
Хрватска денеска, 3 ноември, одбележува Ден на национална жалост по смртта на пејачот Мате Мишо Ковач, кој почина на 85-годишна возраст.
Во знак на почит кон еден од најпознатите музичари во земјата и регионот, државните знамиња се спуштени на половина копје.
Официјалната комеморација и погребот се закажани за утре, 4 ноември, во Загреб.
Последното збогување со Ковач ќе се одржи денеска во Сплит, на стадионот „Пољуд“, со почеток во 16 часот. Навивачите на Хајдук и неговите почитувачи ќе имаат можност да му оддадат почит преку песните што го одбележаа неговиот живот и кариера. Организацијата ја преземаат фудбалскиот клуб Хајдук, навивачката група Торцида и Хрватската музичка унија.
Ковач е роден на 16 јули 1941 година во Шибеник, а музичката кариера ја започнал во раните шеесетти години. Во текот на речиси пет децении кариера продал повеќе од 20 милиони плочи и станал еден од најпопуларните изведувачи на забавна музика во Хрватска и поранешна Југославија.
Неговите песни, меѓу кои „Ostala si uvijek ista“, „Ako me ostaviš“ и „Dalmacija u mom oku“, оставија траен белег во музичката култура на регионот. Особено блиска била неговата врска со Далмација и фудбалскиот клуб Хајдук, чии навивачи со децении ги пееле неговите песни на стадионот.

Македонски




