Skip to main content

Состојбата во македонското судство… како до сега

Се случи и тоа, падна Артан Груби! Независно од претпоставките за тоа дали Груби самиот решил да се предаде или му било шепнато да го стори истото, нема да биде претерано доколку се каже дека неговото апсење претставува еден од најзначајните политичко-правни настани, не само во времето на мандатот на актуелната влада, туку и во поновата историја на Македонија.

Самиот чин по себе е настан без преседан. Без оглед на конечниот судски епилог, лишувањето од слобода на поранешен вицепремиер отвора повеќе слоеви на политичка, институционална и општествена дебата. За овој случај можеме да кажеме дека не е само прашање на индивидуална одговорност на еден поранешен вицепремиер, тоа е тест за системот, за зрелоста на демократијата и за капацитетот на институциите да функционираат без оглед на политичката тежина на поединците.

Со години во јавноста постои перцепција дека високите функционери, особено оние кои биле дел од долготрајни владејачки коалиции, се практично недопирливи. Груби, како еден од најекспонираните политички актери во извршната власт во изминатиот период и висок функционер на ДУИ, беше симбол на тој политички естаблишмент. Дури беше перцепиран како вистинскиот премиер во владата на октроираниот Ковачевски. Оттука, апсењето на Груби носи силна порака, дека позицијата не е штит од истрага.

Дури и ако постапката допрва треба да ја докаже или отфрли вината, самата институционална реакција со апсењето руши еден длабоко вкоренет наратив, а тоа е дека највисоката политичка моќ гарантира неказнивост и имунитет од одговорност. Тоа е аргумент кој недвосмислено ќе има силен одек во јавноста која долго време бара еднаквост пред законот.

Случајот отвора суштинско прашање, односно дали институциите навистина функционираат независно? Ако постапката против Груби е резултат на професионална процедура, без политички директиви, тогаш тоа може да се толкува како позитивен сигнал дека системот созрева.

Од аспект на актуелната Влада на Македонија и премиерот Христијан Мицкоски, најсилната позиција не треба да биде триумфализмот, туку институционалната воздржаност. Една работа е конфронтацијата на политичките концепти меѓу политичките противници, а сосема друга е правна разрешница на сомнежите и обвинувањата за сторен криминал.  Артан Груби беше привлечна мета за политички напад додека беше вицепремиер, но во случајот на Артан Груби како осомничен и обвинет за криминал постапката мора да биде завршена во рамки на органите на прогонот. Само на таков начин ќе се постигне вистинската цел на политичката борба. Тој е уапсен и ставен во постапка за да се докаже дали е  вистински криминалец, а не жртва на политички прогон. Таквиот пристап ќе ја минимизира опасноста од перцепција на политичка пресметка и го става фокусот врз принципот на одговорност.

На крајот од денот, врховниот судија, народот, уште на изборите во 2024 година му ја донесе пресудата на Груби за неговиот начин на делување во политиката. Таа пресуда беше потврдена и на локалните избори во 2025 година. Следствено на ова, гледано од политички аспект, Груби веќе се наоѓа на издржување на казната. Но, за да сликата и постапката бидат целосни, својата работа треба да си ја заврши и третата власт, македонското правосудство. Потребно е да ја заврши непристрасно и професионално, ослободено од рецидивните влијанија кои што Груби и ДУИ, благодарение на нивното дваесетгодишно владеење, сѐ уште ги имаат. Само така македонското судство ќе може да се помести од онаа нулта позиција во која со години е заглавено со сопствените 2% доверба кај народот.

Првите сигнали кои што ги гледаме со доделувањето на куќен притвор за Артан Груби, говорат за тоа дека рецидиви и метастази во судскиот систем постојат и раководат со истиот. Воопшто не е логично да поранешен висок функционер, осомничен за криминал од осум милиони евра, кој долго време се наоѓаше во бегство, да биде третиран со таква доверба од судската власт. Тоа уште во старт имплицира дека Груби сѐ уште има сопствено политичко влијание или пак се работи за коруптивна зделка со судската власт. Одземањето на пасошот е недоволна мерка во случајот на Груби. Тој преку куќниот притвор може значително да влијае на целокупниот понатамошен процес.

Интересни беа реакциите на СДСМ во однос на овој случај. Тие речиси панично побрза да му дадат политичка димензија на овој случај ставајќи го на конто на власта во негативен контекст. Веднаш го окарактеризираа како наместен и како некаква соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ по принципот „држете го крадецот“.  Тоа говори за тоа дека во оваа партија се исплашени од сите можни импликации врз самата СДСМ, кои што можат да произлезат од непријатното сведочење на Артан Груби.

За да можат од СДСМ да очекуваат нивната теза да биде сфатена сериозно, првин мора да одговорат на неколку прашања. Зошто во текот на периодот на бегството на Груби ниту еднаш не ја повикаа власта да ги преземе потребните чекори за да го врати бегалецот и изведе пред лицето на правдата? Зошто молчеа и оставаа овој случај да отиде во заборав? Дали неговото отсуство им одговараше заради прикривање на нивните потенцијални криминали? 

Очигледно дека во СДСМ полека ја губат контролата над одредени точки на длабоката држава која што ја имаат инсталирано и која сѐ уште ја гледаме на дело во повеќе сегменти од македонскиот општествен живот. Очигледно е дека тоа кај нив создава возбуда која на моменти преминува во паника. Оваа појава  особено доаѓа до израз ако се има во предвид фактот дека Груби се наоѓа на црната листа на САД и дека постапката кон него не е само македонски правен интерес.

За разлика од СДСМ, во ДУИ реагираа далеку поподготвено и политички артикулирано. Тоа говори дека биле целосно запознаени и во координација со нивниот „поранешен“ висок функционер. Тоа говори и за тоа дека ја научиле лекцијата од негативното наследство кое што им го остави Груби и со кое буквално ги детронизираше од сите поважни државни позиции… освен од влијанието во судството кое очигледно уште го имаат.

За ДУИ, ова е момент на сериозна внатрешна рефлексија. Или ќе се реформираат или пак ќе продолжат да демонстрираат континуитет со минатото. Партијата долги години беше столб на владејачките коалиции и имаше значајно влијание врз извршната власт. Со определувањето на куќниот притвор за Груби, повеќе од очигледно е дека имаат влијание и врз судската власт. Случајот Груби може да ја бетонира перцепцијата дека токму долгото присуство во власта создава простор за клиентелизам, затворени кругови на моќ и продолжување на политиката „како до сега“.

Потребата за реформи во судството се постојано присутни како забелешка во секој извештај на институциите на ЕУ, било да се работи за Европскиот парламент или пак за Европската комисија. Оваа забелешка е константа и истата во целост се поклопува со перцепцијата на македонските граѓани за состојбите во македонското судство. Одредувањето на куќен притвор за Артан Груби дополнително ќе ја зајакне таквата перцепција, како дома така и во ЕУ. Тоа ќе биде уште еден негативен придонес на минатата власт чие што влијание во судството е очигледно, а државата не може да се ослободи.

Апсењето на Груби е само почеток на оваа епизода. Таа ќе трае, а клучното прашање е како ќе заврши? Дали ќе има транспарентна постапка и јасна судска одлука или случајот ќе стане уште една епизода во долгата низа судски постапки без правна разрешница која ќе ја потврди или негира веќе донесената пресуда на врховниот судија, народот? А, народот ретко греши!

Ако правдата биде видлива и јасна, тогаш апсењето на Груби ќе остане запаметено како момент кога системот покажал зрелост. Ако не, тогаш ќе се вклопи во скепсата што веќе постои.

Случајот со Артан Груби не е само индивидуална правна драма. Тој е огледало на политичкиот систем. Аргументите што произлегуваат од него се повеќеслојни, од симболиката на рушење на „недопирливите“, преку тестот за независноста на институциите, до потенцијалниот ефект врз политичката култура и европската перспектива.

Во крајна линија, тежината на овој настан нема да се мери според медиумската експозиција, туку според исходот и начинот на кој институциите ќе ја извршат својата работа. Доколку процесот биде професионален и непристрасен, тоа може да означи нова фаза во македонската демократија и македонскиот правосуден систем, фаза во која одговорноста не е прашање на политичка волја, туку на правна обврска.

До тогаш… ќе остане перцепцијата дека тераме „како до сега“.

Поврзани вести