
Богат викенд со работилници, разговори, филмови имаа учесниците на 14. Младински филмски фестивал „Џифони Македонија“ на двете локации – во киното „Фросина“, каде работат сениорите и кадетите и во Кинотеката – местото каде „главни“ се јуниорите. Денеска тие ќе ги привршуваат своите идеи, последни подготовки на сите работилници што се организираат во рамките на фестивалот, а утревечер, на свеченото затворање на фестивалот, ќе покажат и што сработиле.
На претпоследниот ден на Младинскиот филмски фестивал Џифони Македонија, денеска во 16 часот во киното „Фросина“, во рамките на програмата Creative You(th) Talks, младите ќе можат да се запознаат со Ирис Харма, авторка на филмот „Кој те создаде“ (Who Made You), документарен филм што ѝ пристапува од хуманистичка перспектива на една од најактуелните теми на нашето време: брзиот развој на технологијата и трансформацијата што следува со него.
Филмот им пристапува на вештачката интелигенција и технологијата со искрена љубопитност и восхит, давајќи им глас на истражувачите кои работат во оваа област. Преку прикажување на визиите на експертите и средбите меѓу луѓето и роботите, филмот ни овозможува да ѕирнеме во нашата блиска иднина.
Трифун Ситниковски беше гостин кај џифонци вчера и го промовираше неговиот филм „Шега“, кој е базиран на кратка приказна на Чехов.
Приказната е сместена во 19 век. На санка по ридот, момчето и’ кажува на девојката дека ја сака. Уште од средно школо сум ја мислел оваа приказна и си велев дека мора да има некој начин да ја адаптирам и се поврзав со мое искуство и искуство на моите пријатели и ја сместив приказната во денешно време, на железничка станица – рече Ситниковски.
Тој им објаснуваше на кој начин го снимал филмот, затоа што е специфичен и вклучува воз, кој им поминува над главните на актерите во филмот. Еден од најважните совети што им ги даде на младите џифонци беше дека доколку сакаат да се бават со филм, треба да се грижат нивната филмска екипа секогаш да биде исклучително безбедна.
Аниматорот Гоце Господиновски им раскажуваше за снимањето на анимираниот филм „Неми филмови“, што беше прикажан на програмата на фестивалот. Тоа е проект со мал буџет на кој работеа пријатели и претставници на фамилијата, рече тој. Овој филм веќе има освоено многу фестивали на светски фестивали наменети за анимација.
Ни требаа седум години за продукција на овој филм и моите деца пораснаа со овој филм, тоа не е малку време – се пошегува Господиновски.
Филмот на Ханис Багашов, „Кучињата немаат соништа“ предизвика големо внимание кај средношколците во киното „Фросина“, кои поставуваа прашања. Заедно со Ханис, гостин беше и Дениз Рустеми, актерот што ја толкува главната улога во филмот, заедно со актерката Ера Балај. Ова е еден од најдобрите филмови на младиот Багашов, кој полека ни сигурно ја гради својата кариера како режисер и раскажувач на важни приказни. Филмот го сними заедно со кинематограферот Фејми Даут.
Викендов џифини се запознаа и со програмите Glow и YMLP, кои се национални лидерски кампови каде што младите не само што учат за лидерството, туку го развиваат преку лично искуство и практична работа. Во текот на пет дена, млади од различни делови на Македонија се собираат во Битола и во Националниот парк Пелистер, каде што имаат можност да се предизвикаат себеси, да работат во тим, да уживаат во природата, да стекнат нови пријателства и да откријат како можат позитивно да влијаат врз своите заедници. Наместо класично учење, камповите се засноваат на искуствено учење, развој на лидерски вештини, активности на отворено и авантура, низ петте основни програмски столба.

Македонски


