Skip to main content

Мицкоски можни промени во Владата: Во јуни ќе се усогласуваат ставовите со коалициските партнери

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека привршува внатрепартиската реорганизација во ВМРО-ДПМНЕ, по што во текот на јуни ќе следуваат разговори со коалициските партнери околу идното функционирање и организација на Владата.

Мицкоски посочи дека неговата партија ќе настапи со сопствени анализи и предлози, но дека ќе ги слушне и ставовите на останатите партнери во владината коалиција.

„Ние како коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, според мене, на тие преговори ќе излеземе со наш став, и тој став пред сè се должи на нашите анализи. Би сакале да ги слушнеме и ставовите на останатите коалициски партнери“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по Германско-македонскиот бизнис самит 2026 во организација на АХК Македонија.

Премиерот не ја исклучи можноста владината коалиција во иднина да се прошири и со нови политички субјекти.

„Сè е можно, да“, кусо одговори Мицкоски на прашањето дали и други партии би можеле да се приклучат кон Владата.

Во однос на евентуални промени во владините ресори и функционирањето на коалицијата, особено по намалениот број пратеници на ЗНАМ, Мицкоски рече дека сè уште се прават анализи и дека конечните разговори допрва следуваат.

„Правиме анализа, се разбира. И јас лично, но и луѓето од мојот кабинет, имам некакви индикации, така што јуни доаѓа, па тогаш ќе имаме повеќе детали“, рече премиерот.

На прашањето дали веќе е утврдено кој од функционерите не ги испорачува очекуваните резултати, Мицкоски посочи дека засега немало подлабоки разговори на таа тема, но анализите се во тек.

Осврнувајќи се на позицијата на министерот Фатмир Лимани, премиерот рече дека одговорот треба да го даде раководството на коалицијата Вреди, која, како што нагласи, останува стратешки партнер во Владата.

„Тоа ќе треба да го прашате раководството на коалицијата ‘Вреди’, коешто претпоставувам и понатаму ќе биде дел од Владата, бидејќи за нас тоа е стратешки партнер“, изјави Мицкоски.

Поврзани вести