
Во рамки на работната посета на Германија, премиерот Христијан Мицкоски остварил средба со Хендрик Вуст, премиерот на сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија. Во разговорите учествувале и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Според Мицкоски, на средбата биле разгледани досегашната соработка, поддршката и можностите за нејзино продлабочување, особено во економијата и привлекувањето инвестиции. Како примери за германски компании од Северна Рајна-Вестфалија што веќе работат во Македонија ги посочил „Костал“, „Кромберг и Шуберт“, „ВИК“ и „Гересхајмер“, оценувајќи дека нивното присуство покажува потенцијал за привлекување и други инвеститори.

На разговорите било истакнато и спроведувањето на заедничката Декларација за намери за соработка. Таа опфаќа повеќе области, меѓу кои економија, инвестиции, образование, култура и здравство, како и поддршка за европската интеграција на Македонија.

Мицкоски соопшти дека Вуст изразил подготвеност да ја посети Македонија. Посетата, според премиерот, би била можност за натамошно унапредување на партнерството и отворање нови перспективи за соработка.

Македонски




