
Вистинската криза во една партија не започнува кога е под напад од страна на политичкиот противник. Тоа е сосема секојдневна и разбирлива состојба во еден демократски амбиент. Кризата започнува кога за состојбите, раководството и политиките во партијата ќе почнат да зборуваат нејзините луѓе. Започнува кога критиката доаѓа од оние што до вчера биле лице на партијата и дел од нејзиниот врв. Тоа е онаа состојба и оној момент кога проблемот кој што постои во една партија повеќе не може да се нарече политички напад од страна на противникот, туку внатрешна конфронтација и потврда на алармантната состојба.
Таквата алармантна состојба во СДСМ е потврдена во повеќе наврати во последниот период, особено од катастрофалниот пораз на парламентарните избори па навака. Да бидеме дури и попрецизни, формирањето на движењето ЗНАМ уште во периодот кога СДСМ беше владејачка партија, кристално чисто говореше за тоа дека таму состојбите не се добри. Говореше за тоа дека постои нешто проблематично кое од темел ја руши структуралната поставеност на СДСМ.
Ако во основата на напуштањето на СДСМ на значителен дел од партиското членство, кое што резултираше со создавањето на ЗНАМ, лежи конфликтот на тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, со кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, сега се поставува прашањето која е причината за продолженото незадоволство во СДСМ до ден денешен. Ако е до Оливер, тој беше политички активен и тогаш и сега. Дали сега е дел од актуелното раководство или не, е неважно прашање. Тој постојано е присутен во јавноста, а неговиот политички профил е препознатлив и перципиран како еден од носечките ликови во партијата. Дури е попрепознатлив од бледиот и веќе заборавен поранешен премиер, Ковачевски.
Исто така, внатрешните критики и незадоволства во СДСМ продолжија да се појавуваат со зголемен интензитет уште при самата постапка на изборот на Филипче. Ништо помало разочарување следеше при изборот на составот на најтесното партиско раководство. Тоа беше посебна приказна и потврда за карикатуралниот пристап на Филипче при формирањето на сопствениот партиски тим.
На овој начин, од партијата која до пред само неколку години се претставуваше како носител на нова политичка енергија, СДСМ денес се претвори во систем кој се уништува од внатре. Партијата се почесто се соочува со критики од свои поранешни функционери, а кога критиката доаѓа од луѓе кои со години учествувале во нејзината работа, тогаш таа не може да помине незабележано од граѓаните.
Еден од најгласните примери за критичкиот однос кон сегашното раководство е поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов. Тоа е човек кој долги години беше дел од највисоките партиски структури, а денес отворено зборува за состојбите во партијата. Неговите забелешки не се само лична фрустрација или политичка дистанца. Тие се симптом на пошироко незадоволство кое постојано се акумулира во редовите на СДСМ.
Со тоа што Шилегов зборува за монополизација на одлуките и за партија во која се губи внатрешната дебата, тој всушност го отвора прашањето за моделот на функционирање на СДСМ. Партијата која некогаш сакаше да се прикаже како партија со висок степен на внатрешна демократија и широка дебата, денес сè почесто е посочувана како структура во која одлуките се носат во тесен круг.
Ова не е нов феномен во политиката. Напротив, тоа е класична фаза низ која минуваат партии кои подолго време биле раководени од еден центар на моќ. Со текот на времето, политичката динамика се менува, односно дебатата се заменува со лојалност, сопственото мислење се заменува со дисциплина, а политичката стратегија се концентрира во рацете на мал број луѓе.
Тука воопшто не е важно дали таквиот центар на моќ, односно политичка фигура директно раководи со партијата или пак тоа го прави преку своја инсталација на лидерското место. Кога зборуваме за СДСМ, на сите веќе им е јасно дека Заев никогаш го нема напуштено кормилото на партијата. Тоа не е случај ниту сега, кога се во опозиција, ниту пак во времето кога Ковачевски како октроиран премиер фигурираше на чело на македонската влада.
Шилегов не е единствениот што сигнализира дека нешто не функционира во СДСМ. Во јавноста сè почесто се појавуваат критики и од други поранешни функционери. Меѓу нив е и Саша Богдановиќ, поранешниот градоначалник на Центар. Иако нивните критики се различни по форма и интензитет, заедничко им е едно нешто, а тоа е незадоволството од насоката во која се движи партијата.
Овие гласови се важни затоа што доаѓаат од луѓе кои со години биле дел од партиската структура. За очекување е тоа дека тие ја познаваат организацијата, нејзините механизми и нејзините слабости. Веројатно имаат и свои пријатели во партиските структури. И токму затоа, нивните зборови имаат поголема тежина од вообичаената политичка реторика, меѓусебните несогласувања и личните препукувања.
Постоењето на одреден степен на незадоволство е нормален дел од политичкиот живот карактеристичен за секоја партија. Но кога тоа незадоволство почнува да се артикулира јавно и кога доаѓа од повеќе страни, тогаш станува јасно дека станува збор за суштински проблем кој што е присутен. А, проблемот во СДСМ дефинитивно е присутен и повеќеслоен.
Во СДСМ денес се судираат два различни политички пристапи и две различни визии за политиката. Едната можеме да ја дефинираме како традиционален партиски модел, иако после Заев многу тешко можеме да кажеме дека таму постои унифициран традиционален политички модел. Другата се карактеризира со современ политички пристап кој се базира на сензационализам, непроверени вести, брза комуникација преку социјалните мрежи и герила активности карактеристични за начинот на функционирање на Левица. Кратко кажано, новото раководство на Филипче ја претвори „државотворната“ СДСМ, ако сакаме да бидеме цинични, во Левица од Али Експрес.
Оваа политичка структура речиси и да нема никакви допирни точки со идеолошката подлога врз која теоретски се потпира СДСМ. Секоја активност се сведува на дневна политика, дез/информации за еднодневна употреба и провоцирање на јавноста со манипулативна позадина со цел да се сврти против власта. Целта на модерното СДСМ не е да се даде понуда со која би се освоиле симпатиите на гласачите, туку да се намали поддршката за политичкиот противник и следствено на тоа како единствена алтернатива партијата да ја преземе власта.
Тоа граѓаните го гледаат и читаат, но го читаат и искусните кадри како Шилегов и Богдановиќ при што воопшто не им е тешко да ја решат равенката во која резултатот вели дека СДСМ со ваков пристап нема да може да стекне доверба кај гласачите. Тие исто така гледаат дека СДСМ полека, но сигурно влегува во сериозна политичка изолација од најважните политички процеси, играјќи единствено на картата на активирање на она што им остана од нивните прокси активисти по синдикатите и НВО секторот.
Одлуката за исклучување на Петре Шилегов од СДСМ претставува пресвртна точка, не само за него како поединец, туку и за самата партија. Ова повеќе не е прашање на различни мислења или политички несогласувања. Ова е јасна линија на разграничување. Партијата испраќа порака дека не дозволува никаков простор за толеранција на критиката во сопствените редови.
Тука и започнува проблемот!
Во моментот кога една партија ќе почне да ги решава своите внатрешни дилеми преку исклучувања, тоа значи дека просторот за дебата веќе е значително стеснет. Наместо аргументите да се судираат внатре, тие се оттурнуваат надвор. А надвор, тие не исчезнуваат, туку стануваат уште погласни. Веројатно јавноста ќе биде сведок на нови епизоди од овој судир во СДСМ во кои ќе има можност јавно да ги слушне аргументите на едната и другата страна.
Тоа е за очекување кога станува збор за фигура како Шилегов, политичар со долг стаж, со извршна функција зад себе и со сериозно познавање на партиските процеси. Неговото исклучување не може да се сведе на обична дисциплинска мерка. Тоа е политички чин со длабока симболична тежина, при што СДСМ практично признава дека внатрешниот конфликт ескалирал до ниво каде што компромисот повеќе не е опција.
Историјата на политичките партии покажува дека ваквите чекори ретко носат стабилизација. Напротив, тие често отвораат нови пукнатини затоа што незадоволството не исчезнува со исклучување. Тоа само ја менува својата форма. Денес тоа е Шилегов, утре може да биде некој друг.
И токму тука се крие суштинскиот проблем на СДСМ, односно дали ќе продолжи по патот на затворање и дисциплинирање, или ќе се соочи со причините што доведоа до оваа ситуација.
Ако изборните резултати се лоши, ако пристапот на новото раководство е контроверзен и дискутабилен, и ако на тоа им укажуваат старите и искусни кадри кои победувале во својата политичка кариера, сосема е за очекување дека исклучувањето како метод за решавање на сопствените слабости нема да донесе подобрување. Подобрување може да има само со понуда на квалитетни политики и обединување.
На крајот од денот, ако Шилегов е исклучен поради тоа што на раководството на СДСМ отворено и добронамерно им го кажува она што цел народ го гледа, им кажува за тоа какви се и што прават, тогаш раководството на оваа партија нема само проблем со своите членови, туку и со огромното мнозинство на гласачи од кои очекуваат некогаш да добијат поддршка. Со ваквите политики поддршката секогаш ќе оди на друга адреса.

Македонски

