
Царински службеници и мобилни царински тимови во текот на изминатите денови спречија обиди за нелегален влез на мигранти.
Службата за мобилни скенери спречи обиди за нелегален влез на седум мигранти со потекло од земји од Блискиот Исток и Северна Африка. Мигрантите се откриени при детална контрола на двe товарни возила со полски регистарски таблички, при влез во државата преку граничниот премин Богородица, каде биле сокриени во товарниот простор наменет за палети.
Во првиот камион се пронајдени четири лица, двајца државјани на Сирија, еден државјанин на Египет и еден државјанин на Ирак. Во вториот, биле пронајдени три лица, државјани на Алжир и Палестина. Во двата случаи мигрантите биле предадени на надлежните полициски службеници од граничниот премин за понатамошна постапка – велат од Царина.