
Централниот регистар беше меѓу првите институции кои се приклучија на платформата на интероперабилност и денес таа размена на информации меѓу институциите се одвива на стандарден, безбеден и унифициран начин, овозможувајќи услуги без хартија, без чекање и без непотребна бирократија. Централниот регистар на платформата за интероперабилност на месечно ниво прави над 100 илјади трансакции, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, на одбележувањето 24 години Централен регистар.
Централниот регистар, според Андоновски, е институција којашто 24 години е клучен мотор за движење на македонската економија и Министерството за дигитална трансформација го гледа како еден од клучните партнери и носител на визијата за модерна, транспарентна и дигитална држава.
Во изминатите две децении како држава успеавме да го изградиме Централниот регистар како симбол на модерна и ефикасна администрација, институција која денес управува со десетици регистри, нуди над 100 услуги и е прва адреса за секој што сака да започне бизнис во Македонија – изјави Андоновски.
За да постигнеме просперитетна држава во која одржливата дигитализација го подобрува животот на граѓаните, ги поттикнува напорите за борба против корупција, привлекува странски инвестии и овозможува иновации, според Андоновски, треба да вложуваме во модерни и дигитализирани институции.
Непречениот проток на информации меѓу институциите го олеснува обезбедувањето јавни услуги приспособени на потребите на граѓаните и на компаниите. Ваквата размена на информации ја зголемува ефикасноста при работењето и го зголемува задоволството од услугите кои се нудат. Во изминатите 12 месеци институцијата разви каталог на услуги за корисниците и ја интегрираше електронската идентификација преку профилот на uslugi.gov.mk, чекор што ја носи Македонија поблиску до европскиот модел на нудење на електронски услуги. Одлична е можноста сите граѓани да ги користат електронските услуги на Централен регистар преку платформата на Министерството за дигитална трансформација, ова едноставно значи дека секој граѓанин независно каде се наоѓа со еден профил може да пристапи и до Централниот регистар и до сите други институции без да памтни десетина лозинки и кориснички имиња – изјави Андоновски.
Со Централниот регистар, посочи Андоновски, заеднички работиме на идните развојни чекори во насока на целосна дигитализација на услугите, уште поголема интеграција со европските системи и создавање на услови каде младите претприемачи и инвеститорите ќе добиваат брза, сигурна и транспарентна услуга.