
Ништо не ја покажува нервозата во редовите на СДСМ поради поврзувањето на македонската Влада со администрацијата на Трамп во САД како одлуката да го извадат Стево Пендаровски од факултетската катедра под која се криеше во изминатата година и да го стават пред камери. Поранешниот претседател изгледаше непотребно нервозно и во најспокојните периоди за неговата партија, а не пак сега, кога имаат вистинска причина да се нервозни. Имено, нивниот повеќедецениски монопол врз односите со Вашингтон се рони, а НВО машинеријата прикрпена за СДСМ се расштрафува дел по дел.
Во ваква критична ситуација, Пендаровски излезе со теза дека Македонија немала како да го убеди Трамп да ни помогне во нашиот најголем надворешно-политички проблем – ветото од Бугарија – и затоа не треба ни да се обидуваме. Но проблемот со Бугарија е симптом, не е вистинската болест која ја мачи Македонија. Тој е резултат на неверојатно попустливата политика на СДСМ, и подоцна, нивното препуштање на водењето на надворешната политика на ДУИ. Ние немавме спор со Бугарија до 2019 година. Секако дека имало политичари во Бугарија кои будно ја следеле ситуацијата во Македонија и ја чекале можноста кога Македонија ќе биде послаба, во криза, и евентуално да го пополнат празниот простор кој би се создал со доаѓање на власт на политичка опција која ќе крене раце од македонската историја и националниот идентитет. Нормално дека за нив, доаѓањето на Заев на власт е шанса која не смееше да се пропушти. На барања на кои претходните македонски влади ќе реагираа остро, Заев реагираше со однапред прифаќање на сите поставени услови, кои секако, во негов стил, не мислеше да ги исполни. Оттаму, слабоста на СДСМ на национални прашања е генераторот на кризите во Македонија. Таа слабост и попустливост, кон која СДСМ се приклонува во надеж дека ќе биде допадлив партнер на странскиот фактор и ќе биде незаслужено донесен на власт, доведе до целосен пораз во спорот со Грција, огромни отстапки кон албанските интереси и го создаде спорот со Бугарија.
Во моментов е рано да се предвиди како ќе се развиваат односите САД – ЕУ. Пред да разговараме дали администрацијата Трамп ќе сака да и помогне на Македонија да го надмине спорот со Бугарија, треба да се прашање дали можеби односите САД – ЕУ ќе бидат до толку нарушени да евентуална американска интервенција стане контра-продуктивна?
Но, САД можат да ни помогнат на друг начин. Во голема мерка токму од САД зависи дали во Македонија ќе продолжат на сила да биде ветувањето дека политичката опција која ќе биде подготвена да прави отстапки со македонските национални интереси автоматски ќе добива поддршка „од меѓународната“ за да дојде на власт. Да престанат македонското прашање да го решаваат така што на власт ќе ги донесат најпослушните, кои се подготвени да потпишат се што ќе се стави пред нив на маса.
Ако СДСМ се реформира и се врати на своите позиции од пред 2008 година по националните прашања (во 2008 година СДСМ ја усвои тезата дека Македонија мора да ги прифати сите барања на земјите – членки на ЕУ и НАТО) или ако биде заменета со друга опозициска партија, тогаш ќе се смени и математиката на нашите соседи. Сега, тие само треба да не блокираат и да чекаат СДСМ да дојде на власт, кога ќе испорачаат своите барања. Но, ако знаат дека и по паѓањето на ВМРО-ДПМНЕ од власт, следната власт нема така лесно да ги прифати нивните барања, можеби ќе бидат по-реални, ќе прифатат одреден компромис, или пак ќе престанат да поставуваат непринципиелни услови. Не е нормално една земја да се расправа со вакви идентитетски и историски прашања, а причината зошто тоа упорно ни се случува е што едната од нашите две големи политички партии тоа го дозволува.
Тој суштински проблем Трамп деновиве ни го решава со раскинување на крајно непринципиелната пракса Америка, со целата своја дипломатска тежина, да застане во поддршка на една политичка опција во Македонија, а против друга. Да бара избори да се водат под услови кои во старт даваат 2:0 во полза на СДСМ, со нивни судии, па дури и дополнителни играчи кои ќе истрчаат на теренот на денот на изборите да гласаат за СДСМ. Да насочи десетици милиони во грантови кон финансирање на организации и медиуми директно поврзани и координирани со СДСМ. Да им дозволи на овие организации да пишуваат крајно пристрасни извештаи за слободата во медиумите, почитување на човековите права, ЛГБТ агендата, и потоа од тие извештаи да прави политички проблеми на кои македонската Влада мораше да одговара, да се објаснува и брани. По смената на власта, сите овие организации преку ноќ стивнаа, па дури и една нивна ѕвезда (за која се дискутираше во Конгресот) деновиве се жалеше како во времето на СДСМ и рекле дека не мора веќе толку многу да се труди со истражувачко новинарство.
Трамп буквално ги укинува организациите преку кои се спроведуваше оваа непринципиелна пракса, ги прогласува за криминални пералници на пари и најавува кривични истраги. Во Конгресот на САД се отвори прашањето на поврзаноста на програмите на УСАИД и Фондацијата Сорос, а во низа европски држави, во кои во моментов во тек е некој вид на обоена револуција, новата американска администрација отворено застанува во поддршка не на „либералните“ туку на суверенистичките сили.
Крајно иронично е СДСМ да се жалат дека ВМРО-ДПМНЕ конечно успева да направи одреден пробив во Вашингтон и да допре до идеолошки блиски, слично мислечки, високи функционери на администрацијата на Трамп. Деновиве гласноговорниците на СДСМ се жалат зошто не биле информирани, консултирани и прашани за овие средби. Зарем СДСМ информираше за средбите на кои се договарала и подготвувала шарената револуција? Дали Заев ја информираше јавноста за средбите во САД на кои „повисоките надвор од Македонија“ го подготвувале да биде донесен на власт (како го подготвија, тоа е друго прашање).
Не другари. Вие први почнавте и вие ја воспоставивте праксата дека изборот на власта зависи од контактите со „повисоките од надвор“. ВМРО ги има сите други атрибути за да биде власт – широка поддршка од најголемиот народ во Македонија, заштита на македонските национални интереси, докажана пракса на спроведување на економски реформи и инфраструктурни проекти – се што СДСМ нема. Единствено што СДСМ имаше досега беше поддршката „од надвор“. А сега и тоа го губат.
Нервозни од сознанието дека им е урива единствената шема за доаѓање на власт, од СДСМ се нафрлија на Трамп со обвинувања дека бил неонацист, потоа автократ (човек кој не уапси никого во неговиот прв мандат, а против кого неговите политички противници исштанцаа десетици кривични пријави бил автократ), дека бил милитарист (единствениот претседател на САД во поновата историја кој не почна нова војна) и дека бил корумпиран „трансакционен политичар“. Внимавајте, Трамп бил трансакционен политичар. Неговиот претходник Џо Бајден беше потпретседател на САД кога администрацијата на Обама ја почна обоената револуциј во Украина, која доведе до денешната катастрофа. Како далеку поискусен во мочуриштето на американската дипломатија од младиот претседател, Бајден веднаш се наметна во организирање на пост-мајданската Украина, во која, како и во шарената Македонија, американските дипломати директно именуваа премиери, министри, градоначалници, судии и обвинители. Токму разрешувањето на украинскиот обвинител Шохин е еден од најголемите скандали на Бајден. Семејството на Бајден директно профитирало од промената на власта во Украина – неговиот син Хантер Бајден, и покрај тоа што немал никакво искуство во енергетскиот сектор, е именуван за член на бордот на енергетската компанија Бурисма. Кога обвинителот Шохин тргнал да испитува коруптивни зделки поврзани со оваа компанија, Бајден се заканил дека ќе ја ускрати помошта од УСАИД за Украина, ако Шохин не биде сменет. Бајден како смешна анегдота ја раскажуваше приказната како успеал да го смени украинскиот обвинител кој го истражувал криминалот на син му.
Никој не кажува дека Трамп бил 100 процентно чист во своите бизнис практики. Но тој никогаш не бил на власт до 2016 година (а очигледно и тогаш не бил власт). Тој е мало дете во однос на коруптивниот „трансакционизам“ во споредба со политичарите од естаблишментот, од двете партии во САД, кои со децении почнувале и завршувале војни, финансирале обоени револуции и треселе милиони и милијарди како од ракав на нивните политички поддржувачи преку организации како УСАИД. Инстинктот на Трамп и кругот околу него да стави крај на овие инструменти преку кои американската надворешна политика се злоупотребувала за лично богатење е за секоја пофалба.
Но, луѓето кои му дадоа на Артан Груби со Бајденовите дипломати да преговара зделка вредна милијарди долари биле згрозени како Трамп бил трансакционен политичар. Мда.