Skip to main content
Yku0fsbublU

Проекција на филмот „Чекор“ вечерва во Кинотека: Режисерот Кен Иизука нуди суптилно толкување на богатата традиција на јапонската семејна драма

Во рамките на „Недела на јапонски филм“ вечерва, во 19 часот, во Кинотека ќе се одржи проекција на филмот „Чекор“ во режија на Кен Иизука.

Ненадејната смрт на една млада мајка отвора длабока тага во семејството, оставајќи го таткото Кеничи сам да ја одгледува малата Мики, додека тој, тврдоглаво одбива каква било помош.
Како што Мики расте, Кеничи има малку простор за сопствено заздравување, додека несигурно се снаоѓа во улогата на родител. Тој е свесен за чувствителноста на својата ќерка и не обрнува внимание на очекувањата дека треба повторно да се ожени. Во текот на следната деценија, таткото и ќерката минуваат низ подемите и падовите на семејниот живот, кои се секогаш проткаени со тага.
Такајуки Јамада толкува трогателна улога – на татко кој останал вдовец. За разлика од суровата реалност на самохраните мајки во Јапонија кои доста често се соочуваат со финансиски проблеми, Кеничи ја задржува својата менаџерска позиција во корпорација и успева да обезбеди квалитетна грижа на своето дете; сепак, неговиот преполн распоред служи и како начин за бегство од соочување со реалноста.
„ЧЕКОР“ е адаптација на истоимениот роман на Кијоши Шигемацу, а режисерот Кен Иизука нуди суптилно толкување на богатата традиција на јапонската семејна драма.

Поврзани вести