
Во рамки на новото издание на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува – една година Влада“ гостуваше министерот за локална самоуправа, Златко Перински. Тој истакна дека само по една година од формирањето на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните веќе ги чувствуваат резултатите од ефикасното, посветено и отчетно работење. Тој додаде дека затекнале руиниран систем без контрола и одговорност, но сепак успеале да ја санираат наследената нефункционалност. Министерот посочи дека Министерството за локална самоуправа ја започнало својата работа со јасна визија – рамномерен регионален развој и подобар животен стандард за сите граѓани.
– Она што го наследивме беше еден руиниран систем во целост. Државата во изминатиот период функционирала во некоја инерција, практично немало никој ни да мониторира, ниту да контролира одредени процеси и мене ми е навистина жал што е така. Можам да кажам дека сум горд што сум дел од оваа Влада, затоа што изминатите 12 месеци, мислам дека постигнавме многу. Пред сè, успеавме да ги детектираме аномалиите коишто се однесуваа на сите нивоа на власт. Она што е битно, е што ресорот којшто го предводам навистина во изминатите години беше ресор оставен на маргини на функционирање на Владата. И токму заради тоа што во изминатиот период не било посветено внимание во овој ресор, нас ни се случува сега концентрација на население во поголемите и урбани центри, а празнење на помалите и рурални средини што е навистина исклучително поразително за една држава. Ги согледавме аномалиите, коишто практично беа очигледни и секако креиравме предлог-решенија коишто ќе бидат базирани на одржлива основа и коишто ќе треба да бидат функционални и оперативни децении пред нас, вели Перински.
Министерот нагласи дека донесена е одлука за степен на развиеност на регионите, што претставува законска обврска што претходната власт ја игнорирала. Тој посочи дека воспоставен е нов пристап – системски, функционален и долгорочен.
– Она што ние како група на ентузијасти внатре во министерството одлучивме да го работиме во оваа прва година е да се фатиме со најкрупните теми. Во таа насока увидовме, што исто така е поразително за една држава, дека претходната влада не донела ниту одлука за одредување на степен на развиеност на регионите, што е и кршење на законска одредба. Тоа веднаш го саниравме, дециден е Перински.
Перински објасни дека во процес е создавање на ресурсен центар со три основни постулати. Тој истакна дека првиот постулат опфаќа стручна експертиза за општините, особено руралните, за спроведување на нивните надлежности. Вториот дел ќе значи перманентна обука за административниот кадар, со цел да се создаде институционална меморија и континуитет. Тој нагласи дека третиот аспект е целосна дигитализација и најави дека минимум 25 локални услуги ќе бидат интегрирани на националниот портал uslugi.gov.mk, за транспарентна, брза и некорумпирана услуга.
– Третиот аспект е процесот на дигитализација. Ние можеме да зборуваме колку сакаме за осовременување на процесите, за надминување на сите оние препреки и предизвици коишто ги носат модерните услови на живеење, но доколку процесот на дигитализација во целост не го спроведеме секогаш ќе бидеме под постојан ризик и од аспект на корупција и од аспект на ненавремено испорачување на резултати. Затоа процесот на дигитализација, којшто морам да споменам дека заедно го работиме со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски предвидува минимум 25 локални услуги коишто општините ги испорачуваат кон граѓаните да бидат дигитализирани во целост и интегрирани на единствениот национален портал uslugi.gov.mk и интероперабилни со услугите од централно ниво, нагласи Перински.
Тој истакна дека со најновите предлог-измени на Законот за локална самоуправа, се воведуваат конкретни чекори кои значително ќе ја зголемат транспарентноста и одговорноста во работењето на општините.
– Во Предлог-измените на Законот за локална самоуправа многу се придонесува кон зголемување на транспарентноста на локалните самоуправи и не само на ниво на функцијата градоначалник, туку и на ниво исто така на функцијата општински совет. Прво, го намалуваме, т.е. предлагаме да се намали прагот за поднесување на граѓански иницијативи од 10% на 5%. Второ, времето на одговор на градоначалник го намалуваме од 90 на 60. Трето, секоја дебата на Советот, или секоја седница на Совет, мора да биде јавно објавена на каналите на електронска комуникација на општините. Четврто, доколку го спроведеме во целост процесот на дигитализација веќе градоначалникот нема да има субјективитет во насока на тоа самиот да одлучува на кому ќе издаде даночно решение и кога, или на кого нема да издаде даночно решение или кога. Тоа ни е предвидено да оди по електронски пат, значи систем да генерира даночни решенија за жителите на одредена општина. И тука нема веќе субјективитет, а со тоа и директно превенираме во делот на корупцијата, заклучува Перински.