
Германија е цел на „интензивни“ шпионски активности, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по апсењето на украински државјанин осомничен за шпионажа во корист на Русија.
Според официјални извори, осомничениот, идентификуван како Вадим Ј., собирал воени разузнавачки информации во Германија, пишува Би-би-си.
Мерц го оцени разоткривањето на случајот како успех, но истовремено упати и предупредување.
„Да не се залажуваме – активностите на руските разузнавачки служби во Германија и понатаму се на континуирано високо ниво“, рече тој.
Оваа година во Германија беа уапсени неколку лица осомничени дека работеле за Русија и други странски сили. Германија е еден од главните европски снабдувачи на Украина со оружје од почетокот на руската инвазија во 2022 година.
Канцеларијата на германскиот сојузен обвинител во четвртокот соопшти дека Вадим Ј., чиј идентитет е заштитен согласно германските закони, бил во контакт со руската разузнавачка служба преку посредник најмалку од јули 2025 година.
Обвинителството наведува и дека тој собирал информации за „производството на оклопни возила, муниција и експлозиви“. Во петок треба да биде изведен пред истражен судија.
Во јануари во Берлин беше уапсена жена осомничена дека собирала информации за разузнавач од руската амбасада. Меѓу другите лица уапсени оваа година, според податоците на обвинителството, се и една Романка и еден Украинец. Тие се обвинети дека шпионирале лице кое од Германија испраќа дронови во Украина.
Претходно овој месец беше уапсен и поранешниот шеф на германската разузнавачка служба, Аугуст Ханинг. Тој е осомничен за шпионажа, предавство и оддавање доверливи информации на странска сила, но истражителите не објавија за која држава станува збор.
Ханинг ја предводел Сојузната разузнавачка служба (БНД) од 1998 до 2005 година, а потоа работел како приватен советник. Полицијата го уапси и поранешниот вработен во БНД, Манфред Д., кој е обвинет дека за пари му предал на Ханинг околу 2.000 доверливи документи.
Мерц во четвртокот присуствуваше на конференција во Црна Гора, каде што на маргините на собирот изјави: „Веројатно во наредните месеци и години ќе видиме уште вакви случаи“.
Претходно овој месец, Мерц и британскиот премиер Енди Бернам потврдија низа одбранбени и безбедносни партнерства. Тие опфаќаат и борба против хибридни напади и непријателски активности.
Разговорот меѓу двајцата лидери се одржа откако Германија ја обвини Русија за септемврискиот напад со дрон со експлозив врз аеродромот Лајпциг/Хале. Рускиот претседател Владимир Путин возврати со обвинување дека Германија подметнува докази за да ја обвини Русија.
Извор: МКД.мк

Македонски

