Skip to main content

„Моби Дик“, претстава и за деца и за возрасни премиерно во Театарот за деца и младинци на 26 ноември

„Моби Дик“, претстава и за деца и за возрасни во режија на гостинот од Србија Демјан Кецојевиќ премиерно ќе биде прикажана на сцената на Театарот за деца и младинци на 26 ноември (четврток) во 19 часот. Претставата, како што беше кажано на денешната прес-конфренција е наменета за деца над 10 години.

„Моби Дик“ е работена според истоиметниот безвременски роман на Херман Мелвил, еден од капиталните романи на светската книжевност. Актерите во претставата на Кецојевиќ, кој е и автор на сценските движења играат повеќе ликови. Адаптацијата е на Тијана Грумиќ, а драматург е нашата Драгана Лукан Николоски.

Кецојевиќ, како што кажа денеска со Грумиќ веќе соработувале на неколку проекти заедно и им било лесно да воспостават заеднички јазик околу адаптацијата на романот.

фото: Театар за деца и младинци

Романот, кој е напишан некогаш одамна, го доведовме во врска со денешново време и тоа не само во контекст на односот помеѓу природата и човекот, туку и на тие човечки страсти кои траат од некогаш па до денес и веројатно ќе траат засекогаш. Во претставата ние само поставуваме прашања, но не даваме никакви одговори или решенија, бидејќи тоа би било премногу. Но, од друга страна мислам дека е добро да се зафатиш со некои теми, посебно во театар, затоа што театарот покрај информација нуди и емоција и еден вид катарза или и емотивна радост и тогаш тие некои информации до нас доаѓаат на поинаков начин отколку кога гледаме само документарна програма или кога гледаме вести. Беше доста предизвикувачки едно големо дело да се спакува на вака мала сцена, посебно одредени акциони сцени, кои се случуваат на море, мислам дека тука успеавме со голем труд и дисциплина на актерите, како и на останатите соработници, и некако ми се чини дека имаме многу добар резултат, изјави режисерот Кецојевиќ.

Драгана Лукан Николоски, драматургот на претставата вели дека „Моби Дик“ го има најважниот момент а тоа е да не ѝ попува на публиката.

Претставата е направена на начин да ја вовлече публиката во самото дејство и на младите, а и на повозрасните коишто ќе ја гледаат, да им предизвика низ емпатија со тоа што го гледаат, да ги согледаат последиците на одредено однесување. И мислам дека тоа е една од најдобрите одлики што ги има оваа претстава – една убава комуникација којашто нема да предизвика кај публиката одбивност заради чувството на тоа дека некој надмено ѝ се обраќа, изјави Лукан Николоска.

Круме Стефановски по повеќе од 20 години, повторно работи во ТДМ, но не како актер, туку како музичар. Тој заедно со Кецојевиќ студирале во Белград, на Академијата за драмски уметности, биле колеги, а сега во Скопје повторно работат заедно.

​Со Дамјан имавме многу убави соработки уште на академијата и овој пат доаѓаме во различни улоги: тој како режисер, а јас како композитор. Целото искуство беше многу интересно затоа што се градеше врз база на наши разговори и на текстот којшто се препрочита неколку пати, за да на крај ги сфатиме сите динамики што треба да се постигнат – емоции на сцена, атмосфери што требаше да се изградат. Така што, се надевам дека како тим успеавме да направиме убава претстава, изјави Стефановски.

„Моби Дик“ ни се откри не само како приказна за еден човек и неговата опсесија, туку и како современа приказна за односот на човекот кон светот во кој живее, кон другите живи суштества и кон границите на сопствената моќ, вели авторката на адаптацијата Грумиќ.

фото: Театар за деца и младинци

Истовремено, и мене и на режисерот на претставата ни беше важно приказната на Мелвил да не ја гледаме исклучиво како сведоштво за некое минато време, туку да ја поврземе со ова наше време — со ненаситната експлоатација на природните ресурси и богатства, со логиката на неолибералниот капитализам што ја претвора природата во стока и профит, но и со човечната себичност и уверувањето дека светот постои само за да ги задоволи човековите потреби, додава Грумиќ.

Во авторскиот тим се уште и сценографот Андреја Рондовиќ и костимографката Александра Лалиќ, а плакатот е на Бранкица Јордановска Николовска.

Во претставата играат: Ана Левајковиќ Бошков, Мики Анчевски, Наташа Петровиќ, Никола Наковски, Ненад Митевски, Петар Стојанов и Симона Спировска.

Првата реприза е во петок, на 27 ноември, во 19 часот на сцената на ТДМ.

Поврзани вести