
Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со владина делегација, денеска оствари работна средба со главниот извршен директор на „Дојче Телеком“, Тимотеус Хетгес, и членот на Управниот одбор задолжен за Европа, Доминик Лерој.
Во делегацијата беа министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски.

На средбата биле разгледани можностите за продлабочување на соработката и потенцијални инвестиции во дигиталната трансформација. Разговорите опфатиле современи технологии во медицината и инженерството, развој на комуникациските мрежи, вештачката интелигенција и сајбер-безбедноста, како и идеи за развој на концептите „паметен град“, „безбеден град“ и безбедна држава.
Соговорниците размениле мислења и за европската конкурентност, безбедноста и дигиталниот суверенитет. Во фокусот биле и капацитетите во областа на cloud технологиите, вештачката интелигенција, индустриската вештачка интелигенција и сајбер-безбедноста – области што се сметаат за важни за дигиталната отпорност и конкурентност.

Од Владата оценуваат дека средбата отвора можност за натамошно унапредување на соработката со една од водечките европски телекомуникациски компании и за разгледување современи технолошки решенија за дигиталниот развој на државата.

Македонски




