
Како големо изненадување одекна информацијата за најавената средба помеѓу претседателите Трамп и Путин, на која ќе се разговара за војната во Украина. Во услови кога на фронтот се водат жестоки борби, со бројни загуби и на двете страни, средбата делува како вистинска најава за мир и ставање на крај на агонијата во која влезе цела Европа и целата западна цивилизација.
Во најпрестижните и највлијателните светски медиуми се прават анализи кои во детали го анализираат најавениот самит меѓу претседателите на САД и Русија, закажан за 15 август во Алјаска. Врз база на јавно достапните информации, кои што беа споделени од официјален Вашингтон и официјална Москва, се анализираат предложените точки за преговори, како и можните краткорочни и долгорочни последици врз војната во Украина. Не помалку се анализираат и ефектите кои што овој самит ќе ги има врз регионалната политика во Европа, стратешките импликации за поединечните земји членки на ЕУ, како и влијанието врз Кина и кинеската политика. Тоа е сосема разбирливо од причина што војната во Украина ниту е локална, ниту пак претставува судир помеѓу две мали и неважни земји кои немаат влијание врз соседството, регионот и пошироко.
Анализите одат од крајност во крајност, односно од оние оптимистичките дека ќе биде постигнат договор за ставање на крај на војната, па се до оние кои што предвидуваат само средба која нема да обезбеди финален исход и крај на војната. Според наше мислење, малку е веројатно да се најави, а уште помалку да се одржи средба на највисоко ниво доколку веќе нема постигнато одреден договор меѓу Трамп и Путин. Секое нивно среќавање без исход кој треба да предизвика сериозна или радикална промена на постоечката ситуација ќе биде несериозно и погубно за двајцата претседатели. Според логиката на нештата, секоја средба на врвот претставува финална фаза на една долготрајна дипломатска активност, која што се одвивала зад затворени врати и која треба да даде реални резултати на линија на заложбите и изјавите на учесниците на средбата.
Ако судиме според генералните изјави кои што во континуитет ги слушаме од Трамп и Путин, не е тешко да заклучиме каков ќе биде исходот од средбата на Алјаска. Трамп уште во предизборната кампања ветуваше дека ќе стави крај на војната во Украина. Тоа претставува едно од неговите изборни ветувања кое во одреден процент влијаеше на исходот од претседателските избори во САД. Згора на тоа, ако ги ставиме на маса енормните трошоци за опрема и вооружување кои што ги имаше администрацијата на Бајден, кои како воена помош беа насочувани кон Украина, нивното стопирање претставува уште еден приоритет на актуелниот американски претседател, Трамп. Од тие причини, сосема е логично да се очекува дека крајот на војната во Украина ќе биде сериозна опција која ќе произлезе од состанокот на Алјаска.
Но која ќе биде цената за тоа?
Путин и Русија не прифатија и не прифаќаат никаков прекин на огнот, ниту пак некакво краткорочно примирје кое што може да и овозможи на Украина консолидација на силите. Ако судиме според изјавите на рускиот претседател, мирот е возможен само доколку Украина се денацифицира, остане надвор од НАТО, а областите кои што имаа референдум за отцепување и беа прогласени за руски територии од страна на руската Дума, да и припаднат на Русија. Тоа се руските услови и со такви позиции Путин заминува на Алјаска.
Дали дипломатијата веќе ја има завршено сопствената работа со извесен исход од средбата или пак ќе биде само некаква меѓуфаза за купување време и обострана политичка корист за внатрешна употреба на двајцата претседатели, останува да видиме. Во принцип постојат неколку можни сценарија кои се антиципираат како евентуален исход од самитот на Алјаска.
Според првото сценарио можно е да се постигне договор за замрзнување на судирот. Тоа предвидува замрзнување на линиите на фронтот со формално признавање на фактичката контрола на Русија над делови од Донбас, Запорожје, Херсон и Крим. Ова сценарио е политички неприфатливо за Украина, иако состојбата на теренот диктира услови кои се во спротивност со украинската позиција. Ова би ги одложило решавањето на клучните прашања и потенцијално би овозможило Русија да го консолидира сопственото влијание на теренот, додека Украина останува во дипломатска агонија.
Второто сценарио предвидува времен прекин на воените дејствија, дополнет со политичка рамка во која е предвидено постепено отворање на преговори за статусот на спорните територии под меѓународен надзор. До сега, секое времено запирање на непријателствата беше одбивано од страна на Русија и сосема за очекување е дека и овој пат ќе се случи истото.
Третото сценарио на средбата и дава само формална димензија, без да има суштински исход од неа. Според ова сценарио, средбата би поминала без конкретен договор или пак само со некаков симболичен договор. Би се понудиле некакви декларативни решенија кои не ги адресираат суштинските политички и територијални прашања. Како што претходно рековме, ова сценарио ќе има краткорочно значење и ќе стави акцент на политичките поени кои што двајцата лидери треба да ги стекнат на внатрешен план.
Средбата на Трамп и Путин може да има сериозно влијание, како на состојбата во Украина, така и врз геополитичките и безбедносни движења во светот.
Во однос на американско-руските односи, доколку средбата меѓу Трамп и Путин резултира со директен договор, тоа би можело да ја промени глобалната перцепција за американската надмоќ. Во услови кога САД е доведена во ситуација на директни преговори со Русија, тоа може да ја смени рамнотежата на влијанија, особено кај оние земји кои бараат алтернативи на сојузите со Западот. Ако Трамп успее да договори барем прелиминарни резултати со Путин, тоа во САД може да се претстави како дипломатски „успех“, но истовремено постои ризик од ерозија на довербата кај традиционалните западноевропски сојузници. Ова последново е особено за очекување во услови кога западните партнери се исклучени од процесот.
Европската унија се наоѓа во двојна позиција. Голем дел од земјите членки го поддржуваат украинскиот територијален интегритет и инсистираат на украинско учество во преговорите. Од друга страна, дел од земјите се приклонуваат кон дипломатско решение кое би можело да произлезе од средбата Трамп-Путин и кое би можело да ги ублажи економските и енергетски притисоци врз Европската унија и континентот. Европската комисија и некои клучни држави, особено Германија, Франција и Полска, постојано повторуваат дека Украина мора да седне на маса и да има слобода на одлучување. За ЕК и овие земји е неприфатливо да се договараат судбински решенија без согласност на Киев.
Кога зборуваме за најмоќната членка на ЕУ, Германија, таа е веќе насочена кон енергетска преориентација од претходната „зависност“ од рускиот гас и останатите енергенси. Политичките поделби кои што постојат во земјата поради односот кон Русија, го ставаат официјален Берлин под притисок од домашната јавност за прашањата поврзани со стабилноста и економската сигурност. Но, доколку договорот меѓу Трамп и Путин ќе значи намалување на конфронтацијата, официјален Берлин сепак би можел на крајот од денот да го оцени тоа како практичен излез.
Франција инсистира на дипломатски процес каде што Украина би била рамноправен учесник. За потсетување, Франција и нејзиниот претседател беа лидери во заговарање на идејата за испраќање на воени трупи на украинска територија во времето на администрацијата на Бајден.
Интересно е тоа што Британија во текот на целата војна делуваше како ментор на Украина, но овој пат, судејќи според изјавата на премиерот Стамер, по се изгледа дека Обединетото кралство ќе се приклони кон решението кое ќе го издејствува претседателот Трамп.
Полска и балтичките држави се буквално на првата огнена линија и разбирливо е дека најостро ќе го критикуваат секој договор што ја легитимира руската експанзија. Тие би се обиделе да ги мобилизираат сите постоечки механизми, особено НАТО и ОБСЕ за да обезбедат јасни безбедносни мерки и продолжена поддршка за Украина.
Италија, Шпанија и други членки на ЕУ и НАТО од југот на Европа, може да имаат помал интензитет на реакција, но нивните влади ќе мора да балансираат помеѓу економските интереси и јавното мислење.
Од тука произлегува еден општ заклучок во однос на европските земји. Некои би прифатиле компромис за да ја избегнат долготрајната економска штета, други пак би го сметале тој компромис за опасен преседан. Ваквата поделеност може да ја зголеми поларизацијата во ЕУ и да ја отежне координацијата на надворешната политика, која и така не изгледа доволно координирано во однос на далеку поедноставни прашања од она во Украина.
Каде е тука Македонија?
Разбирливо е тоа дека Македонија не е фактор во ваквите големи игри. Но, како глас на разумот кој се залага за мир, може да претставува уште едно камче плус во мозаикот кој го сочинуваат сите останати на кои мирот им е приоритетна определба. Впрочем, премиерот Мицкоски беше единствениот кој што пред една година, кога сите во ЕУ говореа за воени решенија, на средбите со Урсула фон дер Лајен говореше за мир и дека најдоброто решение за војната во Украина е токму мирот.
Како средбата ќе влијае врз Кина и кинеските интереси?
Кина, иако на некој начин е најголемиот добитник од војната во Украина, војна која што ја исцрпува целокупната западна цивилизација, ја поздрави шансата за дијалог меѓу САД и Русија. Кина на тоа гледа како на шанса за глобална стабилност и можност за унапредување на трговската и енергетската соработка со Русија. Ако договорот доведе до пониски енергетски тензии и олеснување на санкциите, Пекинг би го искористил тоа за да го продлабочи партнерството со Москва и да обезбеди поевтини енергетски извори.
Како ќе влијае договорот врз внатрешна политика во САД и какви импликации ќе има во односите на САД со европските земји?
За Трамп и неговата администрација, евентуалниот договор, кој ќе стави крај на воените дејствија, ќе биде претставено како негово лидерско постигнување и исполнување на предизборните ветувања. Договорот би претставувал политички капитал за внатрешна употреба, како и сериозна можност за реформирање на надворешната политика. Од друга страна, компромис што ќе ја остави Украина како губитник, ќе предизвика сериозна тензија со традиционалните сојузници и ќе ја намали американската доверливост во очите на партнерите. Политиката на Трамп и неговата определба за директни преговори со Путин, може да ги прекрои партнерствата и да ги натера европските лидери да преземат повеќе самостојни иницијативи, или пак напротив, да се приближат уште поблиску кон САД. За ова последново гледаме бројни примери во поедини политичари, лидери и генерални секретари на меѓународни организации и алијанси, кои критиките кон Трамп преку ноќ ги заменија со целосно сервилен однос.
Средбата Трамп–Путин има потенцијал да донесе некаков мир или моментален и кревок прекин на борбите. После објавата за нивната директна средба на Алјаска, нема враќање назад. Секој евентуален неуспех, почнувајќи од евентуалното неодржување на самитот, па се до фијаско на преговорите, ќе испрати загрижувачка порака. Ќе испрати порака дека дипломатиите на најмоќните лидери, заедно со нив двајцата лично, се несериозни и неодговорни. Тоа ќе биде сериозен удар за западната цивилизација која се протега од Алјаска до Камчатка, и која трпи сериозни загуби во целост, независно од страната на фронтот.
Трамп и Путин мораат да најдат решение! Тоа решение треба да стави крај на загубата на човечки животи и на огромната штета која што ја трпиме сите кои што сме дел од оваа цивилизација. Америка, Европа и Русија водат залудна војна која и овозможи на Кина дополнителна економска и технолошка експанзија, а во блиска иднина и целосна доминација. Војната некогаш мора да престане. Подобро порано отколку подоцна. Секое нејзино пролонгирање ќе ја направи некогаш супериорната и технолошки напредна западна цивилизација во олдтајмер, антика и ретро туристичка атракција за богатите кинески туристи кои ќе се сликаат по плоштадите на европските и американските градови… како некои од нас денес во Куба.