
фон дер Лајен
Дали Урсула фон дер Лајен доаѓа во Скопје да ни донесе компас или да ни даде гаранции?
Филипче бара компас, а Мицкоски гаранции!
Независно од тоа дали таа ни носи компас или гаранции, нејзиното доаѓање во Македонија за време на избори е политички сигнал дека ЕУ очекува стабилност од земјата, продолжување на реформите и активен придонес од страна на сите релевантни политички чинители. Во исто време, доаѓањето на Урсула фон дер Лајен во Скопје е добра прилика да се покаже дека ЕУ и европските институции се ангажирани, проактивни и заинтересирани за македонскиот пат кон ЕУ. Што и да ни носи таа, нејзиното присуството претставува силен симбол (кој што таа сака да го прати) дека Европската унија го поддржува остварувањето на македонската стратешка цел, интеграцијата во ЕУ.
Тоа е формата на нејзиното доаѓање. Како ќе биде суштински разбрана нејзината посета на Македонија од македонските граѓани, во голема мера зависи од тоа дали ќе ни донесе компас или гаранции. Таква е реалноста и расположението кај граѓаните. А, дали Урсула ќе си замине од Скопје со восприемана реалност, тоа зависи од нејзината подготвеност и отвореност за восприемање на волјата на граѓаните?!
- Филипче
Зошто Филипче последниве денови интензивно го употребува терминот „компас“, во низа изјави каде што ја критикува надворешната политика на владата? Зошто токму сега го форсира овој термин кога Урсула фон дер Лаен ја посетува Македонија, во очи на првиот круг од локалните избори? Што сака да каже, дека токму тој го поседува компасот кој ќе ни ги отвори очите и покаже патот по кој што треба да се движиме како народ и држава?!
Македонскиот компас како инструмент за навигација одамна ја покажа ЕУ како дестинација кон која треба да се движиме. Европската унија не е само наша посакувана дестинација, туку и стратешка цел која што долги години се стремиме да ја постигнеме. Уште во раните деведесетти, додека неговата матична партија се мачеше со себе распознавање и дефинирање на сопствените политики, во услови на распад на СФРЈ, во тоа време некој го имаше компасот во раце и јасно го покажа патот, наспроти сите опструкции кои што доаѓаа токму од неговата партија и претходниците на Филипче од СДСМ.
Но, компасот како инструмент, освен што може да го покаже правецот на движење, не може да ги предвиди сите можни пречки и опструкции кои што можат да се најдат на тој пат. Движењето никогаш не е праволиниска траекторија ослободена од несакани блокади и повремени запирања. Сосема е во ред тоа што Филипче, како наследник на опструкторите на македонските евроинтеграции од деведесеттите, ја прифатил линијата детерминирана со македонскиот компас на движење, но не е во ред што Филипче таа линија ја замислува како пат на кој треба да дадеме и загубиме сѐ што поседуваме како национална и културна вредност.
Ваквото постојано инсистирање на Филипче, токму во моментите пред и за време на изборната кампања, за итно решавање на прашањето со уставните измени, говори за тоа дека Филипче има конкретна агенда со јасно дефинирана цел. Тоа е онаа иста цел која беше преземена како обврска од владата на неговиот сопартиец Ковачевски, за менување на македонскиот устав како услов за почеток на преговорите со ЕУ. Независно од тоа што оваа политика има сосема мала, речиси незначителна поддршка кај македонските граѓани, Филипче упорно опстојува на истата, дури и по цена на негов целосен политички бродолом. Зошто еден политичар упорно би водел ваква самоубиствена политика која ќе резултира со негово исчезнување од политичката сцена.
Тука доаѓаме до терминот „куферчиња“. Тие како симбол кажуваат многу. Употребата на терминот „куферчиња“, дури и ако е со политички зајадлив или шпекулативен карактер, или пак се работи за вистина, нѐ води кон сосема логичен заклучок. Заклучок кој вели дека токму куферчињата го претставуваат мотивот и обврската кои што го даваат одговорот на прашањето, зошто Филипче во сред кампања за локални избори води самоубиствена политика. Некој на шега на Филипче би му рекол: „Ако си уценет, трепни два пати“.
Не е логично еден врвен интелектуалец, доктор, лидер на најголемата опозициона партија да нема тродимензионален приказ на патот кон ЕУ и да ја следи само правата линија која што му ја покажува неговиот компас. Не е логично да нема луѓе во СДСМ кои јасно гледаат дека влегувањето во ЕУ со раскинат идентитет и национални атрибути, не е наш интерес кој што е компатибилен со исполнувањето на нашата стратешка цел.
Сосема е логично дека постои супстанца во СДСМ која јасно гледа дека таму се уште владее „заевизмот“. Постојат луѓе на кои им е повеќе од јасно дека исполнувањето на преземените обврски, наметнати преку трампа на националните вредности со „куферчињата“, токму затоа се туркаат и во вакви моменти, дури и по цена на политичко самоубиство.
- Мицкоски
За разлика од Филипче, кај премиерот Мицкоски може да забележиме сосема поинаков пристап. Од неговите ставови јасно се гледа дека тој не отстапува од патот на Македонија, која што се движи кон Европската унија повеќе од две децении. Мицкоски постојано повторува дека тоа е клучна стратешка определба, но во исто време и постојан извор на политички предизвици. Пречките и блокадите кои што беа наметнати, првин од Грција, а потоа и од Бугарија, претставуваат практични показатели и поуки стекнати на тој пат. Мицкоски нив ги зема со најголема сериозност и воопшто не ги игнорира. Тој покажува политичка свест и зрелост дека ваквите пречки создадоа перцепција меѓу граѓаните дека евроинтеграциите не се само процес на усогласување со европското законодавство, туку и тест на национален идентитет и вредности.
Неговите изјави јасно покажуваат континуитет во поддршката за европската агенда, но со поинаква доктрина: „Да за ЕУ, но не по цена на загуба на македонскиот идентитет, јазик и останати вредности кои нѐ детерминираат како народ“. Оваа формула ја нагласува потребата процесот да се одвива на рамноправна основа, без билатерални условувања и без ризик за македонскиот идентитет. Ваквиот пристап на Мицкоски претставува суштествена спротивност од политиката на Филипче. Спротивност која што е јасно препознаена од мнозинството македонски граѓани и кои што даваат поддршка на таквиот пристап.
„Без гаранции од Европската Унија за посебниот македонски идентитет, јазик и култура, нема уставни измени.“ Со оваа реченица тој ја постави основната линија на одбрана во преговорите со Брисел. Мицкоски не одбива уставни измени како такви, но ги условува со претходно добиени јасни гаранции.
Мицкоски во своите обраќања постојано го повторува принципот дека евроинтеграциите треба да бидат процес на меритократија, да се напредува или стои во место според заслугите, а не поради диктат и уценување од соседните земји. Гаранциите што тој ги бара се начин да се „европеизира“ процесот, односно да се отстрани билатералниот елемент што со години го оптоварува македонскиот пат кон ЕУ.
Овој пристап ја преместува тежината на преговорите од политички симболизам, билатерализација на процесот, како и дискусии за минатото и историјата, кон правно-дипломатска рамка поврзана со критериумите на ЕУ од Копенхаген. Тој бара Европската Унија да воспостави институционален филтер, сличен на оној што го има Европската комисија при отворање на преговарачки поглавја, кој ќе ги елиминира барањата што не се во согласност со европските вредности и правото на самоопределување. На тој начин, Мицкоски настојува Македонија да ја позиционира како активен, а не реактивен учесник во европскиот процес. Ова претставува уште една суштинска разлика со политиките на Филипче, кои не се ништо друго, освен континуитет на сервилниот и реактивен однос кој што го имаа владите на Заев и Ковачевски.
Да се вратиме на Урсула. Исходот од изборите во голема мера ќе придонесе да и сугерира на претседателката на ЕК што да извади од нејзината ташна. Компасот или гаранциите? Веќе рековме дека компасот одамна го имаме. Многу поодамна од Урсула, Хан или Могерини. Имавме и компас и блокади, исто како што и денеска ги имаме истите „помагала“ за влез во ЕУ. Немаме гаранции! Поддршката на политиките на Филипче ќе и прати јасен сигнал на Урсула фон дер Лајен дека на нас ни требаат само компаси за да си се вртиме во круг. Поддршката на политиките на Мицкоски јасно ќе и стави до знаење на Урсула дека народот бара гаранции.
Овие избори, го сакале ние тоа или не, добија уште една многу едноставна димензија на избор, компас или гаранции!