
Некои луѓе сакаат тивка музика во позадина, други не можат да заспијат без целосна тишина. Некои користат ноќни светла, а други ги спуштаат ролетните до крај. Но, постои уште една работа што често ја занемаруваме – положбата во која спиеме.
Одредени пози можат да влијаат на вашето здравје и долговечност, предупредуваат експертите.
Според лекарите, најдобрата положба за долг и здрав живот е спиењето на лева страна. Ова се причините:
Му помага на мозокот да се исчисти од „отпад“
Додека спиеме, нашиот мозок го користи таканаречениот глифатичен систем за да се ослободи од штетните супстанции. Спиењето на страна, особено на левата страна, поттикнува подобра „дренажа“ и може да го намали ризикот од невролошки заболувања, објаснува д-р Хелен Месијер, специјалист за долговечност.
Ја подобрува циркулацијата
Лежењето на левата страна го намалува притисокот врз шупливата вена – големата вена што ја враќа крвта во срцето. Ова е особено важно за бремени жени и лица со срцеви заболувања, вели експертот за спиење Ендру Колски.
Подобро варење на храната
Бидејќи желудникот и панкреасот се наоѓаат на левата страна од телото, спиењето на таа страна го олеснува преминувањето на храната и ензимите и ги намалува горушицата и рефлуксот на киселина.
Го штити ‘рбетот и ја намалува болката
Ортопедскиот хирург д-р Гболахан Окубадеџо советува дека покрај спиењето на страна, треба да користите и перница помеѓу колената за да ги усогласите колковите и да го ослободите притисокот врз долниот дел од грбот.
Ако сте љубител на феталната положба – одлично! Имено, оваа положба дополнително ги ублажува болките во грбот и се препорачува за луѓе кои страдаат од дискус хернија.
Експертите се согласуваат дека спиењето на стомак е најлошо за вашето здравје. Го оптоварува вратот и ‘рбетот и го отежнува дишењето.
Ако сакате да живеете подолго, обрнете внимание на вашиот сон, но не само на положбата во која спиете. Изберете квалитетен душек, обрнете внимание на времетраењето и длабочината на вашиот сон, избегнувајте екрани пред спиење и обезбедете си пријатна и мирна средина. И ако веќе можете да изберете позиција – левата страна е добар почеток, пишува Yahoo.