Skip to main content

Свечено отворен Канскиот филмски фестивал, Питер Џексон ја прими Почесната „Златна палма“

Филмскиот фестивал во Кан синоќа беше официјално отворен со доделувањето на наградата за животно дело на новозеландскиот режисер Питер Џексон, и со значително помалку политички изјави отколку претходните години.

Американскиот глумец Илајџа Вуд, ѕвезда од првите филмови под насловот „Господар на прстените“ зачекори по црвениот тепих пред да му ја додели Почесната „Златна палма“ на режисерот на тој филмски серијал. Џексон (64) се присети како пред 25 години во Кан донесе исечок од својот прв филм за „Прстените“, во обид да ја освои публиката која беше скептична кон неговата одлука да ја сними целата трилогија одеднаш.

– И за мене, очигледно, тоа беше нешто што ми го промени животот. Значи, до мигот кога филмот излезе, постоеше очекување кое немаше да го има ако не беше Кан, рече Џексон.

Ризикот се исплатеше бидејќи трилогијата освои 17 „Оскари“ и заработи речиси три милијарди долари. И, 25 години подоцна, „Господар на прстените“ сè уште е фактор во филмската индустрија. Со ова признание, Џексон се приклучува на елитниот список на претходни добитници на почесната награда во Кан, меѓу кои и Ањес Варда, Марко Белокио, Џоди Фостер, Мерил Стрип, Роберт де Ниро и Том Круз.

Помалку холивудски ѕвезди се појавија на црвениот тепих од вообичаено, а и политиката беше во помала мера присутна на свеченоста на отворањето на 79. издание на познатиот филмски фестивал. Минатогодишниот лауреат Де Ниро го искористи својот говор за да повика на протести против американскиот претседател Доналд Трамп. Следниот политички тон дојде од американската глумица Џејн Фонда и Гонг Ли, една од најдобрите кинески актерки, кои се појавија на сцената со неа.

– Џејн доаѓа од Западот, јас доаѓам од Истокот. Стоиме тука заедно вечерва. Тоа е магијата на Кан! – нагласи Гонг.

Фонда го искористи своето време на сцената за да го прослави филмот како чин на отпор.

– Верувам во моќта на гласот на екранот, гласот вон екранот и дефинитивно гласот на улицата, особено денес – рече холивудската ветеранка.

Канскиот филмски фестивал ќе трае до 23 мај.

Поврзани вести