Skip to main content

Изложбата „Пчелна уметност“ од Филип Цветковиќ денеска во галеријата „Амам“ во рамки на програмата „Гевгелија-град на културата“

Во рамките на програмата „Гевгелија-Град на културата 2025“, во вторник (26.8.2025), во 21 часот, во Уметничката галерија „Амам“ ќе биде отворена изложбата  „Пчелна уметност“, од авторот доц. д-р Филип Цветковиќ.

Изложбата претставува единствен уметнички концепт кој ја спојува научната рефлексија со визуелната естетика, преку теми инспирирани од животот на пчелите-како симбол на општествената кохезија, трудољубивоста и биолошката рамнотежа, но и како потсетување на исклучително големите ризици со кои се соочуваат и пчелните и човековите заедници.Овој проект ја тематизира пчелата не само како природен феномеен, туку и како културен знак, длабоко вкоренет во митологијата, уметноста и еколошката мисла на современото доба.

Изложбата ќе ја отворат м-р по уметности Мирјана Крстева Массетти, директот на ЈОУ Дом на култура Македонија, Саша Јованов, директор на НУ Музеј Гевгелија и проф д-р Васко Шутаров директор на КИЦ Белград. 

Во каталогот за изложбата, проф. Шутаров ќе запише: „Визуелните градации во естетски префинетите уметнички дела на д-р Филип Цветковиќ, потцртани со жолто и со црно, во својата едноставна приемчивост и привлечност за окото, содржат една длабока филозофска нишка во размислата-од каде почнавме, каде одиме, до каде стасавме?! Од спокојот и складот со природата во себе и околу себе, преку отпорот, исчудувањето, тескобата, гневот и бесот, моделите во делата на Филип Цветковиќ се одраз на еден длабок цивилизациски крик, одраз на еден длабок јаз помеѓу природата и човековата цивилизација во 21 век! Во 15 шестоагални дела од циклусот „Пчелна уметност“, д-р Филип Цветковиќ манифестира една успешна приказна за интегрирање на модерната наука и модерното во уметноста, повикува на ангажираност и на науката и на уметноста за спас и враќање кон законитостите и хармонијата во природата- и сето тоа со една уметничка естетика, одмерена и отмена, каква што приличи на еден модерен научник, истражувач, уметник и човек, каков што е и тој самиот лично!“

Поврзани вести