Skip to main content

Македонските интереси и Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ

Ако судиме според првите два месеци од годинава што е во тек, може слободно да кажеме дека се работи за година на сериозни дипломатски активности и сериозни дипломатски контакти на глобално ниво. Сведоци сме на возобновувањето на американско-руските контакти кои добија своја димензија и на највисоко, претседателско ниво. Светот будно ги следи директните американско-руски преговори за воспоставување на мир во Украина, но истовремено будно ги следи и активностите на украинскиот претседател кој со сите сили се обидува да остане во игра. Не помалку интересни се и активностите на европските земји, кои чекајќи го дефинитивниот став на американската политика, забрзано се подготвуваат за нивниот план Б со цел да не останат маргинализирани и исфрлени од дипломатската бура која што ја зафати западната цивилизација.

Сведоци сме на контроверзни и спектакуларни средби меѓу јавно најекспонираните светски лидери, средби кои што се онолку загрижувачки колку што се несекојдневни и интересни за гледање. Следиме и серија на крајно сериозни билатерални и мултилатерални настани на европскиот континент кои имаат за цел да ја утврдат европската политика во однос на војната која што се случува на европското тло.

Дали ќе видиме утврдување на единствен став на ЕУ во однос на војната? Дали ќе видиме став кој ќе се дефинира како Заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, или можеби ќе гледаме понатамошна фрагментација и регрупирање на европските земји?! Дали ќе има американско-европско унифицирање на ставот и продолжување на стратешкото партнерство, или пак семејната расправија ќе излезе надвор од контрола? Сето ова ќе мора будно да го следиме во рамки на дипломатската бура која што започна во моментот на инаугурацијата на американскиот претседател. Тоа ќе претставува предмет на интерес на сите оние што будно, но и помалку будно ги следат настаните во светската политика.

Ќе погрешиме ако не кажеме дека тука некаде, на линијата на трендот на зголемени дипломатски активности во 2025 година се и Македонија и македонската влада. Сведоци сме на посети, средби и учество на настани во САД, Германија, Турција и Унгарија на премиерско ниво, но и на посети и средби од различни министерски ресори на Австралија, Словенија, НАТО (Брисел), како и на најнепосредното соседство. Не само што го следиме физичкиот аспект на присуството на нашите претставници на бројните настани, туку истовремено ја следиме и нивната проактивна дипломатска активност која што ја става државата во активна политичка положба во однос на клучните збиднувања во светот, особено во западната политичка хемисфера.

Во исто време, сведоци сме и на зачудувачките критики од страна на политичките опоненти на македонската влада, како и критиките од страна на нивните медиумски, експертски и ангажирани експоненти. Тие се обидуваат да ја искористат секоја прилика за критика и намалување на вредноста на споменатите дипломатски активности. Можеби за некого би било разбирливо тоа што на критичарите и опонентите на македонскиот премиер и министри не им се допаѓаат средби и активности со администрација, претседатели и премиери од калибарот на Трамп, Ердоган или Орбан, но тоа е само нивна политичка преференца која нема никаков суштински придонес во однос на зајакнувањето на политичко-економските позиции на Македонија.

Ако оние кои што сметаат дека дипломатските активности и изборот на соговорниците треба да има поинаков состав, тогаш нека го направат тоа самите. Не е во ред да се критикуваат нечии активности кога во исто време опозицијата нема воопшто никакви дипломатски активности кои ќе дадат придонес во зајакнувањето на политичко-економските позиции на државата. На крајот од денот, внатрешните политички пресметки треба да останат тука, за по дома, додека се она што нашите политички претставници го работат на надворешнополитички план, независно дали се работи за десни или леви, власт или опозиција, треба да има ист интерес и да дава позитивен бенефит за граѓаните и државата. Активноста и придонесот на едните треба да бидат надминати со поголема активност и придонес на другите, а не со критизерство, пасивност и креирање на сосема неполитички и неважни теми кои целосно се нерелевантни за интересот на македонскиот граѓанин.

Од тие причини, единственото опипливо нешто кое што во моментов може да се коментира, поддржува или критикува, се активностите на владата. Тука може да зборуваме за тоа дали изборот на владините потези е внимателно и промислено одбран, како и усогласен со партнерите, или пак се работи за чисто политичко чувство и уметност на возможното. Во исто време, алтернативни дипломатски активности и политички решенија од страна на опозицијата не се нудат, барем не како производ на нивното директно присуство и учество во актуелниов политички момент. Застарените решенија од времето на нивното владеење со кои се обидуваат да ја надополнат неактивноста, безидејноста и отсуството на чувство за моменталната политичка реалност, се прегазени од времето и од изборната волја на граѓаните.

Владата и премиерот заслужуваат силна поддршка во однос на дипломатско-политичките активности кои што ги реализираат во изминативе два месеци. Рековме дека на сцена имаме проактивен пристап во водењето на надворешната политика која за жал не наиде на одобрување на застапниците на слепото и беспоговорно држење до директивите од Брисел.

Да бидеме на чисто, сосема се во ред заложбите Македонија да води усогласена надворешна политика со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија. Впрочем, ние сме земја кадидат за членство во ЕУ и сите досегашни активности на надворешнополитички план беа во согласност со таквата политика. Таа усогласеност можеби повеќе се должеше на отсуство на разумна алтернатива и отсуство на волја за напуштање на рамката од страна на претходната влада, најчесто по цена на сопствената штета.

Сега се поставува прашањето, дали воопшто постои Заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ во овој момент? Гледаме дека во ЕУ постојат дисонантни тонови во однос на војната во Украина. Тоа го доведува под сериозен знак на прашање терминот „заедничка“. Дали можеме да зборуваме за нешто заедничко кога во исто време дел од ЕУ членките се залагаат за продолжување на војната, дел се за нејзино окончување и воспоставување на мир, а дел делуваат пасивно и чекаат која од страните ќе издоминира?!

Од тие причини, досегашните активности на македонскиот државен врв се сосема разбирливи и оправдани, особено кога во однос на безбедносните прашања приоритетот му беше даден на стратешкото партнерство со САД. Ние, овде во Македонија, од таканаречената Заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ ја почувствувавме само политиката и притисоците од нашите соседи кои како земји членки секогаш успеваа својата национална политика да ја вградат во заедничката надворешна политика на ЕУ и како таква да ни ја сервираат на маса. Ние со години го чувствуваме овој ефект на заедничката надворешна политика на ЕУ.

Класичен пример за ваквото тврдење е преговарачката рамка меѓу Македонија и ЕУ, поточно обврскате за промената на Уставот која што се наметнува со неа. Бугарија одамна се оградува од сопствената одговорност и постојано повторува дека преговарачката рамка е став на Брисел и истата ја одразува заедничката надворешна политика на ЕУ кон Македонија.

Ова е сосема доволна илустрација за тоа дека заедничката надворешна политика на ЕУ кон нас не е ништо друго освен поинаква форма на националните политики на нашите соседи. Тоа ја потврдува констатацијата дека заедничката надворешна политка на ЕУ е девалвирана величина која мора да претрпи реформи, а македонската влада треба внимателно да го следи периодот на транзиција на светско ниво и соодветно да се позиционира.

Тоа не значи дека не треба да се почитуваат европските земји како суверени државни субјекти. Треба да се почитуваат како земји кои имаат сопствени интереси и во рамки на таквите интереси да се артикулираат и нашите. Во Европа имаме многу пријатели и со многу земји може да се градат успешни релации кои ќе и помогнат на Македонија, без притоа доброволно и самоиницијативно да го продолжи процесот на самонегирање и разнебитување.

Овие констатации одат во прилог на исправноста на актуелната надворешна политика на македонската влада. Нема да биде лесен патот да се поправат непромислените и избрзани грешки кои што на Македонија во наследство и ги остави претходната власт. Нема да биде лесно да се движат процесите за нештата кои беа резултат на неспособноста и политичкото слепило на оние што мислеа дека сме го добиле датумот и сме ги започнале преговорите.

Секој обид за санирање на штетите е добредојден, а секој што активно учествува и придонесува во тој правец треба да биде поддржан!

Поврзани вести