Skip to main content

Шарената манипулација на родителската болка

Овие денови сме сведоци на два паралелни процеси кои наизглед се одвиваат независно еден од друг. Едниот се протестите на дел од родителите на настраданите во кочанската несреќа, а вториот се редовните прес конференции на СДСМ во врска со истата тема. Првиот процес, според логиката на нештата, би требало да има граѓански карактер, додека вториот исклучиво политички карактер.

Тука се поставуваат прашањата, дали овие два процеса навистина се независни еден од друг или пак во нивната позадина стои еден ист центар на политичка моќ кој што има за цел остварување на политички интерес? Дали болката и протестите на родителите на настраданите ја инспирираат политичката активност на СДСМ или пак политичкиот интерес на оваа партија е инспиратор и организатор на сите активности поврзани со кочанската трагедија, вклучително и протестите на родителите?

Ова се сосема легитимни прашања чии што одговори се од исклучително значење за целокупната македонска јавност, од едноставна причина што со политичката злоупотреба на трагедијата се прави обид за вовлекување на целокупната држава и граѓани во кочанскиот случај. Се прави обид да се парализираат сите активности и процеси што се секојдневие во државата, само и само да се фокусира политичкото внимание на целокупната јавност на една трагедија со цел да се заработат политички поени.

Ова во кратки црти би бил логичниот заклучок и одговор на поставените прашања. Тоа е заклучок што самиот по себе се наметнува имајќи ги во предвид досегашните искуства со опозициското делување на СДСМ. Неинвентивноста се заменува со манипулација, а немањето на сопствена понуда се заменува со парализирање и блокирање на процесите и проектите кои што ги најавува и реализира актуелната власт.

Како поинаку да се сфати сето ова кога во организација на т.н. „невладини организации“ на СДСМ во Кочани, помала група роднини и пријатели на починатите во пожарот континуирано протестира барајќи нешто кое што органите на прогонот веќе го испорачуваат?! Го испорачуваат како никогаш до сега, следени од будното око на јавноста која што со голема доза на емпатија гледа на болката на најблиските на настраданите во пожарот.

Како поинаку да се сфати ваквата активност кога јасно се гледа „потписот“ на шарената шема која што се реализираше во Македонија пред само неколку години?! Како поинаку да го толкуваме будењето од осумгодишниот сон на заспаните “невладини организации“, кои што злоупотребувајќи ги емоциите и состојбата на засегнатите луѓе форсираат класична политичка агенда за соборување на актуелната власт.

Зачудува фактот што СДСМ смета дека македонските граѓани многу бргу ја заборавија експресната и координирана активност на македонските институции веднаш по трагичниот настан. Се сеќаваме дека самите очевидци на настанот, оние кои успеаја да ги спасат сопствените животи, сведочеа за брзата реакција на противпожарната служба и службата за итна помош кои спречија трагедија од поголеми размери. Болниците и медицинските установи го дадоа својот максимум, особено во услови на нивна запоставеност за која што запоставеност значителна одговорност и вина има самиот лидер на СДСМ како поранешен министер за здравство.

Значајна улога и на висина на задачата беа и медиумите и новинарските екипи кои професионално известуваа во најкритичните моменти. Ова особено се однесува на оние новинари кои во првите часови од несреќата доставуваа навремени информации до јавноста, без притоа да шират паника или партиски мотивирани вести заради политички бенефит. Ова беше демонстрација на класична и професионална новинарска етика во услови кога целата нација беше во шок. Тоа што подоцна, во текот на месеците по несреќата се појавија медиумски радикали и партиски лиферувани соопштенија, говори за тоа дека на сцена стапи шареното сценарио потпомогнато од партиските кујни и нивните НВО приврзоци. Токму тие кујни и квази невладини организации во моментов се најактивните и најагресивните кои настојуваат да го изместат фокусот на општеството и сплотеноста во напорите за пружање на секаква помош кон настраданите и нивните семејства.

Филипче и СДСМ бргу ја заборавија експресната реакција на премиерот Мицкоски и државниот врв која што резултираше со активирање на механизмите за меѓународна помош. Заборавија дека меѓународната заедница ги поддржа сите напори на владата и позитивно одговори на повикот за помош при справувањето со последиците од несреќата, пред сѐ за пружање помош и лекување на повредените кои што беа во најкритична состојба. На тој начин беа спасени десетици животи кои дополнително ќе го зголемеа бројот на загинатите.

Денеска, неколку месеци подоцна, подбуцнувачите од „невладиниот сектор“ на СДСМ прават напори да го замаглат сето она кое што уште од првиот момент беше јасно видливо. Се обидуваат да ги замаглат јасно видливите напори на владата и нејзината соработка со меѓународните партнери за да се обезбеди најдобар можен одговор на оваа трагедија. Се обидуваат да го замаглат оној исклучително значаен момент за државата и граѓаните кога во услови на трагедија и шок се стекна впечаток дека институциите се организирани и функционираат. На крајот од денот, прават обиди да го неутрализираат впечатокот дека Македонија има меѓународни пријатели кои ги ставија сопствените капацитети во функција на помош на повредените.

Во исто време, сведоци сме дека СДСМ и Филипче постојано повторуваат дека правдата не е испорачана. Но, фактите го говорат спротивното. Како никогаш до сега во Македонија не сме виделе толку голема и сеопфатна активност на органите на прогонот со цел да се утврдат одговорните за една несреќа. Не сме виделе таква експедитивност во истрагата која е веќе завршена и постапката поминува во следната фаза. Затоа, зачудува постојаното нелогично повторување и подбуцнување на родителите од страна на СДСМ со теза дека правдата не е испорачана. Оставаат впечаток како да живеат во времето на модуларната болница, Ласкарци и Дурмо турс, и по некоја воспоставена шема го повторуваат токму она кое што важеше за тогашната власт на СДСМ.

Запрепастува леснотијата со која се критикуваат сите владини напори за изнаоѓање на соодветно решение, без притоа да се понуди алтернатива или предлог кој ќе има конструктивен карактер со цел да им се помогне на повредените во процесот на рехабилитација. Очигледно е дека на СДСМ најлесно им е да ги подбуцнуваат очајните родители и да манипулираат со нивната болка во функција на нивниот политички бенефит. Секоја идеја, план или проект кој што владата го креира во правец на поголема ефикасност при лекувањето на повредените наидува на отпор и критика од СДСМ и лично од Филипче.

Последните критики кои што беа упатени се во врска со намерата на владата да го адаптира комплексот на Пониква за лекување и рехабилитација на повредените. Оваа идеја веднаш беше дочекано на нож, без притоа да се понуди било каква алтернатива или „поквалитетно решение“. Ако не чини Пониква, нека каже Филипче каде чини да се лекуваат повредените. Можеби во некоја од модуларните болници кои што самиот ги градеше, или пак ќе ургира да бидат примени во Дубаи на клиниките каде што бил награден со златна виза?!

Навистина секој сарказам е излишен во вакви ситуации, но како поинаку да се коментира дебатата која што во јавноста ја наметнува СДСМ, без притоа да понуди решенија за проблемот. Како можеме сериозно да гледаме на пораките кои што доаѓаат од Филипче кога до пред само една година, додека опстојуваа на власт, не успеваа да понудат решение ниту за загинатите, ниту за повредените, ниту пак да испорачаат брза и соодветна правда за сите трагедии од нивното време.
Во моментов, во Македонија на сцена е битката на чесните со нечесните! Нив ги има насекаде во општеството, вклучително и во сите политички партии. Сведочиме на неселективна битка од страна на владата кон секој што се огрешил од законот, без оглед на неговата политичка припадност. Сведочиме и на битка против организираниот криминал и апсења на оние кои што испумпувале пари од буџетот на име на фиктивен поврат на ДДВ. Ова битка ја вознемирува врхушката на СДСМ и од тие причини воопшто не зачудуваат сите изјави и некрофилски пресконференции кои имаат за цел да ја политизираат трагедијата во Кочани.

Вештачкото држење на кочанската трагедија како тема во јавноста има неколку цели. Едната е да се направи дефокус од криминалите на струмичкиот клан и сличните на нив. Втората цел е да се маскира ниската доверба кај граѓаните и извесниот пораз на локалните избори. Трета цел е, преку подбуцнувањето на родителите на настраданите, да се направи обид за фрлање на „снежна топка“ која треба да предизвика неконтролирана лавина која ќе креира хаос во државата и ќе овозможи услови за некаква факторизација на СДСМ и обид за евентуално враќање на власт.

Ова мора да биде широка борба за правда и одговорност. Борба поддржана од сите граѓани и политички ентитети. Кочанската трагедија не смее да се претвори во шарена манипулација на родителите на настраданите. Нивната болка не смее да претставува ударна тупаница од која што бенефит ќе имаат само политичките профитери и криминалците кои посакуваат да останат нечепнати и заборавени.

Поврзани вести