Skip to main content

Охрид SOS: Лошо управување со животната средина во проектите за пренасочување и реставрација на реката Сатеска

Проектот за реката Сатеска во Република Македонија е контроверзен случај, кој ја потенцира корупцијата, лошото управување и системските институционални неуспеси во заштитата на животната средина. Реката Сатеска, која тече низ Охридскиот Регион – дом на Охридското Езеро, светско наследство на УНЕСКО – беше пренасочена во езерото во шеесеттите години од минатиот век. Оваа акција придонесе за сериозно загадување и еколошка штета на езерото, еден од најбиодиверзитетните слатководни екосистеми во Европа. Како одговор на тоа, Реактивната Мониторинг Мисија на УНЕСКО од 2017 година препорача Република Македонија да истражи опции за пренасочување на Сатеска кон нејзиното природно корито. Наредната мисија во 2020 година побара целосна реставрација на реката.

Со датум на потпишување 22 октомври 2019 година, проектот за Интегрирано прекугранично управување со ризици од поплави отпорни на климатски промени, финансиран од Adaptation Fund, имаше за цел да ја врати Сатеска во нејзиниот природен тек. Доколку се спроведе внимателно, ова би ги ублажило и притисоците врз биодиверзитетот на Охридското Езеро предизвикани од реката. Сепак, имплементацијата на проектот беше нарушена од корупција и институционални неуспеси, поткопувајќи ги неговите климатски цели и потенцијално предизвикувајќи штетни еколошки последици. Конфликтните цели и себичните агенди на одредени засегнати страни – почнувајќи од локалните власти до меѓународните организации – покренаа сериозна загриженост во врска со соодветноста на оценката на влијанието врз животната средина (ОВЖС) и легитимноста на процедуралните процеси зад проектот.

Едно од централните прашања и во проектите за пренасочување и реставрација на Сатеска беа значајните недостатоци во оценката на животната средина. ОВЖС, наменета за проценка на еколошките влијанија на проектот, содржи цели сегменти кои се плагијат. Клучните делови, како што се анализата на климатските промени и дискусиите за квалитетот на водата, беа копирани од застарени студии и презентираа ирелевантни податоци кои не ги решаваат тековните еколошки проблеми. Овој недостаток на оригинално истражување и анализа специфична за локацијата не само што го поткопува кредибилитетот на проектот, туку и открива длабоко ниво на небрежност во обезбедувањето дека се исполнети еколошките заштитни мерки – што на крајот им служи на предлагачите на проектот.

Министерството за животна средина, кое беше одговорно за преглед на ОВЖС, не спроведе ефикасна ревизија, туку го одобри документот без соодветна проверка. Јавните забелешки што ги искажа иницијативата Охрид ЅОЅ за време на процесот на консултации беа игнорирани, а нивните коментари мистериозно исчезнаа од официјалната евиденција. Овa отсуство на надзор од страна на Министерството овозможи проектот да продолжи и покрај неговите значителни недостатоци. Дополнително, Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, која е одговорна за надгледување на сите поголеми интервенции што би можеле да влијаат на светското наследство, беше заобиколена. Македонскиот закон налага Комисијата да биде консултирана за проекти што влијаат на Охридскиот Регион, но ова барање беше игнорирано, што дополнително го истакнува институционалното занемарување и недостатокот на соодветна постапка. Иако Одделот за усогласеност со социјалните и еколошките прашања (SECU) на United Nations Development Programme – UNDP спроведе истрага, по жалбата доставена од иницијативата Охрид ЅОЅ, и потврди многу обвинувања, таа не успеа да се осврне на основните причини за корупцијата ниту да препорача значајни реформи.

Неодамна, случајот за Сатеска беше нотиран и од Transparency International, кои го споделија и на својата официјална страница.

Поврзани вести