Skip to main content

Дубаи виа Атина

Веќе е јасно дека македонската Влада издејствува голема победа во Европскиот Парламент. Во минати години бевме сведоци на понижувачки обиди да се вметне придавката „македонски“ во годишниот извештај на Европската Унија. Известувачите како Талер или Ричард Ховит (кои честопати доаѓаа од сестринските партии на СДСМ или беа многу блиски до нив) ќе го вметнеа зборчето на некое небитно место, на пример ќе се обидеа да ја спомнат „македонската администрација“ или „претпријатието македонски патишта“, но дури и ваквите обиди се соочуваа со протести од грчките евро-пратеници, па паѓаа разноразни амандмани со кои се бришеше зборот „македонски“, по што нашите претставници одбиваа да го примат извештајот.


Од друга страна, СДСМ за свој голем успех во обезбедувањето гаранции од ЕУ за македонскиот идентитет го брои тоа што договорот со Фронтекс за ловење мигранти на македонско-грчката граница бил ратификуван и на македонски јазик, без бугарско вето. Според нив, тоа огромна отстапка од Бугарија и гаранција дека Бугарија го признала македонскиот јазик (?!)


Но сега имаме предлог извештај на Европскиот Парламент во кој недвосмислено се зборува за македонскиот национален идентитет и за македонскиот јазик. Зборот „македонски“ е употребен таму каде што му е место. Притоа имаме евро-пратеници од низа западноевропски, балтички и балкански држави кои цврсто ја бранат оваа позиција, наспроти еднодушното противење на бугарските евро-пратеници кои со своите напади врз известувачот Вајц потврдуваат дека Македонија извојувала сериозна победа.


Како и да заврши оваа драма (Бугарија го одложи гласањето за извештајот), јасно е дека ова сериозно приближување на Европскиот Парламент кон македонските позиции се случува во време на ВМРО-ДПМНЕ, и е резултат како на позитивните активности на македонската влада, така и на бранењето на македонските национални позиции, што ни покажува дека ако бидеме цврсти и истрајни, можеме да постигнеме резултати и да ги принудиме западните институции некогаш да ги земат предвид и нашите позиции. Ако сме попустливи како СДСМ, во старт знаеме дека ќе нижеме порази.


Како потврда дека Македонија одработила за овој развој на настаните во Брисел, тој дојде откако во Софија и Скопје престојуваше претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта. Додека неговите јавни пораки во Скопје не беа попустливи или особено пријателски, јасно е дека заднински се работело за да се издејствува позитивен резултат. Патем, Кошта во Скопје не се сретна со претставниците на СДСМ. Ги нема ни европратениците и амбасадорите кои ги држеа СДСМ за рака во нивните претходни кампањи за уривање на власта, и им ги исполнуваа сите желби – им пишуваа нереално критички извештаи, им ги финансираа партиските медиуми и невладини организации, им носеа странски новинари да ги потврдуваат тезите на СДСМ..

Наместо тоа, гледаме дека ЕУ почнува да игра една нормална улога во земја за која се декларирала дека сака да ја прими во членство – ако сакате и со најавите дека ќе инвестира сериозно во закрепнувањето на Кочани од ужасната трагедија што го погоди овој град.


И други надворешно-политички чекори на македонските власти, кои не се директно поврзани со Европската Унија, сепак индиректно ја засилуваат нашата позиција. Македонија активно се профилираше пред новите американски власти, со неколкуте посети на премиерот Мицкоски на Вашингтон, и со неодамнешната средба на министерот Муцунски со секретарот Рубио. Големиот стратешки договор со Британија кој премиерот Мицкоски и премиерот Стармер го најавија по заедничката средба, а кој го спроведува вицепремиерот Николоски, и дава на Македонија многу потребна алтернатива додека поради ветото е приморана да чека на на инфраструктурните фондови на Европската Унија. СДСМ и тука ги нема никаде или пак прават непромислени чекори – изборот на Трамп тие го дочекаа со навреди упатени кон американскиот претседател и смешни прогнози за колапс на американската економија, па дури и општествениот консензус, додека од договорот со Британија се обидоа да пласираат по некоја лажна вест за наводни мигрантски кампови. Двете овие грешки во односите со две клучни светски сили скапо ќе го чинат СДСМ.


СДСМ има можност барем формално да се припои кон успехот во Брисел, откако премиерот Мицкоски самиот им понуди на нив и на либерал-демократите да бидат дел од развојот на настаните така што ќе лобираат кај своите сестрински партии да се финишира позитивниот извештај. Од СДСМ велат дека ќе лобираат кај нивните сестрински партии од социјал-демократската коалиција ПЕС – партија на европските социјалисти, каде што Шекеринска беше и потпретседателка. Но, да можеа СДСМ нешто сериозно да влијаат кај европските социјал-демократи, и да имаа некаква партиска солидарност со нив, веројатно ќе го направеа тоа кога спорот со Бугарија беше во зародиш. Тогаш на СДСМ очајно им беше потребен меѓународен успех – да покажат дека по понижувачката промена на името сепак успеале нешто да издејствуваат за Македонија.

Но, во најголем дел од текот на спорот со Бугарија, единствен легитимен извршен политички фактор во таа држава кој можеше да им излезе во пресрет на СДСМ и да ги спаси од политичко понижување, беше претседателот Румен Радев, кој беше избран од редовите на сестринската партија на СДСМ – БСП. А сепак, Радев беше конзистентно најтврдиот бугарски политичар во спорот, и поради неговата клучна улога во формирањето на преодните бугарски влади и водењето на надворешната политика на државата, токму овој сестрински политичар на СДСМ беше човекот кој ги закопа, ги посрамоти пред македонските граѓани, им ја подели партијата на два дела и ги осуди на долгорочна опозиција.


И што им останува на СДСМ да прават во оваа ситуација? Нивниот надворешно-политички ангажман деновиве се сведе на учеството на Филипче и Заев на конвенцијата организирана од нивниот пријател Алексис Ципрас во Атина. Да не е мачите, јас се жртвував и изгледав добар дел од петчасовната конвенција. И што да ви кажам..
Како прво, Филипче и Заев дури не беа ниту кај партијата која е нивна формална сестринска партија – ПАСОК. По сите тие приказни за ПАСОК-изација на грчките социјал-демократи и за подемот на Ципрас, денес ПАСОК повторно е втора или трета најголема партија во земјата, додека СИРИЗА, откако смени неколку лидери по падот на Ципрас, денес е маргинална политичка опција.


Главна ѕвезда на настанот беше американскиот сенатор Берни Сандерс кој се обрати преку видео врска, заедно со десетици други американски левичарски активисти и професори. Главната тема на конвенцијата беше „Трамп е лош“. Филипче, како лидер на една од двете најголеми опозициски партии во Македонија, седеше во публиката додека Ципрас и другите говорници ги обвинуваа американските власти за поткопување на меѓународната заедница и меѓународното право, за геноцид во Газа и за газење на правата на мигрантите (прашање е дали Ципрас слушнал дека главна тема на партијата на Филипче деновиве е да небулозно да ги плаши граѓаните со отворање на мигрантски кампови во Македонија). Еден од нападите врз Трамп беше и тоа дека го користел ова кратко време што е на власт да се збогати себеси и тие околу него. Филипче не појасни дали дошол до Атина да ги слуша овие антикорупциски пораки со Аудито што го добил од фирмата на Вице Заев, и дали оттаму со Заев ќе продолжат до Дубаи да видат до каде им се висококатниците.


Филипче немаше проблем да ја искористи посетата на држава која и има наштетено на Македонија како никој досега да ја напаѓа владата на сопствената држава за наводна автократија и за тоа што била премногу десничарска (веројатно затоа што ги брани македонските национални интереси – чудно што Ципрас не го спомна повторно неговиот голем успех да го натера Заев да ги прифати сите грчки барања токму кога Грците стравувале дека САД ќе почнат да вршат сериозен притисок врз нив за да не пикнат во НАТО). Но дури и во своето обраќање, Филипче призна дека жалниот собир на малку познати експерти и политичари од овој вид на левица веќе не е многу релевантен – тој се жалеше дека левичарските партии ја загубиле поддршката на работничката класа во своите држави, а гледаме што останува од лева партија кога ќе ги загуби работниците.

Експериментот на Ципрас во Грција заврши со економско понижување на земјата и панично вртење на граѓаните назад кон десницата. Сандерс беше можеби актуелен пред 10-ина години. Некои од говорниците се обидуваа да ја подгреат публиката со критики на НАТО, но тука беше Ципрас како свој главен надворешно политички успех да го посочи тоа што ја внел Македонија во НАТО.


Заев не се обрати на конвенцијата, но заедно со Ципрас ги доделија наградите „Преспа“. Па така гледавме како политичар кој и формално и забрани на сопствената држава да го отвора прашањето на геноцидот, етничкото чистење и присилната асимилација на Македонците во Егејска Македонија, да доделуваат награди на Палестинци кои сосем спротивно на неговата „сила бога не моли“ политика и тоа како го отвараа прашањето на војната во Газа.
Некој може да каже дека е во ред тоа што СДСМ биле во посета на минорно движење на леви партии присобрани низ Европа, бидејќи и ВМРО одржува такви контакти „крајната десница“ – поради учеството на премиерот на собирите CPAC во Вашингтон и во Будимпешта. Но, реалноста е многу поинаква. ВМРО останува членка на постарото, по-етаблираното конзервативно движење ЕПП, исто како што и СДСМ останува во ПЕС. И ЕПП и ПЕС губат терен во полза на нови политички движења од десницата и од левицата.

Но, општо земено енергијата е јасно на страната на десницата. Додека Филипче и Заев слушаа политички маргиналци, во Вашингтон премиерот Мицкоски се обрати пред целата гарнитура на администрацијата на Трамп. Пред две недели, на CPAC Будимпешта, Мицкоски беше во друштво на уште тројца премиери (Унгарија, Словачка и Грузија), претставници на владејачките партии во Италија, Шведска и Холандија, претставници на најголемата партија во Франција, на најголемата партија во Полска која неколку дена по CPAC победи на претседателските избори, најголемата партија во Австрија, лидерката на втората најголема партија во Германија и најгледаните десничарски коментатори во САД (Бен Шапиро, Џек Пособиец и Дејв Рубин).

Десничарското движење собрано околу Трамп, Орбан, Ле Пен, Мелони и Фараж веќе прописно ја засенува старата десница, дојде на власт во САД и во низа сериозни европски држави, а во се повеќе други држави естаблишментот мора да посегнува по тоталитарни мерки – поништување избори, штанцање кривични пријави и јавно воведување разузнавачки мерки против опозицијата, за да го спречи доаѓањето на власт на десните партии за кои народот се помасовно гласа. Од друга страна, и старата и новата левица се прилично бедна збирштина на политички аматери кои изгледа дека не се ни трудат сериозно да дојдат на власт. Во Франција се одржуваат на власт благодарение на сојузот со исламистичките гласачи, во Британија се веќе трета политичка опција а претендираат да владеат уште со години, и единствена светла точка им е Шпанија.


Притоа, да не заборавиме дека на ВМРО-ДПМНЕ, како на национална, суверенистичка партија, меѓународната поддршка никогаш не и била клучна за доаѓање и останување на власт – додека таа поддршка е неопходна за опстанокот на СДСМ. ВМРО традиционална ја има и ја задржува довербата на најголемиот дел од македонското гласачко тело. СДСМ се тие кои на власт доаѓаат само со помош на десетици милиони долари за обоени револуции, монтирани извештаи, постројување на сите амбасадори во Скопје на нивна страна.. На ВМРО не му е потребно да победи 10:0 на теренот на односите со меѓународната заедница.

Не му се потребни амбасадори да излегуваат на протести и да финансираат невладини организации и странски политичари да даваат изјави на поддршка. На ВМРО му е доволно да извади реален резултат со меѓународниот фактор, односно да не се соочува со активна кампања за промена на власта во Македонија. А гледаме дека партијата прави и повеќе од доволно за да го обезбеди тој резултат.

Поврзани вести