Skip to main content

Лансирана е дигиталната база на податоци „Мониторинг на македонското модернистичко наследство“

Во периодот 2024–2025 година, Македонскиот Национален комитет на ИКОМОС, во партнерство со МАРХ – Македонска архитектура, го спроведе проектот „Мониторинг на македонското модернистичко наследство“.

Експертски тимови на МНК ИКОМОС и МАРХ извршија мапирање, валоризација и анализа на состојбата на 106 објекти кои се дел од македонското модернистичко градителско наследство со висока културна и историска вредност низ целата земја. Проектот се фокусираше на најраниот период од развојот на македонската модернистичка архитектура од 1920 до 1945 год. Оваа временска рамка ги опфаќа првите модернистички архитектонски творби во Македонија и претставува важна основа за понатамошно истражување и разбирање на архитектонските текови во XX век.

Теренските активности беа водени според посебно креирана методологија. Истите вклучуваа собирање податоци преку пополнување работни обрасци со основни податоци за градбите, опис на оргиналната и тековната состојба, вредностите, нивото на зачуваност на автентичноста и интегритетот, како и препораки за идни мерки, придружени со фотографии и GPS координати од градбите.

Сите податоци се систематизирани и документирани во дигитална база на податоци (на македонски и англиски јазик), која сега е достапна за јавноста на официјалниот веб-сајт: https://mmmn.icomos.org.mk/. Пребарувањето низ веб-сајтот е едноставно и интуитивно, со можност за пристап до информациите преку неколку различни веб-страници, достапни преку лентата за навигација.

Од Почетна се пристапува до веб-страницата Објекти, каде што може да се пребаруваат документираните модернистички објекти со примена на филтри според архитект, град, типологија и година. Веб-страницата Мапа овозможува преглед и избор на објекти според нивната географска локација, додека Архитекти нуди кратки биографии на архитектите чии дела се вклучени во базата.

Преку веб-страницата За нас посетителите можат да прочитаат повеќе за самиот проект, користената методологија и тимот кој стои зад неговата имплементација.

Проектот е реализиран со финансиска поддршка од Фондацијата ALIPH, како придружен партнер на European Heritage Hub – пилот проект предводен од Europa Nostra и ко-финансиран од Европската Унија. Оваа иницијатива е дел од поширока програма за заштита и дигитализација на културното наследство во регионот. Дигиталната база ќе овозможи препознавање, истражување за поефикасна конзервација и јавно информирање за македонското модернистичко наследство, како и подигнување на свеста за неговото значење.

Поврзани вести