Skip to main content

Лазар Ристовски: Никогаш не сум сакал да им солам ум на другите и да им држам предавања

Република / Јани Бојаџи и Лазар Ристовски

Никогаш во животот не сум одржал мастерклас. Имав неколку повици да го направам тоа, но едноставно никогаш не сум сакал да им солам ум на другите и да им држам предавања. Затоа никогаш не сакав да предавам и да бидам професот по глума, а имав понуди, изјави денеска на прес-конфренција во Скопје познатиот српскиот актер Лазар Ристовски.

Денеска, на 7 август, почнува четвртото издание на Фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“ кој ќе трае до 12 август во Дојран. Оваа година вторпат ќе биде доделана наградата „Мето Јовановски“ за високо актерско достигнување во уметноста на филмот, на актер од Балканот и Медитеранот, а лауреат е Ристовски. Тој ќе одржи мастерклас на Фестивалот и како што кажа на денешната средба со новинарите, никогаш до сега тоа не го сторил.

Ристовски, кој има богата пет децениска кариера како актер, режисер, продуцент, говореше за глумата како професија, за соработката со големите имиња во театарот и филмот, искуството кое го собирал низ годините, за понудите да биде професор по глума.

Причините се различни, една од нив е што никогаш, и во основното и во средното училиште, а потоа и на факултет, никогаш 100 отсто не им верував на своите наставници и професори. Знаењето е променлива категорија, знаењето е нешто што е наука, а науката е исто така променлива. Секогаш бев критичен кон учителите, а посебно на факултет и често поради тоа ме бркаа од часови, вели Ристовски.

Во богата и плодна кариера Ристовски играше и во два македонски филма, „Јазол“ и „Збогум на дваесетиот век. Добитник е на бројни награди и признанија на речиси најголемите филмски фестивали во светот, на Балканот, Медитеранот и во Србија. Тој е основач и директор на филмскиот фестивал „Дуго село“ кој се одржува во Војводина.

Многу сум среќен и ми причинува задоволство што сум тука, на овој интересен и оригинално конципиран Фестивал „Преку езерото“, изјави Ристовски.

Вели дека е најтешко е да зборуваш за себе.

Кога ќе слушнам дека некој говори за мене, ми се чини дека се зборува за некој друг, јас едноставно ги заборавам работите кои сум сработил. Мене секогаш ме интересирал начинот на работата, секогаш давав се од себе додека трае процесот, а потоа, кога ќе дојдат премиерите, црвените килими, не се чувстувавам најпријатно, ниту пак тоа многу ме интересира. Можеби, кога бев помлад, тоа за мене имаше некакво значење. Но, еве скоро 50 години се занимавам со глума и со сите други работи околу глумата, така што се она што доаѓа после, се помалку ме интересира. Во последно време глумам се поретко, нема големи предизвици. Имав среќа да работам со неколкумина кои се дел од светската елита и во театарот и на филм, вели Ристовски.

За глумата вели дека е тешка професија, како и секоја друга кога се работи професионално.

Нашата работа е специјално тешка, бидејќи нашата алатка е нашето тело, нашата психа. Разликата во актерите е во тоа колку се подготовени да ‘копаат’ по својата психа. Оние кои се храбри, копаат подлабоко, посилно и тие излегуваат поголеми актери, смета Ристовски.

Во чест на лауреатот, на првиот ден од фестивалот во Амфитеатарот во Дојран ќе биде претставен големиот актер, ќе биде прикажан негов одбран филм и потоа ќе следува разговор со Лазар Ристовски во кој ќе може да се вклучи и публиката.

Избрана селекција од најголемите остварувања на Ристовски како негово претставување ќе има и во Гевгелија, каде во три вечери ќе бидат прикажани три избрани филмови на Ристовски.

Поврзани вести