Skip to main content

Проекција на „101 отсто – кој ги контролира твоите избори?“ на „Џифони Македонија“

Џифони Македонија

Краткиот филм „101 отсто – кој ги контролира твоите избори?“ (101% – Who controls your choices?), авторско дело на Роберта Манцо, Винченцо Капоне и Иленија Лука, претставници на Италијанската државна полиција, ќе биде прикажан денеска во 17 часот во киното „Фросина“, во рамките на програмата Creative You(th) Talks. Проекцијата е од отворен тип, а по неа, ќе следува и дискусија. Филмот е посветен современите предизвици поврзани со насилството и манипулацијата преку социјалните мрежи. „Џифони Македонија“ обрнува големо внимание на едукација на младите на темата на нивната безбедност. Во 2019 година, фестивалот беше дел од проектот „Живот на социјалните мрежи“ – подвижна училница во која учениц учеа за правилно користење на социјалните мрежи, безбедноста на Интернет и заштита на животната средина, исто така во соработка со Италијанската државна полиција.

Од програмата на претпоследниот ден на „Џифони Македонија“, во 15.45 часот ќе биде организирана средба со режисерите Мартин Чичкоски и Ана В’чкова, а еден час подоцна – ќе следува средбата „Млади Европејци се среќаваат со Италијанската младинска агенција“.

На четвртиот фестивалски ден, џифонци се сретнаа со Теодора Милевска, млада активистка која работи со неколку здруженија и се бори за родова еднаквост. Таа се осврна на проблемот на менструалната сиромаштија. Таа посочи колку е важно да се зборува за родовите неправди, за планирањето семејство… Поголема јавна достапност на хигиенските влошки, намален данок, бесплатни примероци низ факултетите и на други јавни места – тоа е придобивката од борбата за оваа важна тема. Таа зборуваше и за други проблеми што го покажуваат местото на жената во општеството, а го најави и филмот Girls don’t cry, во кој фокусот е на шест девојки со различни приказни.

Милевска исто така пред џифонци ја претстави програмата United World Colleges Македонија, чиј конкурс е во тек и ќе биде отворен до 15 ноември. Програмата е поврзана со 18 UWC колеџи и е можност да се учи и да се живее со луѓе врсници од цел свет од 70 држави. Во тек се инфо сесии.

Џифонци работат под полна пареа на своите идеи низ неколку работилници.
Средношколците имаат можност да учат за кратки документарни филмови, за фотографија, видео во еден кадар, работилница за кратки филмови, за стрип, а кај основците – за перформанс и мјузикл и за краток филм.

Работилницата за документарен филм ја води младиот режисер Ханис Багашов. Работилницата се фокусира на развој на идеја и снимање на проектите самостојно, во консултација со менторот. Потоа ќе го снимаат и монтираат својот материјал сами, со цел на последниот ден да ги гледаат и дискутираат своите филмови.

Работилницата за филмска фотографија нуди 5-дневни предавања и фотографирање за креативци кои сакаат да се усовршат. Изучуваат различни визии и техники за подобри фотографии: мерење на светлина, пронаоѓање и компонирање добри кадри, создавање емоции, монохроматски стил и многу повеќе. Под менторство на Елена Бојаџиева Цветковска, професорка по фотографија, до крајот на работилницата ќе се чувствувате поисполнето и посигурно при изборот на композиција и при следното фотографирање.

Работилницата за видео во еден кадар ги воведува учесниците во основите на снимањето: како да се најде почеток и крај, дали камерата треба да се движи или стои мирно, како да се фати значајна кореографија во еден кадар? Ја водат режисерите Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов.

Работилница за краткометражни играни филмови претставува вовед во занаетот на создавање, продуцирање и изведување на тимски генерирана содржина за кратки филмови. Учесниците развиваат различни идеи и ќе пишуваат синопсиси и сценарија, кои кулминираат со снимање на неколку кратки филмови. Оваа работилница ја води Филип Лафазановски.

Работилницата за стрип /сториборд ја водат искусните професионалци и автори на стрипови Здравко Ѓиров и Давор Драмиќанин од здружението „Макстрипови“. Се изучува целиот процес на создавање стрип: од концепт и сценарио до скицирање, цртање и завршни техники.

Јуниорите во Кинотеката имаат можност да се покажат на две работилници – за перформанс и мјузикл што ја води Лада Шоптрајанова Петровска, која ги води учесниците низ процесот на создавање сценарио и кореографија за музичка изведба инспирирана од филмска музика. Втората работилница е за краток филм, а ја води режисерот Илија Павлов. Работилницата за краток филм е посветена на теоријата и техниките на кратките филмови.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Агенција за филм, Градот Скопје, Општина Карпош, Џифони Експириенс од Италија, Министерство за култура на Италија и Италијанската амбасада во Скопје, British Council преку проектот Culture and creativity for Western Balkans, Пакомак, Витаминка, Дивела и др.