
Грчкиот парламент усвои закон со кој им се забранува на децата помлади од 15 години да користат социјални мрежи.
Како што пренесува Ројтерс, законот, кој стапува на сила на 1 јануари 2027 година, е донесен поради зголемената загриженост за влијанието на овие платформи врз здравјето и безбедноста на малолетниците.
Премиерот Киријакос Мицотакис изјави дека платформите имаат рок од два и пол месеци да развијат систем за проверка на возраста на корисниците и да ја осигураат заштитата на нивната приватност.
Грција е една од седумте земји-членки на Европската унија кои соработуваат со Европската комисија на изнаоѓање решение за проверка на возраста на корисниците.
Слични мерки се преземени и во други делови од светот. Минатата година, Австралија стана првата земја што законски го ограничи пристапот на малолетниците до социјалните мрежи. Од друга страна, Уставниот суд на Франција во август укина сличен закон.
Владата нагласува дека целта на овој потег е да им помогне на родителите во ограничувањето на таканареченото „бесконечно скролање“. Тие посочуваат дека оваа појава им го одзема сонот на децата, ја нарушува нивната концентрација и им го крати времето што би можеле да го поминат во дружење со пријателите.
Извор: МКД.мк

Македонски

