Skip to main content

Танцова претстава „Ајде“ на Игор Киров и Бојан Мицев

Во вторник, на 8 јули во Театар Комедија во 20,30 часот ќе биде изведена танцовата претстава „Ајде“ чии кореографи се Игор Киров и Бојан Мицев. Драматург е Ана Ристоска Трпеноска. Настапуваат танчерите: Јована Зајкова, Лука Ѓорѓиевски, Илијана Данилов, Нина Петрушевска, Андреј Димоски и Бојана Арсовска.

Претставата е дел од програмата на 46. издание на фестивалот Скопско лето.

Танцовата претстава „Ајде!“ нè води низ богатата музичка култура на ромската заедница. На најзначајниот ден во годината, Едерлези или Ѓурѓовден — денот на радоста, кога се слави будењето на природата, почетокот на новиот живот, пријателството и заедништвото, се раѓа една нова љубов. „Ајде!” преку препознатлив ритам и музика, со танц, раскажува за неостварена љубов во доминантно патријархална средина и ја оживува ромската музика и фолклор на сцената. Претставата има за цел да ја подигне свеста за вредноста на животот, личната слобода и општествените норми во современиот контекст, се вели во најавата за претставата.

„Ајде“ е во продукција на Motion Network Штип, ко-продукција: Центарот за култура „Ацо Шопов” Штип, во соработка со ДМБУЦ „Илија Николовски Луј” Скопје.

Поврзани вести