
На поетот Славе Ѓорѓо Димоски и српската поетеса Радмила Лазиќ денеска им беа врачени наградите „Книжевен жезол“ за 2025-та кои традиционално ги доделува Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) во рамки на поетската манифестација „Празник на липите“. Наградите на лауреатите им ги врачија претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на ДПМ, Живко Гроздановски.
За творештвото на Славе Ѓорго Димовски (Велестово, 1959) говореше Зоран Јакимовски, кој го истакна придонесот на наградениот поет и преведувач во македонската литература, уште со неговата прва поетска книга „Гравири“ во 1979 година, како и со иницијативата за основање на „Поетска ноќ во Велестово“ која, рече Јакимовски, е поетска и културна метропола.
-Зборуваме за еден од корифеите на современата македонска поезија, поет кој има голем и далекосежен влог во неа и без кој таа не би била комплетна и на онаа високо вреднувана позиција во балканската и европската книжевност на која се наоѓа сега, рече Јакимовски, додавајќи дека Ѓорго Димовски е „врвен естетичар и маг на поетското перо“.
Заблагодарувајќи се за наградата, Славе Ѓорго Димовски истакна дека е почестен бидејќи наградата му ја доделува еснафот – Друштвото на писателите на Македонија.

-Еснафот и вашето присуство ме ставаат веќе во некои митски рамки. Сум добивал многу награди, и за животно дело, и за посебни книги, поединечни изданија, но кога еснафот те одликува и те вреднува, тоа е посебно задоволство, истакна Димовски.
За творештвото на српската поетеса Радмила Лазиќ (Крушевац, 1949) се осврна академик Катица Ќулавкова, која рече дека е инспирирана од неа и ја следи нејзината поезија од првата до последната стихозбирка. Како што рече, Лазиќ е врвна поетеса не само меѓу живите и во овој, 21 век, туку „веројатно по Десанка Максимовиќ е најдобрата поетеса на српското јазично подрачје“. Посочи и дека Радмила Лазиќ е „пресвртна точка во современата српска поезија“ затоа што во нејзиното творештво „не се среќаваат вообичаените поетски канони“.
-Таа е еден вид реформатор, придвижувач, човек кој, со голема почит кон традицијата, сака да внесе нешто ново и преку поезијата да каже нешто битно за животот и за меѓучовечките односи … Таа се буни против лажната примена на моралните норми и лажните идеали во провинцијалниот ум што владее насекаде во светот … таа е на некој начин и феминист и го покажала тоа и со многу нејзини општествени активности, и во поезијата на некој начин ја брани позицијата на жената, рече академик Ќулавкова.
Откако го прими „Книжевниот жезол“ од претседателката Сиљановска-Давкова, поетесата Лазиќ изјави дека е прекрасно што признанието го добива од жена и оти тоа „не е случаен знак и сѐ случува по некоја виша сила“.
-Се заблагодарувам многу, Македонија е мојата љубов и втора татковина. Тука ми се најдобрите пријателки, некои од нив си заминаа, а добив и нови. Имам околу себе вистински жени, слободоумни и се радувам поради тоа, истакна Лазиќ.
Претседателот на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) Живко Гроздановски во воведното обраќање на свеченоста истакна дека со оваа манифестација Скопје е во редот на светските метрополи и дека од 1997, кога станала меѓународна манифестација, поети од над 20 земји го добиле признанието „Книжевен жезол“.
Гроздановски во обраќањето посочи дека интенција на ДПМ е да се доосмисли оваа манифестација со нејзино поврзување со животната средина и тоа да биде „повик за будење и израз на отпор или револт за да се издејствуваат суштински промени во однос на околината“ од кои, рече, зависат нашите животи.
Повика да се возобнови врската што манифестацијата „Празник на липите“ ја имала со градоначалникот на Скопје, кој бил и нејзин покровител, а странскиот поет лауреат на „Книжевен жезол“ повторно да добива „клуч на градот“ како почесно признание. Рече дека треба да се реактуализира и идејата за парк на липите.
-Отаде политичките и бирократски врски со Град Скопје, ДПМ може одново да го освојува градот и тоа да биде со организација на настани во повеќе места. Низ годините „Празник на липите“ се организирал на Матка, во Старата чаршија, во Градскиот парк, МКЦ… Тоа треба да ни биде само нов поттик за „Празник на липите“, да биде празник на целиот град, истакна Гроздановски.
Манифестацијата „Празник на липите” се одржува од 1996 (од наредната 1997 година станала и меѓународна), со цел да се вреднува поетскиот опус на авторите со високи естетски вредности. Покрај наградата „Книжевен жезол“ за животно дело за домашен и за странски автор, ДПМ објавува и специјална збирка со поезија од лауреатите.