Skip to main content

Затворен Октоберфест! Голема полициска акција во Минхен по пријави за експлозиja во која загина едно лице

Од рано утрово во северниот дел на Минхен се спроведува голема полициска и противпожарна операција, откако до службите стигнале пријави за неколку експлозии и за истрели од огнено оружје, јавуваат германските медиуми.

На местото на настанот, според извештаите, се распоредени припадници на специјалните полициски единици, како и експерти за деактивирање експлозивни направи, пишува весникот „Билд“.

Имено, како што се наведува, околу 4:40 часот утрово противпожарната служба добила пријава дека гори станбен објект, а нешто подоцна на бројот за итни случаи стигнале и пријави за силни експлозии.

При интервенцијата на полицијата, на местото било пронајдено безживотно тело на маж.

Според „Билд“, мажот наводно поставил експлозивни направи во куќата на своите родители, ја запалил, а потоа си го одзел животот. Тој носел ранец за кој полицијата се посомневала дека содржи експлозивна замка, поради што биле повикани експерти за деактивирање на бомби, кои се вклучиле во акцијата.

Германскиот весник наведува и дека друго лице со прострелни рани било пронајдено во близина на езерото Лерхенауер, за кое нема повеќе детали.

Спасувачките и полициските екипи и натаму работат на теренот, а истрагата ја води и одделот за убиства на минхенската полиција.

Припадници на полицијата и противпожарната служба, според медиумските извештаи, се распоредени во голем број по главната улица во Минхен, „Лерхенауер Штрасе“.

Полицијата апелира до граѓаните и возачите да ја избегнуваат областа, а додека основното и средното училиште на улицата „Тони-Пфилф“ остануваат затворени додека траат акцијата и истрагата за случајот, пренесува новинската агенција ДПА.  

Информациите велат дека голем облак од чад се издигал од местото на настанот и бил видлив од голема далечина.

Сепак, како што објавил портпаролот на локалната полиција, во моментов нема опасност за жителите на баварскиот град познат по фестивалот „Октоберфест“.

Од полицијата, исто така, соопштиле дека инцидентот не е поврзан со фестивалот, кој беше отворен на 20 септември и ќе трае до 5 октомври.

„Нема опасност за јавноста и настанот нема никаква врска со ‘Октоберфест’“,изјавил полицискиот инспектор Томас Шелшорн за „Билд“.

Поврзани вести