Skip to main content

Македонски лекари дел од светско истражување: Специјални очила со камери ќе им овозможат на хирурзите да го видат канцерогеното ткиво што не се гледа со голо око

Станува збор за специјални очила со модифицирани камери кои, со помош на инфрацрвена светлина и флуоресцентни маркери, овозможуваат визуелизација на туморските промени, лимфните јазли и околното ткиво

Хирурзите во иднина би можеле со помош на специјални очила со интегрирани камери да ги забележуваат канцерогените промени и лимфните јазли кои не можат да се видат со голо око, што би овозможило попрецизно отстранување на туморското ткиво и помалку инвазивни операции. На оваа технологија работат научници од САД и македонски хирурзи од Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија, а истражувањето опфаќа пациенти со карцином на дојка, белите дробови и заболувања на тироидната жлезда.

Станува збор за специјални очила со модифицирани камери кои, со помош на инфрацрвена светлина и флуоресцентни маркери, овозможуваат визуелизација на туморските промени, лимфните јазли и околното ткиво. Целта е хирургот во текот на операцијата да добие дополнителни информации за тоа каде се наоѓа зафатеното ткиво и дали по неговото отстранување останале канцерогени клетки на оперативните рабови.

Во истражувањето учествуваат проф. д-р Виктор Груев од Универзитетот во Илиноис, директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, д-р Игорче Џиковски, и вонреден проф. д-р Борислав Кондов исто така од Клиниката за тораклана и васкуларна хирургија. Нивната научна соработка трае десет години, а резултатите од едно од истражувањата се објавени во престижното научно списание „Light: Science & Applications“, дел од групацијата „Nature“ и тоа со импакт-фактор 24.0.

Проф. д-р Виктор Груев објаснува дека соработката започнала со истражување за детектирање позитивни лимфни жлезди кај пациентки со карцином на дојка. Првичните резултати од пилот-студијата, во која учествувале д-р Џиковски, д-р Кондов и нивните тимови, биле позитивни, по што добиле грант од Националната фондација за наука во САД за продолжување на истражувањето.

Соработуваме веќе десет години низ неколку проекти. Имавме неколку проекти финансирани од американската влада, кои ни овозможија да ги започнеме и да ги продолжиме овие соработки. Пред две години го започнавме овој проект за дијагностика на позитивни лимфни жлезди кај пациенти со карцином на дојка. Направивме мала пилот-студија со проф. Џиковски, д-р Кондов и целиот тим. Имавме позитивни резултати, аплициравме и добивме грант од Националната фондација за наука, што ни овозможи да ја продолжиме работата. Паралелно работевме студија и во Македонија и во Америка, на Универзитетот во Пенсилванија. Колку што учиме во Америка, учиме и тука, во Македонија. Работите што ги откриваме овде можат да се применат секаде – вели д-р Груев.

Технологијата овозможува хирургот да добие информации кои со конвенционалните методи не може да ги забележи. Со помош на камерите може попрецизно да се одредат локацијата на лимфните јазли и границите на туморската промена, но и да се процени дали целото канцерогено ткиво е отстрането.

Повеќе работи може да се видат со оваа технологија. Таа овозможува да ја одредите точната локација на лимфните жлезди, односно да имате попрецизна хирургија и да дојдете до вистинското ткиво, што е многу важно за дијагностицирањето. Со камерите користиме и реагенси, па може да видиме дали имаме позитивни маргини или не, односно да бидеме сигурни дека целото туморско ткиво е отстрането при операцијата. Тоа е првиот дел, а вториот е одредувањето на стадиумот на пациентот – објаснува д-р Груев.

Во истражувањето биле вклучени 100 пациенти. Кај карциномот на дојка и белите дробови за визуелизација се користи реагенсот ICG (индоцијанин зелено), кој се акумулира во туморската промена и овозможува таа да биде забележана за време на операцијата.

Кај заболувањата на тироидната жлезда, пак, се применува поинаков принцип. Тироидното и паратироидното ткиво имаат различни својства на автофлуоресценција, односно различно реагираат на светлина. Камерите ги детектираат овие разлики и овозможуваат нивно разликување за време на оперативниот зафат.

Соработката со американските научници започнала во 2017 година, со мапирање на лимфните јазли во пазувната јама кај пациентки со карцином на дојка.

Д-р Борислав Кондов објаснува дека соработката со американските научници започнала во 2017 година, со мапирање на лимфните јазли во пазувната јама кај пациентки со карцином на дојка. Во тоа време се користела рутинската техника со технициум 99, а новата технологија била во експериментална фаза.

Целокупната соработка датира од 2017 година, кога иницијално започнавме со мапирање на лимфните јазли во пазувната јама при заболување на дојката. Претходно работевме рутинска техника со Институтот за патофизиологија, каде што маркирањето се изведуваше со технициум 99. Разликата е во тоа што на овој начин ја користиме новата технологија, која во тој период беше во експериментална фаза. Практично, Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија стана дел од еден интернационален проект кој нè стави на светската мапа на центри што работат на овој тип прецизна хирургија – вели д-р Кондов.

Последните две години истражувањето е проширено и на тироидната патологија, каде што се користи природната флуоресценција на ткивото. Кондов објаснува дека разликувањето на тироидните од паратироидните жлезди е особено важно при операции кога треба да се отстрани целата тироидна жлезда.

Тироидното и паратироидното ткиво имаат различен спектар на автофлуоресценција. Со овој уред, односно со очилата со модифицирани камери кои детектираат посебна фракција на светлосни зраци во даден распон на нанометри, се прави разлика меѓу овие две ткива. На тој начин, за време на оперативните зафати, особено кога е неопходно да се отстрани целата тироидна жлезда, можеме да бидеме посигурни дека ќе ги зачуваме паратироидните жлезди – објаснува д-р Кондов.

Тој додава дека од оваа технологија се очекува да произлезе патент кој ќе биде во сопственост на Универзитетот во Илиноис, Урбана-Шампејн, а потоа да се работи на нејзина комерцијална примена.

Сепак, очилата сè уште не се дел од рутинската клиничка практика. Во последните две години технологијата се користи за научноистражувачки цели, а информациите што ги даваат камерите не се користат за донесување клинички одлуки и менување на текот на операцијата.

Многу е важно да се нагласи дека истражувањето подразбира неносење клиничка одлука. Можеме да ги тестираме сите својства на камерите, преку анализа на оперативниот материјал надвор од организмот, но и во жив организам, што е огромна придобивка. Нашата предност во однос на многу други национални центри е што имаме голем број пациенти со овие три патологии и можеме да бидеме референтен центар за вакви истражувања. Но, не смееме да донесуваме клиничка одлука врз основа на технологија што сè уште е предмет на научноистражувачка работа – нагласува д-р Кондов.

Последните две години истражувањето е проширено и на тироидната патологија, каде што се користи природната флуоресценција на ткивото

Проф. д-р Груев објаснува дека развојот на ваква технологија е сложен процес, бидејќи информацијата мора да биде точна и достапна токму во моментот кога хирургот треба да донесе одлука.

Можеш да направиш каква било врвна технологија, но ако не го решиш проблемот во моментот кога хирургот треба да донесе одлука, таа технологија никаде нема да заврши. Тоа се моменти во кои одлуката мора да се донесе веднаш. Технологијата треба да биде врвна, прецизна, да работи во дадениот момент и да ги даде потребните информации. Не е едноставно, бидејќи мора да бидат добри и сензорите и процесирањето. Сето тоа се случува во позадина, но ние работиме сите тие елементи да функционираат така што хирургот ќе ја добие информацијата во вистинскиот момент – вели проф. д-р Груев.

Следниот чекор е добивање одобрение од американската Агенција за храна и лекови (FDA), по што би можело да се пристапи кон сертификација и поширока клиничка примена. Д-р Груев посочува дека досегашните истражувања покажале дека технологијата прави разлика во визуелизацијата, но дека сега претстои процесот на нејзино доведување до фаза во која ќе може да се користи во секојдневната хируршка практика.

Научниот труд е објавен во септември годинава во списанието „Light: Science & Applications“, и тоа на насловната страница. Д-р Груев посочува дека списанието прифаќа помалку од еден процент од пристигнатите трудови, а процесот на рецензија и ревизија траел повеќе од година и пол.

Едно е импакт-факторот, кој изнесува 24.0., но важно е да се истакне дека ова списание прифаќа помалку од еден процент од пристигнатите трудови. Повеќе од година и пол траеја ревизиите на трудот, а самиот процес те „челичи“ – вели проф. д-р Груев.

Д-р Кондов, д-р Џиковски и проф. д-р Груев (од лево кон десно)

Додека македонските лекари учествуваат во развојот на нови технологии за попрецизна хирургија, секојдневната работа на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија покажува колкав е предизвикот со кој се соочува здравствениот систем во лекувањето на малигните заболувања.

Во текот на 2025 година на Клиниката биле регистрирани 3.174 приеми. Најголем дел од пациентите биле оперативно третирани, а меѓу најчестите заболувања се карциномот на дојка, карциномот на белите дробови и заболувањата на тироидната жлезда.

Најголем дел од приемите се однесуваат на хируршки интервенции, иако имаме и пациенти кои се примени на конзервативен третман. Од торакалниот дел најмногу работиме карцином на дојка, бенигни заболувања на дојката, заболувања и карциноми на тироидната жлезда, како и карциноми на белите дробови. На васкуларниот дел се работат заболувања на крвните садови, бајпаси, проширени вени, радиофреквентна аблација на проширени вени, ендоваскуларни процедури, потоа жртви од сообраќајни несреќи. На нашата Клиника се оперираат најголем број од карциномите на белите дробови, дојката и заболувањата на тироидната жлезда – вели директорот д-р Игорче Џиковски.

Тој посочува дека на Клиниката има листа на чекање, но пациентите со малигни заболувања имаат предност, па чекањето за нив е минимално и најчесто не надминува две недели.

Карциномот на белите дробови е меѓу најчестите и најсмртоносни малигни заболувања. Според д-р Џиковски, годишно се дијагностицираат околу 800 до 900 нови случаи, но на Клиниката се оперираат приближно 120 пациенти.

Тој вели дека во последните две децении профилот на пациентите не е значително променет, а бројот на оперативни интервенции е приближно ист. Еден од најголемите проблеми е што пациентите често доаѓаат во понапредна фаза на болеста, кога можностите за хируршко лекување се ограничени.

Кадровски и инфраструктурно сме екипирани и за наплив на пациенти – вели директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија д-р Игорче Џиковски


Не се менува профилот на пациентот, барем во последните две децении. Правиме напори да се воведе скрининг за карцином на белите дробови. Нам ни е најважно да добиваме пациенти во операбилна фаза, бидејќи од 800 до 900 новодијагностицирани пациенти годишно, оперираме околу 120 случаи. Во последните 20 години бројките се горе-долу слични, нема големи варијации. Кадровски и инфраструктурно сме екипирани и за наплив на пациенти – вели директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија.

Тој открива дека за воведување скрининг веќе се разговара со Министерството за здравство и дека постои согласност за потребата од таква програма, но за нејзина реализација се неопходни финансиски средства и време.

Разговараме со министерот за здравство, на иста страна сме, меѓутоа потребни се средства и време за да се воведе скринингот. Се надевам дека тоа ќе се случи во најбрзо време, макар и како пилот-проект, за да се почне од некаде – вели директорот на Клиниката.

Иако на Клиниката се применуваат торакоскопски, минимално инвазивни оперативни методи, нивната употреба е ограничена поради фазата во која најчесто се открива заболувањето.

Работиме торакоскопски методи, меѓутоа не толку често, бидејќи немаме доволно пациенти кај кои болеста се наоѓа во почетен стадиум. Најчесто доаѓаат кога болеста веќе зела замав и тогаш се тешко операбилни со минимално инвазивни, торакоскопски методи – објаснува д-р Џиковски.

Токму затоа, покрај развојот на нови хируршки технологии, раното откривање на малигните заболувања останува еден од најважните услови за поголем број пациенти да добијат можност за оперативно лекување.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Република

Поврзани вести