
Следуваат избори во кои убедливо ќе победиме заедно и ќе испратиме порака времето на Македонија доаѓа, објави премиерот Мицкоски на говорот во Велес по повод годишнината на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Во говорот тој се осврна на неколку важни теми.
Го слушам лидерот на опозицијата вели дека СДСМ ги градела темелите на Македонија. Која Македонија Венко? Кои темели ги градевте? Онаа држава на која и го сменивте името? Онаа држава на која и го сменивте знамето, уставот…. или ја уценивте со бугарски диктат, за кој сега велите дека единственото решение е да прифатиме се што бараат Бугарите. И самите тие знаат дека проблемот не е смена на уставот, туку промена на идентитет. Јасно е како бел ден, тоа се гледа на отворена сцена, тоа секој ден го повторуваат бугарските политичари, и сите тоа го слушаме и знаеме само нашата опозиција тоа не го гледа. Уплашени се да не помине резолуцијата за македонскиот јазик, повеќе него бугарската влада. Затоа што 7 години не помрднаа со прст да ја раскажат вистината за уцените и блокадите и сопките на источниот сосед. Така се бранеа себе си и ја наведнуваа главата и кичмата затоа што така купуваа поддршка и мислеа ќе ги остават на власт, заборавајќи дека народот го има крајниот збор. И денес не ги научија лекциите, истата матрица и реторика. Бугарските позиции во Македонија СДС ги брани подобро од Ковачев во Европскиот парламент. Што само укажува дека нивната тактика е да се додворуваат на секој на меѓународна сцена, ќе прифатат се што треба само да дојдат до власт. Но тоа нема да се случи, затоа што народот добро ги препознава ваквите игри кои се директно на негова штета и штета на нашата заедничка иднина.
За барањето на ДУИ за предвремени избори.
Не сум сигурен дали ги сакаат, или толку им се брза да продолжат да бидат во опозиција. Сакам да порачам дека наредните два изборни циклуси локалните избори кои следат, и парламентарните избори-кога и да се одржат ќе биде борба за две големи работи од кои зависи иднината на државата. Првата е правдата и борбата против системот кој ги штити криминалците, втората борбата за реформи и декласирање и превоспитување на ДУИ. И како што ветив дека ДУИ ќе оди во опозиција и тоа беше моето прво исполнето ветување на оваа гарнитура така сега ви кажувам во оваа држава мора да има ред и да се почитуваат законите. Пречка за тоа е корумпираниот систем кој го затекнавме и десетиците извршители на криминалците во партиите, во институциите и во обвинителството и судството кои се составен дел од мафијата која со децении се создаваше во тој свет, поврзана со разни личности од разни партии.
За злоупотребата на СДСМ за колективни или индивидуални несреќи да создава политика од нив.
Сакам да предупредам за скриената се поголема манипулација и свесно фрлање на прашина во очите на целата јавност која се прави со темата Кочани. Таму гледаме полека како едно граѓанско движење за поддршка на Кочани полека преминува во политичко движење, каде од поддршка на жртвите од Кочани ќе видете како говорат за катни гаражи, водоводи канализации, исполнети неисполнети ветувања и се така во духот на локалните избори. Паралелно со тоа тече јавниот преки- надри суд на СДСМ каде кажуваат кој е виновен а кој не за Кочани, кој требало да му се суди, а кого не, јавно на прес конференции.
А јас нема да дозволам на грбот на напатениот народ да прават политика и безобразно да ги злоупотребуваат судбините на цел еден град. За Кочани не се помага со прес конференции, туку со дела, а историјата на СДСМ на груба злоупотреба на трагични случаи станува препознатливо портфолио на политичкото делување на оваа партија, што само покажува во каква очајна состојба е оваа партија во отсуство на реални проекти и политики со кои би го привлекле вниманието на јавноста.

Што се однесува до владината поддршка за Кочани таа ќе продолжи и воедно сакам да објавам дека интензивно работам на проект кој че биде од историско значење за градот, и ќе помогне директно за животот на секој еден жител на Кочани. Со тоа што драматично ќе се подобрат условите за живот. Деталите за овој проект на кој интензивно работат очекувам да ги соопштам многу брзо откако ќе бидат финализирани сите детали.
Победата е извесна
Сосема извесно е дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе победат и дека има шанси СДСМ да остане и без една освоена општина. Тоа за мене потврда за огромната поддршка од народот, но и огромна одговорност што значи дека мора да се има отчетност, да не се заборават вредностите кои ги имаме и ветивме на народот. Но и да се продолжи да се работи со несмалено темпо. Обврската која ја добивме од граѓаните пред се значи одговорност, која не се гледа само во начинот на кој се води политиката туку и според начинот на кој се однесувате во секојдневието. Секој еден функционер треба да има на ум дека народот живее тешко и дека мора одговорно да се однесува секој од владата кон секој еден народен денар со кој управуваме.
Свесен сум дека јавноста е сензибилизирана околу улогата на функционерите нивните ангажмани и активности и свесен сум за лошите искуства со претходните функционери 30 години наназад, со однесувањата и раскалашеноста. Оправдани се грижите кај дел од јавноста тоа да не се повтори. И иако патувањата се дел од редовните обврски на владата и се нормална работа секаде, и дел од нашата сеопфатна агенда за промовирање на државата, привлекување инвестиции, утврдување и усогласување на меѓудржавни договори, и промоција на идентитетот и националните позиции и интереси, сепак, за да не се отвара простор за сомнеж ќе предложам во периодот што следи за да нема такви недоследности секое едно службено патување од поголем карактер ќе мора да биде претходно одобрено од владата. Воедно сакам да објавам и дека ќе донесам препорака на влада да се стопираат сите трошоци за репрезентација на сите владини функционери освен оние трошоци што се за пречек на странски делегации и меѓудржавни протоколарни средби. Не смее да има некаков сомнеж во нашите намери за домаќинско и одговорно работење. Не смееме да го разочараме народот кој во нас гледа надеж за промени и враќање на сонот за Македонија која има иднина. Затоа што ветивме работа, и знам колку посветувам внимание и го слушам народот и знам дека мора да правиме разлика од се што беше порано.
Би додал и порака за функционерите од ВМРО-ДПМНЕ. Има добри примери, но има и неколку примери кои можат и мора да работат посилно. За да покажеме пример најавувам дека на секоја година ќе има ревизија на работењето на секој еден функционер. Не смее никој да заборави од каде доаѓа, од каде произлегол, кој ги донел на власт и каде ќе се вртат по власта. Не смее ниту во еден момент да се заборави на народот, мора да останате сервис и на услуга на народот постојано, и само така ќе бидете гордост и на базата партијата, и на сите кои трчале, макотрпно работеле да бидеме она што сме сега, убедливо најголемата политичка сила во државата.
Најскапото нешто што еден човек може да го остави е чистиот образ и честа на своето име и дело по кој се препознава. Тоа треба да го запамети секој еден кој денес управува со државата.
Сите ние денес стоиме на темелите што ги градиле нашите предци. Темели изградени од жртва, од пот, од соништа што се претвориле во химна. Земја што многумина ја пееле, ја бранеле и ја сакале.
Македонија не е само географија. Македонија е идеја. Македонија е вера во утрешниот ден. Македонија е зрак што не се гаси,
На оваа раскрсница од нашата историја, имаме одговорност што не смееме да ја избегнеме. Да изградиме Македонија што ќе биде праведна, силна и успешна држава. Македонија што нема да биде заложник на стравот и апатијата, туку двигател на надежта и напредокот.
Во овој момент, не ни е дозволено да се двоумиме. Ни е потребна јасна визија и цврста волја. Ни е потребно обединување околу темелните вредности: демократија, слобода, правда и достоинство.
Ги гледам младите на оваа земја. Во нивните очи гледам амбиција. Во нивните срца — неискажана љубов кон татковината. Тие се нашата иднина. Тие се нашата најголема надеж.
Но, надежта сама по себе не е доволна. Ние, генерацијата што сега води, сме должни да им создадеме држава во која нема да заминуваат со чемодани на аеродромите, туку ќе остануваат со проекти, соништa и ентузијазам.
Затоа, нека ни биде јасно: Македонија мора да успее! Не смееме да прифатиме ништо помалку. Не за нас, туку за нив — за младите што доаѓаат,заврши Мицкоски во говорот