
На 6 јуни 2025, со почеток од 18:00 часот, во Уметничката галерија во град Созопол ќе биде отворена изложбата „Графички коментари и сликарски реминисценции“ на ликовните уметници Иво Пецов и Марјан Ѕингаров. Изложените дела – графики и слики претставуваат извадок од најновите творечки преокупации на двајцата автори.
Изложбата е дел од програмата на Меѓународниот франкофонски фестивал „Солеј“, како и дел од програмата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија.
Марјан Ѕингаров е роден 1976 година во Струмица. Во 2002 година дипломирал на Националната ликовна академија во Софија. Магистерските студии ги завршил во 2005 година во Националната ликовна академија во Софија.
Реализирал девет самостојни изложби во Македонија, Бугарија и Романија. Учествувал на групни изложби во Македонија, Бугарија, Грција, САД, Англија, Шпанија, Швајцарија, Италија, Чешка, Романија.
Марјан Ѕингаров е носител на Годишната награда на Општина Струмица „Св. Петнаесет Тивериполски маченици“ за 2022 година, за особен принос во областа на културата и уметноста.
Носител на Втората награда на Четвртиот меѓународен конкурс за апстрактна уметност „21 х 21“ во 2022 година на Галерија [A] CUBE во Софија
Иво Пецов е роден 1980 година во Кочани, Република Македонија. До завршувањето на основното училиште живее во Виница. Во 1999 година, во Скопје, го завршува Училиштето за Применета Уметност „Лазар Личеноски“, отсек „Графика“. Своето академско образование го продолжува во Софија, Бугарија на Националната Академија за Ликовни Уметности, на одделот „Графика“, каде магистрира во 2005 година. Во 2010 година успешно докторира на истата академија, на одделот „Ѕидно сликарство“.
Својата ликовна уметност ја има претставено на 20 самостојни изложби во Македонија, Бугарија, Романија, Португалија и Германија. Активен е со многу учества на групни изложби во различни градови во Македонија, Бугарија, Романија, Чешка, Португалија, Шпанија, Италија. Учесник е на многубројни меѓународни ликовни колонии.
Иво Пецов е носител на Награда за графика на Годишната изложба на ДЛУМ во 2023 година, има добиено Почесна диплома на Националната графичка изложба во Пазарџик во 2023 година и Номинација за награда за графика на Биенале „Тенец“, Монтана во 2023 година.