Skip to main content

Мицкоски: Одговорноста за Кочани ќе ја видиме на локалните избори, граѓаните ќе кажат што мислат

Влада

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не сака да коментира за обвинението поврзано со случајот во Кочани и повиците од СДСМ за негова политичка одговорност. Тој оцени дека станува збор за политички пораки од опозицијата и најави дека граѓаните ќе го дадат својот суд на претстојните локални избори.

Не сакам да коментирам, цело време се трудам да не ја коментирам работата на обвинителството. Во суштина, генерално станува збор за политички пораки кои што доаѓаат од опозицијата. Одговорноста ќе ја видиме по три-четири месеци, на локалните избори граѓаните ќе кажат што мислат, изјави Мицкоски по отворањето на манифестацијата „Од нива до трпеза“ што се одржува денеска во Скопје.

Тој истакна дека не очекува граѓаните да го поддржат ставот на СДСМ, оценувајќи дека нивните обиди за политички поени ќе им се вратат како бумеранг.

Тоа што мисли СДСМ е една работа, а тоа што мислат граѓаните ќе го видиме многу скоро на избори. Така што, доколку граѓаните сметаат дека јас треба да заминам и да сносам политичка одговорност, уште истиот ден тоа ќе го направам, нема да чекам како што тоа беше во 2021 година. Но, знам дека граѓаните не го делат истото мислење со СДСМ и останатите кои што се обидуваат пркеу некрофилска кампања да добијат политички поен, мислејќи дека така и мене лично и на владата ќе им нанесат штета, мислам дека тоа им се враќа како бумеранг, рече премиерот.

Обвинителството вчера поднесе обвинение против 34 физички и три правни лица обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која животот го загубија 62 лица помеѓу кои шест деца. На обвинетите им се ставаат на товар – тешки дела против општата сигурност. Помеѓу нив има сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. Поради немање доволно докази, постапката се запира за 11 лица, помеѓу кои двајца поранешни министри.

Поврзани вести