
Од 2015-та до 2025 година загадувањето на воздухот во Скопје е намалено за околу 50 проценти. Тоа покажува дека досега преземените мерки од страна на институциите даваат резултат, но остануваат препораките да се подобри и прошири централното греење, да се модернизира јавниот превоз, да се подобрат велосипедските патеки, да се намали отпадот и да се зголемат површините со зеленило во главниот град, велат од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ).
Според ОПМ, мора да се има предвид географскиот аспект, дека Скопје е котлина опкружена од сите страни со планини, но голема улога игра и метеоролошкиот аспект.
Сите температурни инверзии во зимскиот период доведуваат до тоа загадувањето да се шири волуменски, поради што имаме зголемување на концентрациите. Сепак, од 2015-та до 2025 година бележиме намалување за околу 50% кога станува збор средногодишното ниво на загадување. Дури, според некои мерни станици, додека ги следиме средногодишните мерења, сме и под законската рамка пропишана од Министерството за животна средина и просторно планирање. Мерките што биле претходно донесени и што се носат од страна на институциите, Владата и Градот Скопје, даваат резултат. Тоа не охрабрува, како инженери и истражувачи, да продолжиме со уште поголемо темпо кон подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје.Се надеваме дека секоја година ќе имаме подобрување, изјави Андреј Стојковски, машински инженер, пред тркалезната маса на ОПМ, организирана во рамките на проектот „Чист воздух за потрошувачите: Подигнување на одговорноста на бизнисите во Скопје“.
Како што рече Стојковски, една од мерките кои дале резултат во насока на намалување на аерозагадувањето, е субвенционирањето на инвертерите.
Анализите не можат да покажат точно со кои мерки е намалено загадувањето, но ние како главна мерка ја издвојуваме субвенционирањето на клима инвертерите, односно замената на печките на дрва, котлите на цврсто гориво, со клима инвертери. По еколошкото греење на домаќинствата е број еден приоритет на институциите. Исто така, купувањето на новите 100 автобуси кои треба да се реализираат во рамките на инвестициите на Градот Скопје ќе биде од големо значење. Морам да го спомнам и БРТ (брз автобуски превоз) системот кој ќе овозможи поудобно, покомфорно и поеколошко возење на граѓаните, истакна младиот инженер.
Тој дополни дека во сите градови со слична географска конфигурација како Скопје, се забележуваат исти трендови на загадување во зимскиот период. Како пример го посочи Сараево.
Загадувањето има високи пикови во одреден дел од денот, во утринските и во ноќните часови, кога луѓето ги палат своите печки, односно се загреваат на цврста маса, на цврсто гориво. Затоа треба да одиме кон имплементација на директни мерки за подобрување на греењето и кон употреба на енергетски поефективни грејни тела и енергетски ефективни објекти.Мора да се подобри мрежата на дигиталното далечинско топловодно греење во Скопје. Тоа ќе придонесе за поеколошко загревање на домовите. Сметам дека тоа би била една од клучните мерки, но пак ќе кажам, таа е и со најголемо инвестициско побарување и најголемо времетраење на изведба. Треба да се добие и согласност од граѓаните дека сакаат да користат парно (далечинско централно греење), напомена Стојковски.
Претседателката на ОПМ, Маријана Лончар Велкова, информира дека повеќето граѓани се подготвени да инвестираат во поеколошко греење. Интересот е голем, рече, и кај фирмите.
Затоа, субвенциите во оваа област се многу битни. Субвенциите би биле нешто што би им помогнало на граѓаните да го сменат начинот на греење или ладење. Вториот сегмент е, секако, транспортот. Ги чекаме најавените нови автобуси кои треба да придонесат за помало загадување. Кога би имале подобар и почист транспорт, граѓаните нема да ги користат своите возила, особено не во периодите кога загадувањето е големо. Инаку, освен субвенции, како поддршка добро би дошле и одредени кредити со грејс период, за да се поттикнат граѓаните на енергетски ефективни уреди за греење/ладење. Ние се залагаме да има и поголем број полначи за електрични возила, рече Лончар Велкова.
ОПМ укажува дека во однос на загадувањето, и отпадот, како и зеленилото, се голем проблем.

Македонски




