Skip to main content

Полубратот на војвотката од Сасекс, Меган Маркл, под истрага за злоставување деца на Филипините

Instagram / meghan

Истражители на Филипините испитуваат дали Томас Маркл Помладиот, полубрат на војвотката од Сасекс, Меган – бил вмешан во наводни дела на сексуално злоставување деца. Истовремено, се проширува и истрагата против нивниот татко, изјави денеска филипинскиот министер за внатрешни работи, Хуанито Виктор Ремула. Според наводите, сведоци пријавиле оти млади девојчиња биле носени во домот на помладиот Маркл.

Ремула додаде дека синот засега се смета за „лице од интерес“ за истрагата, а не за осомничен.

Минатиот месец се појавија медиумски извештаи каде што се тврди дека во поранешниот дом на Томас Маркл Постариот (82), во филипинската покраина Себу, бил пронајден материјал што укажува на сексуално злоставување на деца. Маркл Постариот, кој во меѓувреме се вратил во САД, ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги „болни лаги“, јави ДПА.

Ремула наведе дека истражителите пронашле околу 7.500 фотографии и едно видео со прикази на момчиња и девојчиња од Азија, Латинска Америка и Европа, кои наводно биле жртви на сексуално злоставување.

Според локалните власти, синот предал четири кутии со предмети, меѓу коишто компјутери, мобилни телефони, хард-дискови и стари видеокасети. Минатата недела, полицијата доби судски налог за преглед на тие уреди. Меган изјави дека била „длабоко потресена“ кога обвинувањата станаа јавни. Таа рече дека за вознемирувачките обвинувања против нејзиниот татко дознала уште во 2018 и дека, со цел да ги заштити своите деца, го прекинала неговиот контакт со нив.