
Деновиве, кога на политичкото мени имаме локални теми кои се однесуваат на трката за градоначалници и советници за освојување на македонските општини, Венко Филипче и СДСМ во преден план ставија сосема поинаква тема. Тие фокусот го враќаат на уставните измени и обврските кои што ги презедоа како влада кои им останаа неисполнети. Се поставува едно легитимно прашање, зошто токму во овие моменти, кога Филипче и СДСМ треба да се насочени кон локални теми и да се борат за политички опстанок, тие се враќаат на теми поврзани со притисоците и блокадите кон земјава, за кои самите придонесоа.
Како да им тежи нешто, а враќањето на „местото на злосторот“ го гледаат како можност за примена на шок политика според принципот „клинот со клин се избива“. Како да стануваат свесни дека секоја конвенционална понуда за време на кампањата на локалните избори е осудена на неуспех, па затоа прават обид да ги инволвираат сите останати во нивниот „злостор“. Така ќе им биде полесно и ќе имаат повеќе шанси за успех ако ги навлечат останатите да бидат онолку сервилни, да не речеме онолку предавници, колку што се тие.
Како поинаку да се сфати предлог резолуцијата на СДСМ и нивните „црвени линии“ кои ја обелоденија токму сега?!
За некој да има кредибилитет да предлага „црвени линии“ за одбрана на македонските атрибути и вредности, тој треба да има сериозно политичко портфолио и минат труд во почитување на претходно зацртаните „црвени линии“ и национални интереси. За некој да ужива доверба кај граѓаните и политичките опоненти, треба да оставил нешто зад себе за да може да очекува нешто за возврат да најде пред себе.
А што е тоа што го видовме и го гледавме во минатите години на владеење на СДСМ? Што е тоа за кое може да се сетиме дека СДСМ го оставил зад себе како заедничка придобивка која ќе биде од корист на сите граѓани?
Се сеќаваме кога пред една деценија избувна „шарената револуција“. Таа го привлече нашето внимание како нов и неконвенционален облик на протест за нашите простори. Тоа беше протест со боја, со перформанс и со нов визуелен јазик. Не дека нашите граѓани не беа свесни или пак не беа виделе слични обоени револуции во други земји, сепак „шарената револуција“ успеа да ја достигне посакуваната критична точка за да може да ги придвижи процесите во правец посакуван од нејзините креатори.
„Шарената револуција“, како метод кој се користеше за остварување на зацртаните цели, држеше до симболиката, бојата, креативноста, јавниот простор и дистинкција од традиционалните политички форми. За дел од граѓаните шарената револуција беше знак на социјална и морална обнова. За истите тие граѓани, „шарената револуција“ претставуваше аларм дека политичката клима мора да се промени, без оглед на тоа што „револуцијата“ беше продукт на политичка кујна.
Тоа беше кујна на една политичка партија која имаше интерес да дојде на власт преку премостување и изигрување на демократските процедури. Кујна која имаше бескрупулозен однос кон политичкиот противник, а политичката супстанца и поддршка ја црпеше од трговијата со националните интереси.
Како владееше таа партија, какви тектонски политички пореметувања направи во државата, каква девастација на судството, здравство, образованието и севкупната економија, како и невидената политичка некултура и реваншизам кон неистомислениците, можевме да гледаме и да го преживуваме нивното време самите ние, граѓаните.
Можевме да видиме какви понижувачки отстапки се правеа и како беше доведувана државата во подредена позиција на надворешно политички план. Бевме сведоци и современици на непропорционални договори за добрососедства, историски комисии и наметнати преговарачки рамки. Сведочевме на промени на Уставот, кои се засноваа на неуспешен референдум и без потпис од Претседателот на државата. Ни беше наметната предвремена имплементација на одредби од договори, иако за таквата имплементација нејзините потписници земаа обврска да се спроведува по започнувањето на преговарачкиот процес со ЕУ.
Едноставно лажеа и распродаваа
Сега, истата таа партија, СДСМ, која на власт дојде со „шарената револуција“, предлага нешто „ново“. Предлага нешто кое што тие го нарекуваат резолуција, која што во себе содржи некакви црвени линии. Предлага некаква резолуција, која симболиката на шаренилото ја заменува со симболиката на црвенилото. Предлагаат резолуција како вчера ништо да не било, а тие небаре се некоја нова политичка структура која никогаш не била на власт и не учествувала во процесите за кои што зборуваме.
Што да се коментира на сето ова? Наједноставно е да се каже тоа дека ако го имаме на ум исходот од шарената револуција и власта која што таа ни ја наметна, нема да биде ризик за да се заклучи дека исходот од црвената резолуција на СДСМ би бил сосема идентичен и погубен за националните интереси на државата и на македонскиот народ. Толку!
Тоа е најкраткото и најлогичното нешто кое што од прва може да се извлече како заклучок од најновата политичка иницијатива која што доаѓа од СДСМ во пресрет на локалните избори.
Во претставувањето на резолуцијата, со намера се користат „црвените линии“ како асоцијативен термин. Тоа е термин кој повикува на некаква трансформација во пристапот, на некакво обединување на политичките чинители и прераснување во институционален формат на ниво на државна политика. Но, дали предлагачите навистина веруваат дека нивната резолуција од страна на граѓаните се доживува како некаква новина, или пак како нешто сосема обратно, како обид да се изманипулира јавноста исто онака како што беше направено со „шарената револуција“?!
Историјата покажа дека бојата на црвените линии на СДСМ во најголем број случаи избледуваше. Добиваше поинакви нијанси, розови, сини, жолти или зелени. Линиите исчезнуваа во шаренилото на бои, а СДСМ со леснотија ги газеше и правеше постојани престапи во однос на националните интереси. Праксата нѐ тера тоа истото да го очекуваме и овој пат, односно црвената резолуција на СДСМ полека да го добие посакуваното шаренило проектирано од нивната партиска кујна. Од тука, логичен е заклучокот дека со примената на шок политики, СДСМ преминува од тактика на „шарена револуција“ во тактика на „шарена резолуција“.
Наша задача како граѓани е да препознаеме кога симболиката и служи на моќта, а кога моќта и служи на симболиката. Мора да сме подготвени правилно да ги читаме пораките, особено оние пораки кои доаѓаат од извори кои целосно ја имаат загубено својата кредибилност и веродостојност. Да се поверува еднаш на шарените лаги е вина на оној кој што излажал, но ако се поверува по втор пат на слични шарени манипулации, тоа ќе биде вина и одговорност на самите оние кои што дозволиле да бидат изманипулирани.
СДСМ ја започнува својата кампања за локалните избори со „шарена резолуција“ маскирана зад маската на патриотизмот, обединувањето и заштитата на националните интереси. Во таа визура, „шарена резолуција“ може да се чита како нова фаза на една иста игра, игра на трговија со националните интереси. „Шарената резолуција“ на СДСМ не претставува никаков голем пресврт, туку нова тактика за продолжување на истите политики кои егзистираа во времето на Заев. Оваа политика се покажува како исклучително упорна, онолку упорна колку што е постојана и упорна политиката на негаторите на постоењето на сѐ што е македонско. Тоа е политика, која колку и да нема поддршка кај македонскиот народ и граѓани, толку повеќе бара начин да се адаптира и репродуцира во нова форма и под нова маска со цел да отвори ново жариште на политичка конфронтација. „Шарената резолуција“ на СДСМ не може да биде ништо друго, освен нов жариштен пункт подметнат од нејзините креатори.
На крајот од денот, се поставува прашањето, на каква политичка легитимност ќе се заснова оваа „шарена резолуција“, доколку нејзините креатори и предлагачи бидат катастрофално поразени на претстојните локални избори? На тој начин и со овој предлог даден токму во овој момент, СДСМ на локалните избори им додели дополнителна, референдумска димензија. Овие избори ќе бидат своевиден референдум за тоа дали граѓаните прифаќаат да влеземе во нова спирала на отстапки и понижувања.
Изборите ќе бидат референдум за тоа дали прифаќаме промена на Уставот до 10ти февруари, без да има гаранција за прекин на наметнувањето на нови блокади и притисоци за редефинирање на македонскиот идентитет. Овие избори ќе бидат и референдум за тоа дали заговорниците на жилавите антимакедонски политики треба да продолжат да егзистираат на македонската политичка сцена, или истите треба да исчезнат, еднаш и засекогаш… барем овде во Македонија.