Skip to main content

Во Крива Паланка одржана 15-та Меѓународна поетска манифестација „Лирски треперења”

На летната сцена во градскиот парк во Крива Паланка синоќа се одржа традиционалната Меѓународна поетска манифестација „Лирски треперења” во организација на Националната установа Центар за култура Крива Паланка.

Триесет и девет поети и поетеси од земјава и соседството од различни генерации читаа стихови под отворено небо пред бројната публика.

Оваа година манифестацијата бележи 15 години постоење, а ќе биде запаметена по рекордниот број учесници, што е вистински показател за тоа дека литературата и значењето на поетскиот израз се повеќе го заземаат своето место на културната сцена. Значајно место им беше отстапено пред сѐ на нашите локални, млади и надежни автори, подмладокот на литературниот клуб „Калин” што работи во рамките на нашата институција, на искусните и докажани членови, како и на гостите од Врање, Република Србија и од Ќустендил, Бугарија, но и учесниците од повеќе македонски градови: Кочани, Штип, Куманово, Скопје, рече директорот на НУЦК Крива Паланка, Сашко Додевски.

На манифестацијата настапија членови на Здружението на слободни уметнички души „Ава Јустин”, Врање, Сојуз на книжевници во туѓина и расејување, Нови Сад- огранок Врање, Читалиште „Братство 1869″, Ќустендил, Литературен клуб „Искра”, Штип, Литературен клуб „Копнеж”, Кочани, литературен клуб „Калин”, НУЦК, Крива Паланка и повеќе слободни поети од други македонски градови.

Настанот беше надополнет со музичка изведба на млади музички таленти од градот под менторство на професорката Лариса Жулина Митовски.

Манифестацијата е дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето 2025″ во организација на Општина Крива Паланка, во соработка со институциите од областа на културата.

Поврзани вести