
Од почетокот на декември. полесно ќе може да се купи првиот стан. Сите оние кои досега имаа проблем со обезбедување средства за уплата за својот прв дом, од декември тоа ќе можат да го направат со помалку средства. Основен услов е тоа да им е прв стан за живеење, а не инвестиција во втор, трет стан. Во случај на купување повеќе станови, условите стануваат финансиски потешки. Имено Народната банка усвои мерки со кои од декември прв стан ќе се купува по олеснети услови, додека тие што веќе имаат дом и купуваат дополнително живеалиште ќе подлежат на построги услови за купување. Целта, според гувернерот Трајко Славески, е да им се помогне на тие што немаат сопствено живеалиште да ја постигнат целта, а истовремено и да се застане на патот на континуираниот раст на цената на становите, појава која е особено воочлива во Скопје, каде цената на становите достигна фантастични 2.000 до 3.000 евра квадрат. Со оглед на тоа дека не секој може да обезбеди кеш за купување недвижност, ова е одлична мерка за дел од граѓаните.
Новината е во тоа што отсега оние што купуваат прв стан ќе може да добијат станбен кредит од банките и со учество од 10 проценти од вкупната вредност на објектот за живеење, а за сите преостанати случаи минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15 на 25 проценти од вредноста на станот. Според гувернерот, најголема корист од новите правила ќе да имаат претежно млади лица и млади брачни парови што го немаат решено своето станбено прашање, но тоа не ги исклучува и постарите кои досега немаат обезбедено сопствен стан, односно живееле во заедница или под кирија .
За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10% од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55% за изложеноста во денари и 50% за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50% за изложеноста во денари и 45% за изложеноста со валутна компонента – вели гуверенерот Славески.
Имено, олеснувањето при купување прв стан се однесува на лицата коишто навистина немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење, за што треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат соодветни механизми за проверка и следење, коишто се детално образложени во Одлуката, која треба да биде објавена во Службен весник.
Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не „ги погодиме“ оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити -додава Славески.
Со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот.
Во заокружувањето на овој проект, свој удел има и Катастарот за недвижнини. За таа цел, за полесен пристап до кредити за прв стан, Агенцијата за катастар на недвижности го проширува Регистарот на цени и закупнини, со што во него ќе се евидентираат и цените на недвижностите содржани во преддоговорите со што ќе се следат пазарните трендови на цените, а воедно, ќе се оневозможи вештачкото зголемување на цените на недвижностите.
Соработката со Народната банка, ќе обезбеди подобра и побрза размена на информации и зајакнување на аналитичките капацитети за следење на пазарот и ќе придонесе за поефикасна поддршка на граѓаните, особено на младите луѓе, како и на брачните парови, во решавањето на нивното станбено прашање.
При подготовката на мерки од страна на Народна банка, за полесен пристап до кредити за прв стан, Агенцијата за катастар на недвижности ќе направи проширување на Регистарот на цени и закупнини, со што ќе се овозможи во него да се евидентираат и цените на недвижностите содржани во преддоговорите со што ќе се следат пазарните трендови на цените, а воедно ќе се оневозможи вештачкото зголемување на цените на недвижностите.
Во постапка е изработка на веб-сервиси за пристап (увид и продажба) до податоците од Регистарот на цени. Тие ќе овозможат онлајн увид и преземање, или продажба на податоци од Регистарот на цени и закупнини преку порталот за електронски услуги на Агенцијата за катастар на недвижности.Така, ќе се овозможи директен пристап до податоците од Регистарот на цени и закупнини на сите заинтересирани физички лица и професионални корисници за потребите на нивниот делокруг на работа (даночни одделенија во општините, судови, проценители, банки, вештаци и др.) – информираше директорот на Катастарот, Иван Живковски.
Сепак мора да се нагласи дека иако се овозможува поволноста за уплата на помалку средства за купување прв дом, останува обврската за плаќање на месечни рати за исплата на станот, кој со овие цени на недвижнините, најверојатно нема да биде пониска од 500 евра.
Автор:Александрија С. Николовска