би бил на пример, импресивен список на научни трудови и публикации.
Во исто време и спротивно на погоре кажаното, дури и доколку кандидатите за судија во Стразбур судат во највисок национални судови, тие не би можеле автоматски да бидат квалификувани за кандидати за Судот во Стразбур доколку не ги исполнуваат останатите споменати критериуми. Самото ниво на позицијата е недоволно доколку не е поткрепено со претходно споменатите критериуми.
Ако секој од заинтересираните кандидати внимателно ги погледне сите документи на Советот на Европа и Судот во Стразбур, кои што се однесуваат на постапката и критериумите за избор на судија, самиот ќе биде свесен дали е достоен и квалификуван да биде дел од овој судски форум. Покрај тоа што некои, или пак можеби сите македонски кандидати од поништената листа не ги задоволуват критериумите поврзани со нивото, оние кои што ја скандализираат јавноста треба внимателно да се навратат на основните критериуми кои што треба да ги задоволува секој судија. Интегритетот, високото чувство на одговорност, храброста, достоинство, трудољубивост, чесност, дискреција и почит кон другите, како и независноста и непристрасноста, се нешта кои што се сосема спротивни од она што сме го гледале од поедини кандидати во минатото. На пример, овие критериуми се во целосна спротивност со политичката зависност од премиерот од Заев, односно од времето на „славните“ денови на СЈО. Спротивни се на незапаметената пристрасност, отсуството на дискреција и стимулирање на јавен линч, нечесност, неодговорност и отсуство на секаков интегритет.
Македонската јавност сѐ уште памети дека претседателката на СЈО е осудена за злоупотреби и лежи во затвор. Паметиме дека во рамките на СЈО беа незаконски поделени милиони евра како додатоци на плати. Граѓаните ги немаат заборавено јавните манифестации, маичките со силуети на оние кои беа поставени да ја спроведат правдата и естрадниот карактер на водењето на постапките без никаква дискреција и почитување на претпоставката за невиност.
Ако некој сѐ уште живее во таквиот филм и смета дека со скандализирање на јавноста по шаренореволуционерните методи може на сила да се наметне како кандидат за судија, длабоко се лаже. Таквите филмови се минато, а она што го гледаме од владата е за поздравување и треба да и се даде поддршка да ја спроведе постапката во согласност со стандардите кои што ги налага Стразбур, во близок и непосреден дијалог со европските експерти од оваа област.