Skip to main content

Срамот гроб нема, ама епитаф има!

Никаде не се пише, никогаш не се брише.

Не се длаби во камен, ниту пак се гравира на метал, на дрво не ни останува.

Затоа, за во вечни времиња се врежува во колективната свест кај луѓето кои се чесни и честити и со чиста билур мисла, не можат да ја разберат нивната потреба, дотолку да се посрамотат себе си, а притоа воопшто да не размислуваат за последиците и по нивните идни поколенија кои што незаслужено ќе ги носат лузните што некојси налудничав предок им ги пренесол во наследство, секако единствено нешто што никој паметен не би го прифатил како семеен наследник.

Срамот, особено е тежок и неподнослив тогаш кога има несогледливи последици по опстанокот, одржувањето или реактивирање на битните обележја, принципи, начела и карактеристики од државно, национално и идентитетско значење за еден народ и држава. Тоа што токму денес им се случува на нашиот благороден македонски народ и татковината ни МАКЕДОНИЈА.

И, додека чесните сегашни македонски патриоти, мака мачат како народни трибуни и државници сето тоа да го објаснат, исправат, доведат во ред за да профункционира еруптивно во насока што ги афирмира вредностите кои ни припаѓаат и несомнено ги заслужуваме, тие посрамотените, не само што не се срамат и не ја извртуваат вистината, туку од петни жили се запнуваат да ги попречат или сосема запрат благородните чекори на вистинските лидери нашата татковина да ја изведат на прав пат и на тој начин, покрај другото и да го извадат на виделина нивниот голем срам.

Сега, после воведот, би сакал да пренесам до читателите што ме натера, поточно импресионира да ја напишам оваа колумна, морам да признам со огромна радост ми го разгали срцето.

Прво да ве потсетам, срамот најбрутално и најтешко паѓа врз посрамениот токму тогаш кога доаѓа од неговите најблиски кои што се дистанцираат од него и го осудуваат како непримерен за него, но уште повеќе врз неговото семејство кое без вина е ставено на столбот на срамот само заради задоволување поединечни страсти исполнети со гнев и омраза упатена кон подобрите од бесрамникот.

Имено, изминативе триесеттина дена, исполнети со детска радост, средношколска зрелост, средовечни спомени, па дури и ако сакате свадби, крштевки, веселби матури, полуматури, годишнини, спортски победи и уметнички достигнувања, економски показатели во сериозен пораст, енергетска стабилност, функционална инфраструктура и други значајни или помалку значајни одбележувања поминуваат во жестока афирмација и потврда на припадност со силен акцент на афирмација на комплетно сите симболи и нишани на нашиот идентитет, македонизам и државност. Цела МАКЕДОНИЈА беше во знакот на црвено жолта и црвено црна боја, лавови, шеснаесетокраки сонца наметнати на силните витки рамења на нашите основци, средношколци, студенти, а музиката строго патриотска, кореографијата чисто македонска, а иконографијата уште подалеку, од поголема МАКЕДОНИЈА.

Срце трепери, душа се радува, разумот владее, надежта се враќа, судбината е во наши раце.

И во сета таа исполнетост се случи најубавото, дополнително волшебно и незаборавно.

Во сиот тој прекрасен амбиент и ритам во кој живее Македонија деновиве, од масата на славеници деветто одделенци ми подвикна едно момче, обгрнато со две знамиња, на едното раме ЛАВОТ, на другото СОНЦЕТО: “Чичко Ламбе!“

Веднаш го препознав, но колку брзо го сторив тоа уште побргу и повеќе бев изненаден.

Неговиот дедо, мој школски и добар другар, е крајно лево ориентиран, но и екстремно непријателски расположен кон ВМРО-ДПМНЕ и самостојна МАКЕДОНИЈА, што ме направи љубопитен и помалку несмасно го прашав: “А, што ќе рече дедо ти чие што име го носиш, нема ли да се засрами од тебе и налути?“

МАЛИОТ ми одговори: Срамот нека остане врз него. Неговата лузна никој од младите на нашето семејство нема да дозволи да се пренесе на сите нас како колективен фамилијарен СРАМ.

Во тој момент моите очи се насолзија, но умот ми се разбистри.

МАЛИОТ СТАНА ГОЛЕМ. 

Поврзани вести