
НТБ Битола е дел од официјалната програма на годинешното 60. изданиеа на МТФ „Бојдан Чернодрински“ со претставата „Едмонд“ од Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски. Авторот е добитник на Пулицерова награда, а неколку пати е номиниран за Оскар.
„Едмонд“ е претстава за една ноќ во животот на Едмонд Бурк прикажана во 23 кратки сцени со препознатливиот остар јазик на еден од најдобрите современи американски, но и светски драмски автори – Дејвид Мeмет. Она што ја прави посебна оваа драма се не само кратките рафални реплики на авторот, прикажани во контекст на кризата на современиот човек, туку и режисерската постапка на Оливер Мицевски, кој решава да ја изгради претставата врз доминантната актерска естетика на Огнен Дранговски. Едмонд е човек кој една ноќ остава сè што знае во својот живот и решава дека треба да исчекори надвор од конвенциите. Тој сосема наивно, но никако невино, си игра со концептот на слобода и како бумеранг му се враќа сето она што смета дека му стои на патот. Во оваа продукција на Народниот театар од Битола имаме можност да видиме современ и актуелен прочит на драмата на Мамет, која барем за миг донесува автентична театарска приказна на македонските сцени“, стои во соопштението на проф. д-р Ана Стојаноска, уметничката директорка на фестивалот, театролог и писателка, за селекцијата на оваа претстава.
Ликот на Едмонд го игра Огнен Дранговски, а покрај него во претставата се и: Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.

Македонски




